Истрага на причините за смртоносниот инцидент во Мали
27 јули 2017Двајца германски мировници загинаа во Мали откако хеликоптер на мисијата на ОН вчера се урна во пустина на северот на земјата, 70 километри од местото Гао.
Претставникот на ОН Фархан Хак рече оти и припадниците на мисијата сѐ уште ги утврдуваат деталите и причините за уривањето на хеликоптерот од типот „Тигар“. Хак рече дека местото каде што се урнал хеликоптерот мора да биде обезбедено пред да пристапи персонал, поради конфликтот со радикалните џихадисти во оваа област. Технички проблеми, човечка преоптовареност или непријателско соборување? Тим на експерти на Бундесверот се упати во Мали за да помогне во истрагата. Досега меѓутоа нема индиции дека хелокоптерот бил соборен.
Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен истакна дека смртта на двајцата војници во служба на татковината длабоко погодува и бесконечно растажува. Германија во моментов има 875 војници во мисијата на ОН во Мали, додека 134 германски војници се дел од мисијата на ЕУ во Мали. Мисијата на ОН во Мали загуби најмногу припадници од сите активни мисии на ОН.
Мисијата на ОН работи на стабилизирање во Мали по француската интервенција во 2013 година, со која се отстранети од власт џихадистите од градовите на северот на земјата.
Екстремистите претходно започнаа вооружен бунт и зазедоа делови од Мали по сепаратистичкиот бунт во северниот дел на земјата во 2012 година, кој набрзо доведе до воен удар и соборување на поранешниот претседател на државата.
Џихадистите и по соборувањето од власт во 2013 година останаа активни во регионот и често вршат напади врз војниците на Мали и на Франција, како и врз припадниците на трупите на ОН.
Шефот на мировната мисија на ОН во Мали, Жан-Пјер Лакроа, претходно годинава предупреди оти безбедносната ситуација во земјата е алармантна и дека екстремистички групи на Ал Каеда изведуваат пософистицирани напади.