1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Италија: Живот во карантин

Даниел Хајнрих
10 март 2020

Италија е по Кина најтешко погодена земја од коронавирусот. Властите во Рим, преземаат драстични мерки во борбата против заразата. Целата земја е практично во карантин. Слика од регионот Јужен Тирол.

https://p.dw.com/p/3Z8jC
Italien Coronavirus Codogno
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/C. Furlan

Јоаким Нишлер е прилично активен човек. Овој директор на хотелот „Линденхоф“, во малото туристичко одморалиште Натурно во северна Италија, недалеку од австриската граница, е страствен планинар и велосипедист. Наредните недели тој ќе има многу време за своето хоби. Хотелот е затворен поради коронавирусот.

„Повеќе немаме работа.  Ситуацијата е навистина тажна. Гости не доаѓаат или го откажуваат доаѓањето. Инаку имавме меѓу педесет и шеесет резервации на ден. Во моментов немаме ништо и едвај можеме да ги покриеме фиксните трошоци “.

Германскиот институт Роберт Кох го прогласи Јужен Тирол за ризична област уште во минатата недела а денеска предупредувањето го прошири и на цела Италија, откако властите во Рим ја прогласија целата територија на земјата како црвена зона со цел да се спречи ширењето на вирусот.

Нишлер се плаши од потенцијалните сериозни и долгорочни последици врз регионалната економија: „Вработените во туризмот кои мораа да бидат отпуштени од работа,  се првите кои страдаат поради кризата. По нив, тоа се лиферантите и занаетчиите, односно оние кои не добиваат нова работа. Ако сите овие луѓе сега купуваат помалку, на удар е и малопродажбата. Во прв ред, затоа што нема ни гости “.

Токму на тоа сега треба и да се смета. Според изјавата на Здружението на хотели и угостители во понеделникот, целата сезона на скијање во Јужен Тирол беше еден месец предвреме прекината - поради коронавирусот. До 3 април, нема да работат многу угостителски објекти и жичарници.

Italien Turano Lodigiano | Coronavirus | Straßensperre, Soldat mit Atemschutz
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Press/LaPresse/C. Furlan

Последици во секојдневието

Јасната одлука на ова здружение е само едно во долгата серија драстични одлуки кои во моментов се донесуваат во Италија. Земјата, според актуелните податоци  има најголем број заразени (близу 9200) и најголем број смртни случаи (463) по Кина, каде избувна епидемија во декември. Со затворање на многу универзитети и училишта во минатата недела, до средината на март, владата во Рим првично го става во карантин поголемиот дел од северот на земјата, што се смета за економско срце на земјата. Набргу потоа, карантинот и ограничената слобода на движење беше проширена на целата земја.

Универзитетите и училиштата ќе останат затворени до 3 април. Киносалите, театрите, музеите, спортските клубови се затворени и демонстрациите забранети. Секој што ќе ги прекрши овие строги правила може да смета на затворска казна до три месеци или парична казна од 260 евра.

Повеќе:

-Цела Италија во карантин поради коронавирусот

-Ватикан со историска промена поради коронавирусот

-Пандемија или епидемија? На вирусот тоа му е сеедно!

Даниела Задра е директор на спа-центар во Мерано, Јужен Тирол. Таа вели дека мерките што се преземаат директно влијаат врз секојдневниот живот: „Сопствениците на барови и ресторани треба да ги раздвојат масите и да осигураат дека гостите се оддалечени најмалку метар и половина едни од други“. Со тоа отпаѓа и пиењето еспресо на шанк, што е типично за Италија. Местото може да се добие само на маса, и не смее да се стои на шанк, вели Задра: „Во канцелариите се избегнуваат големи состаноци, многу работи се уредуваат преку телефон или електронска пошта“.

Барања за финансиска помош од Брисел

Италијанскиот премиер Џузепе Конте е вербално многу остар кога станува збор за мерките за борба против коронавирусот. Тој  на ширењето на вирусот гледа како на „национална вонредна состојба“. Во интервјуто за весникот „Ла Република“ во понеделникот, тој  изјави: „За да се излезе од кризата, мора да се користат сите човечки и економски ресурси“.

Конте полага надежи и во Брисел за решавањето на финансиските проблеми на Италија произлезени од кризата. Строгите европски правила за задолжување треба да бидат олабавени за да се обезбеди простор за финансиско маневрирање. Флексибилноста која ја дозволуваат буџетските регулативи на ЕУ треба да биде целосно искористена.

Но мерките преземени од италијанската влада не наидуваат  секаде на поддршка. Тоа беше потврдено и во соопштението на  министерството за правда во понеделникот: како дел од мерките за борба против вирусот, владата со вонреден декрет го ограничи директниот контакт во затворите,  меѓу затворениците и нивните роднини кои ги посетуваат. Како реакција на тоа, избувнаа немири во неколку затвори, при што загинаа шестмина затвореници. Во неколку затвори избувнаа и пожари. Синдикатото на затворските чувари соопшти дека избувнале безредија во 27 затвори низ целата земја.

„Да се прекинат синџирите на инфекција“

Во малиот туристички град Натурно, во близина на австриската граница, сепак, нема такви драматични инциденти. Директорот на хотел Јоахим Нишлер досега не забележал преголеми набавки во продавниците и големи напади на паника. Сепак, во последните денови се појави голема неизвесност кај некои гости.

„Една од нашите гостинки беше толку исплашена да не се зарази, што никогаш не дојде на рецепција. Таа дури и не се симнуваше на вечера. Ѝ ја носевме нејзината храна пред собата, на количка за сервирање. Ќе си отидевме  и ќе ѝ се јавевме на телефон дека храната е пред врата “.

Нишлер ги поздравува строгите мерки што ги спроведува владата. Остануваат уште неколку недели до почетокот на главната сезона за време на велигденските празници. А дотогаш, важи следново: „Мораме да го победиме вирусот, мора да ги прекинеме синџирите на инфекции и тоа целосно “.