Италија протера двајца Руси под сомнение за шпионажа
31 март 2021Карабинерите објавија во Рим дека уапсените ќе бидат обвинети за „сериозни злосторства поврзани со шпионажа и со државната безбедност“. Двете лица кои не биле именувани биле фатени истата вечер во Рим додека разменувале документи за пари.
Италијанската новинска агенција Анса известува дека документите биле информации од областа на воената комуникација, како што се тајни карти. Според весникот „Ла Република“, уапсениот капетан на италијанската морнарица работел во канцеларијата на началникот на Генералштабот за одбрана. Тој имал пристап до бројни доверливи документи за италијанската одбранбена политика и активностите на НАТО. Весникот „Кориере дела сера“ објави дека капетанот од Русинот добил 5000 евра во готовина.
Двајца Руси протерани
Министерот за надворешни работи Луиџи Ди Маjо зборуваше за „многу сериозна работа“ на Фејсбук. Тој најави протерување на двајца руски претставници во земјата. Тој поради инцидентот, го повикал рускиот амбасадор Сергеј Разов на итен состанок.
Повеќе:
-Откриен шпион кај портпаролот на Меркел
-Шпионажа: Германец на Русија ѝ предал скици од Бундестагот
-Шпионите на одмор во Бугарија
Руската амбасада во Рим потврди дека соработник на военото аташе е уапсен на 30 март. Сепак, човекот повторно бил ослободен поради неговиот дипломатски имунитет. Не е јасно дали тој е еден од двајцата депортирани Руси.
Според извештаите на медиумите, Министерството за надворешни работи во Москва изрази жалење поради одлуката на италијанските власти. Руската новинска агенција Интерфакс цитираше руски пратеник кој изјави дека на потегот ќе биде возвратен во иста форма.
Не е прва афера со шпионажа
Инцидентот е последен во низата обвинувања за шпионажа против Русија од страна на европските држави. Бугарија на 19 март најави обвиненија против шест свои државјани за шпионирање во полза на Русија. Во декември, Холандија протера двајца руски дипломати од земјата за наводна шпионажа.
Односите меѓу Русија и ЕУ во моментов се многу затегнати, меѓу другото и поради случајот со отруениот и подоцна затворен руски опозиционер Алексеј Навални. Сепак, Италија е една од земјите во ЕУ која сè уште има релативно добри односи со Русија.