Италија станува проблем за еврозоната
13 јуни 2019Земјите од евозоната веќе една година се заглавени околу финализирањето на проектот - банкарска и капитална унија. Напредок нема. Политичките преговори, за кои беше донесена одлука во јуни 2018 година, речиси не се ни вистински започнати, се жали заменикот на Европската комисија, Валдис Домбровски. Неговата проценка за развој на заедничка заштита за инвеститорите и штедачите во Евро-зоната е кратка и трезвена: „Нема да се постигне никаков напредок," кусо рече Домбровски. Пред се, германскиот министер за финансии, Олаф Шолц од СПД, одбива да разговара за комунитаризација на ризиците, обвинува ЕК.
Банките ги нивелираат билансите
Според Европската комисија тоа веќе не е оправдано бидејќи во меѓувреме и во Јужна Европа ризиците во билансите на банките почнаа да се намалуват, вели еврокомесарот Домбровски. Уделот на „лоши кредити“ на кои банките се уште се вадат, изнесува 3,3 проценти а во меѓувреме се преполови. Во Италија банките исто така успешно ги продаваат „нефункционални кредити“ на инвестититорите и ги отпишуваат своите загуби. Во финалната фаза од проектот Банкарска Унија е предвидено дека во цела ЕУ на сите штедачи и инвеститори им се загарантирани депозитите до 100.000 евра во случај банката да пропадне, без разлика дали живеат во Финска или Грција. До сега Германија, Холандија и другите богати ЕУ држави се противат на предлогот за „взаемна одговорност“.
Слични потешкотии има и во однос на креирањето на таканаречените „бекстопови“ – резерва што треба да се користи при ликвидација на банки во еврозоната. Се уште е спорно, кој треба да вложува средства во овој кош и како би се исплаќале во случај на банкрот. Германскиот министер за финансии сака да спречи, земји со слаб банкарски перформанси, како на пример во моментов Италија, лесно да добијат пристап до овие финансиски инјекции.
Политичка волја
Еврокомесарот Пјер Московиси, задолжен за заедничката валута „еврото“ вели дека очигледна е политичката волја за конечно справување со овие проблеми. Сега треба само да се дејствува. Пјер Москович смета дека реформите во Евро-зоната не треба да се минимизираат ниту омаловажуваат. Мора да се има доверба, нагласи Москович пред новинарите во Брисел. „Еврозоната денес е многу поголема отколку пред десет години, пред да започне финансиската криза. Тоа не смее да се заборави. " Европската комисија во заминување сака со „пријателски притисок“ да влијае врз земјите членки, да се финализира проектот банкарска унија и да се договори соптствен мал инвестициски буџет за еврозоната.
Пред се францускиот претседател Емануел Макрон притиска за овој буџет во еврозоната. Холандија како и претходно е против. Во ЕУ веќе има доволно финансиски инструменти за справување со конјунктурните промени, аргументира холандскиот премиер Марк Руте.
Италија и нејзината тврдоглава влада
Најголем проблем во еврозоната во моментов е кавгата со третата членка по големина Италија во однос на начинот на кој го води буџетот и екстремната задолженост. Еврокомесарот Московиси оваа среда уште еднаш потврди дека ЕК е решена, кон крајот на јули да покрене формална постапка за дефицитот против популистичката влада во Италија. „Ќе ги примениме регулативите," се закани Московиси вперувајќи го прстот кон Рим. Секако неговата врата е секогаш отворена за преговори. Сите предлози, кои ги поднесе италијанскиот министер за финансии Џовани Триа, за намалување на задолжувањето и вкупниот долг, секако ќе бидат земени в предвид.
Но на италијанскиот министер за финансии му се врзани рацете затоа што шефот на десно-екстремистичката Лега и министер за внатрешни работи Матео Салвини, одбива кратење на трошоците, бара намалување на даноците и нема намера да прави отстапки во однос на ЕК и Брисел. Матео Салвини „игра“ и со воведување на специјални државни меници со кои сака да се отплатат долговите. Оваа паралелна валута, таканаречена Мини-бот, според Европската централна банка е нелегална. На тој начин Италија може да биде катапултирана од еврозоната со непредвиливи последици.
Задолженоста на Италија проблем за еврозоната
„Откако новата италијанска влада дојде на власт, довербата на инвеститорите во Италија се намали, каматите за државните обврзници се покачени а прогнозите за вкупниот долг се негативни. Тоа е навистина проблем кој предизвикува загриженост," вели Гунтарам Волф кој ја води невладината „Бругел“ во Брисел.
„Многу политичари во ЕУ се загрижени дека ситуацијата во Италија економски и финансиски ќе се влошува. Тоа ќе има големи негативни последици не само за Италија, туку и за целата ЕУ. Ако не и оди добро на Италија, тоа нема да биде добро ниту за Европа." во 2007 пред почетокот на финансиската криза, долгот на Италија, односно односот на долгот со економскиот пеформанс беше 107%. Сега тој е 132%, а следната година може да се искачи на 135%, проценува ЕК. Оттука сервисирањето на долгот во голем дел го троши и италијанскиот буџет. Овој четврток министрите за финансии во еврозоната во Луксембург ќе се занимаваат со случајот на Италија.