Ирански бегалци изгубени во Белград
12 април 2018Последните четири ноќи тој спие во еден парк во Белград на 3700 километри далеку од дома. Се радува дека наскоро ќе има цврст покрив над главата – во еден бегалски камп. Неговото име е Араш. „Јас сум роден и израснат во Техеран исто како и моите пријатели." Араш и неговите четворица другари дојдоа во Белград пред неколку дена. „Се решивме да го напуштиме Иран и прво заминавме за Турција, па од таму во Србија, бидејќи е подобро одовде да стасаме во ЕУ."
Иранците смеат да патуваат во Турција без виза. Затоа Турција за многу млади Иранци, кои сакаат да стасаат во Европа е првата станица. Од тука потоа продолжуваат со авион во Србија. Од ноември 2017 година Иранците исто така може да патуваат без виза и во Србија, која е земја кандидат за членка во ЕУ. Образложението гласи: да се поттикне туризмот и да им се олесни пристапот на потенцијалните инвеститори.
Нови можности за патување
И тоа навистина функционира: се повеќе Иранци се воодушевени од новите можности за патување. Големо влијание има и Розбех Розбахани. Познатиот фотограф есента патуваше низ Србија и на своите следбеници на социјалните мрежи им постираше слики од „недопрената убавина на југоисточна Европа". Неговата омилена фотографија и најуспешна од оваа серија ја направи еден негов пријател: на неа се гледа стара жена којашто спонтано го бакнува Розбахани бидејќи тој ја потсеќал на син и којшто загинал во војната."
„Србија во моментов е омилена дестинација", вели Сомајех. Оваа млада жена работи во една туристичка агенција во еден богат дел на Техеран. „Нашите муштерии патуваат на далечни дестинации како Тајланд, Дубаи, Индија, Кина. Тие сега се радуваат дека можат без виза да патуваат и во Југоисточна Европа." Овие Иранци жедни за патување и авантура се само мал дел од добростоечката класа во иранското општетство. Араш и неговите пријатели не се дел од таа класа.
Во потрага по подобар живот
Јазот меѓу богатите и сиромашните во Иран е многу длабок. Невработеноста, според Меѓународниот монетарен фонд е над 12%, а од неа најпогодени се младите. Економското, социјалното и политичкото незадоволство е особено големо кај младите. Араш и неговите пријатели, Афшин, Мерхан и Саед велат дека нивниот живот во Иран „некако е доведен во опасност".
Афшин се претставува како дервиш, припадник на едно религионзно малцинство кое е потиснувано во Иран и на кои не им е дозволено ниту да студираат. „Мојот живот беше во опасност поради што морав да ја напуштам земјата," вели Саед. „Сите знаат каков е животот во Иран. Нема слобода. Еден човек сакаше да ми го откине увото бидејќи имам обетка. Таму нема иднина за мене." Овие млади луѓе сакаат подобра иднина.
„Јавна тајна е дека во овој парк во Белград и на оваа улица има многу трговци со луѓе," вели Стеван Таталовиќ од организацијата Инфо Парк во Белград. Тие ги советуваат мигрантите на нивниот пат кон Северна Европа. Според оваа организација од почетокот на визната либерализација повеќе од 6000 „ирански туристи" дошле во Србија. Голем дел од нив немаат намера да се вратат во својата земја.
Во ќорсокак
„Тие доаѓаат како туристи и се обидуваат да стапат во контакт со шверцерите кои треба да ги одведат до посакуваната дестинација, " објаснува Таталовиќ. Но овој план не успева секогаш. Бројката на Иранците кои побарале азил во Србија од ноември 2017 година постојано расте: од 290 во ноември 2017 на 431 во март 2018 година. И Араш и неговите пријатели побара азил. Поради тоа тие ќе можат да преноќуваат во еден бегалски камп во близина на Прешево.
„Иранците речиси ништо не знаат за Србија. Тие само знаат дека за да допатуваат тука не им треба виза," вели Таталовиќ. „Од друга страна тие се добро информирани за тоа како треба да се претстават за да добијат азил. Тие најчесто зборуваат дека се жртви на политички или верски прогон. Исто така меѓу нив има и такви што бараат азил како членови на ЛГБТ заедницата. Но, кога властите поставуваат поконкретни прашања тие најчесто немаат убедлив одговор поради што големиот дел од барањата за азил се одбиваат."