1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламска држава се заканува со терор на Балканот

Штефан Ошват / Е.М. Фиданоска12 јуни 2015

Западен Балкан станува порта за џихадистите. Паролите на ИД наидуваат особено на плодна почва во Косово и БиХ. Регионот е омилен и како транзитна рута. Сега ИД се заканува со терор на Балканот и врбува борци од регионот.

https://p.dw.com/p/1FfI2
Фотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

Од пред неколку дена на интернет кружи видео-снимка која потекнува од Исламска држава (ИД), продуцирана во медиумскиот центар на ИД - Хајат, која содржи, како што се вели во насловот, „порака до луѓето од Балкан“. Снимката е закана.

Млад човек со брада, со име Салахудин, најверојатно од Босна, вели: „Ако е можно ставете експлозив под нивните автомобили“. Отрујте ги неверниците, порачува тој. „Убијте ги, убијте ги каде и да се: во Босна, во Србија, во Санџак.“

Пропагандното видео укажува на промена на стратегијата на Исламска држава. Дали се отвора нов фронт, со помош на осамени извршители? Експертот за тероризам Петер Нојман од лондонскиот Кралски колеџ, оценува: „Упатени се на осамени извршители. Тие се директно повикани да извршуваат вакви шокантни акции.“

Propagandavideo IS Balkan
Од пропагандното видео на ИД за БалканотФотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

На крајот на април босанскиот град Зворник беше потресен од терористички напад. Вооружено лице уби полицаец, извикувајќи „Allahu akbar“. Напаѓачот, според наводи на властите, имал интензивен контакт со повратник од Сирија. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц бара соработка со своите колеги од државите од Западен Балкан. Тој предупредува: „Со оглед на тоа што патувањето од Европа во Ирак или Сирија се одвива пред се‘ преку Западен Балкан, а за жал и некои западнобалкански држави се плодна почва за радикализација, нашата безбедност зависи многу и од тоа колку е стабилен тој регион.“

Досега западнобалканските држави важеа пред се‘ како транзитен простор и регион каде што се повлекуваа џихадистите. Освен тоа, салафистички духовни лица регрутираат борци, главно во БиХ и Косово. Само од Косово, според безбедносните власти, се регрутирани околу 250 лица. И салафтистичките села во Босна, според експертите, претставуваат опасност. Босанскиот политиколог Ведран Џихиќ од универџитетот во Виена, вели: „Ако се погледне бројот на оние кои се регрутирани од Исламска држава во земјите околу ЕУ, тогаш одредени земји од Западен Балкан предничат, измерено според бројот на жители во земјата. Значи, тука Босна и Косово се на прво место. Во целиот регион - Босна, Косово, делови од Македонија, но и делови од Србија, со Санџак, во последните години има тенденции на радикализација. Постои опасност ваквитет енденции да се заголемуваат со оглед на константно лошите економски и социјални услови во овие држави.“

Propagandavideo IS Balkan
Од пропагандното видео на ИД за БалканотФотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

Особено перфидно во пропагандата на ИД е играњето со стравовите од војна. Калкулацијата гласи: она што функционира на избори, би требало да им се нуди и на приврзаниците на исламистите. Така, еден џихадист предупредува од нови масакри во Сребреница, Мостар и Горажде. На тоа е можно да се спротивставите само ако се приклучите на ИД, гласи пораката.

Што да се прави против џихадистите? Сите западнобалкански држави ги заострија своите кривични закони. Засилено се спроведуваат и рации. Експертот за тероризам Нојман оценува дека е добро да се примени и докажаната стратегија од фудбалскиот свет: „Мислам дека е важно на луѓето да им се земат пасошите пред да отпатуваат (...), за тоа мора да се создадат законски услови. Во Велика Британија, на пример, има такво нешто. Тоа се законски основи создадени првично за борба против хулиганите, кои би требало да ги спречат да отпатуваат на фудбалски натпревари. Апсолутен приориттеее луѓето да се спречат да патуваат.“