1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски договор на Иран и светските сили

Б. Георгиевски/ап/дпа14 јули 2015

Иран и водечките светски држави постигнаа историски договор за ограничување на нуклеарната програма. Иако поздравен како историски, договорот има многу противници

https://p.dw.com/p/1FyH0
Фотографија: picture alliance/AP Images/J. Klamar

По 18- дневни интензивни и повремено тензични преговори, светските сили и Иран денеска постигнаа историски договор за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на меѓународните санкции во вредност од милијарди долари. Договорот ќе го спречи Иран да произведе доволно материјал за нуклеарно оружје уште најмалку 10 години и наметнува нови услови за контрола на иранските нуклеарни објекти, вклучително и на воените. Договорот е и сигнал за крај на децениските непријателства меѓу САД и Иран, земји кои меѓусебно се нарекуваат „водечки спонзор на тероризмот“ и „Големата сатана“.

„Ова е историски момент“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф по последниот состанок со неговите колеги од САД, Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија во Виена. „Постигнуваме договор кој не е идеален за никого, но тоа е важно достигнување за сите нас. Денес можеше да биде крај на надежта за ова прашање. Но сега почнува ново поглавје на надеж“.

Ембаргото за оружје останува

Пробивот доаѓа по повеќе од двонеделни интензивни разговори, во кои на двапати беа пробивани роковите и кои на моменти се закануваа да бидат прекинати. Договорот е постигнат благодарение на неколку клучни компромиси.

Дипломати велат дека Иран се согласил на продолжување на ембаргото за увоз на оружје од ОН за уште пет години, но тоа би можело да биде укинато и порано доколку Меѓународната атомска агенција процени дека Иран целосно прекинал со обидите за производство на нуклеарно оружје. Сличен услов останува и за ограничувањата на ОН за трансфер на технологија за балистички проектили во Техеран, кои ќе продолжат да важат уште 8 години.

Уште еден важен договор ќе им овозможи на инспекторите на ОН да вршат притисок за посета на иранските воени бази во рамките на своите набљудувачки активности, иако иранското раководство досега остро се спротивставуваше на таква опција. Сепак, пристапот не е гарантиран и може да биде одложуван, што секако ќе им даде на критичарите за право да тврдат дека тоа му овозможува на Техеран да прикрива евентуални нелегални активности.

Österreich Atomverhandlungen mit dem Iran in Wien
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Економските бенефити за Иран се потенцијално огромни. За почеток ќе бидат одмрзнати имоти во вредност од преку 100 милијарди долари во странство, ќе биде ставен крај на ембаргото за извоз на нафта, и ќе бидат укинати повеќе финансиски ограничувања за иранските банки.

Првата европска дипломатка Федерика Могерини го нарече договорот „знак на надеж за целиот свет“.

Многу закани за договорот

Сепак, преостануваат долги преговори со кои договорот треба да се реализира во пракса, а остануваат и длабоките сомнежи на двете страни дека можните нарушувања можат да го минираат договорот. Пречките се бројни.
Во САД, Конгресот има право да го разгледува договорот во рок од 60 дена, а законодавците би можеле и да го одбијат. Иранските радикали веќе остро се спротивставуваат на уништувањето на нуклеарната програма за чиј развој земјата потроши стотици милијарди долари.

Израел веќе остро се спротивстави на договорот. Тел Авив гледа смртна опасност во иранската нуклеарна инфраструктура и во неколку наврати се закануваше дека доколку е потребно ќе преземе унилатерална воена акција.
„Договорот е тешка грешка од историски размери“, оцени израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Сунитските држави- ривали на шиитскиот Иран исто така не се задоволни. Саудиска Арабија особено веќе искажа прикриени закани дека би можела да одлучи да развива сопствена нуклеарна програма.