1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рубља, гривна или червонец?

Ина Купријанова/ Симе Недевски7 октомври 2014

Во самопрогласената „Народна Република Доњецк“ владее финансиски хаос. Луѓето веќе со месеци не добиваат плата и социјална помош. Сепаратистите сега сакаат да воведат сопствена валута.

https://p.dw.com/p/1DR7P
Фотографија: DW/I. Kuprijanova

Примероци на идната „валута на Новорусија“ веќе можат да се видат на интернет. Таа би требало да се вика „червонец“, која потсетува на советската банкнота по Октомвриската револуција. Поддржувачите на самопрогласената „Народна Република Доњецк“ се расправаат на форумите на интернет чија слика би требало да се најде на банкнотите.

За сега на подрачјето под надзор на проруските сепаратисти се користи украинската гривна, но снемува пари. Киев не може да ги исплати платите на државните службеници бидејќи е запрен платниот промет, вели Олена Петрјајева, заменичка на гувернерот на Доњецкиот регион. „Уплати на банкарските сметки се можни само на подрачјата кои ги контролира Киев“, истакнува претставничката на украинските власти.

Во меѓувреме поголем дел од вработеното население го напушти регионот во кој се водат борби. Останаа главно стари и сиромашни луѓе. Тие веќе не добиваат социјална помош од Киев. Пензии во јули не добија 150.000, а веќе во август 500.000 пензионери, соопшти управата на Доњецкиот регион.

Ukraine Donezk Alltag September 2014
Фотографија: DW/I. Kuprijanova

Луѓето во слепа улица

Ни наставниците не добиваат плата. „Постојано мислам на една колешка со дете. Таа веќе воопшто нема пари“, раскажува директорката на едно училиште во Доњецк. А и на неа, како и на многу други, им е потребна помош да преживеат. Но, за добивање помош треба со часови да се стои во ред. „Ако се луѓето подготвени со часови да стојат во ред за килограм леќа, тогаш тука навистина имаме работа со хуманитарна катастрофа“, заклучува директорката на училиштето.

Една наставничка раскажува дека таа и нејзините колеги се наоѓаат во слепа улица: „Што се однесува до платите, украинското Министерство за образование е беспомошно. Истовремено ни се закануваат со отказ ако не дадеме писмена согласност дека ќе примаме плата од 'Доњецката Народна Република'“. Но со тоа наставниците би ја признале новата власт, што многумина од нив не сакаат. Одделни колеги затоа отидоа во други украински градови да најдат работа. Т.н. „Влада на Доњецката Народна Република“ најави дека од октомври ќе почне да им исплаќа плата на наставниците. „Уште не е јасно дали тоа ќе биде во рубљи или гривни и од каде всушност ќе дојдат тие пари ако ниту една фирма во Доњецк не работи“, вели наставничката.

Пари од Крим за Доњецк?

Освен тоа, „Доњецката Народна Република“ најави дека ќе основа фонд за социјална помош. Од октомври помош би требало редовно да се исплаќа во украински гривни и тоа преку поштенските канцеларии. „Тоа ќе се финансира од разни приходи, но и од добротворни прилози од компании“, објасни т.н. „потпретседател на владата на Доњецката Народна Република“ Александар Караман. Според пишувањето на медиумите, тој некогаш бил активен во самопрогласената „Република Транснистрија“. Таа област меѓународно правно и’ припаѓа на Република Молдавија.

Парите со кои сепаратистите планираат да ја финансираат социјалната помош и платите би можеле да доаѓаат од Крим, тврди Валерија Хонтарјева од украинската централна банка. Таа претпоставува дека гривните, кои се повлечени од платниот промет на Крим кога е воведена руската рубља, ќе ги пратат во Доњецк. Во моментот на руската анексија на Крим на овој полуостров украинската централна банка држела резерви од 3,9 милијарди гривни во готово. Овие пари се сега во рацете на проруските власти.

Ukraine - Referendum der Seperatisten
Фотографија: DW

Се’ поголемо разочарување

На истокот на Украина има се’ повеќе разочарани меѓу оние кои во мај учествуваа на референдумот за независност на украинските региони Доњецк и Луганск. „Нашите политичари не плашеа со националистите и така ни ја 'продадоа' идејата за федерализам и ни ветија автономија на буџетот“, вели една жителка на Доњецк. „Сега резултатот е: тука владее страв од нови вооружени властодршци. Градовите се мртви. Морате да имате парче земја за да не умрете од глад.“

Таа е уверена дека хуманитарната помош сега ќе се дели само затоа што сепаратистите во отцепените делови на Украина во ноември сакаат да одржат избори. „Но јас веќе нема да наседнам на тој евтин поткуп“, истакнува жителката на Доњецк.