„Би било катастрофа ако големите сили станат ривали“
15 февруари 2019И покрај Брегзитот и најновите несогласувања помеѓу Германија и Франција, ЕУ-интеграцијата не е пропадната. Таа порака ќе биде испратена од Минхенската безбедносна конференција (МБК) во 2019 година, вели Волфганг Ишингер, претседател на Конференцијата и поранешен амбасадор на Германија во Велика Британија и САД.
„Европската унија е жива и клоца“, вели Ишингер за ДВ во пресрет на најважната светска конференција за меѓународна безбедност.
Повеќе:
Минхенска безбедносна конференција: Светот како сложувалка и визија
Постоеше загриженост околу релациите меѓу Германија и Франција, два клучни европски играчи, во контекст на несогласувањата околу гасоводот Северен тек 2. Со проектот се предвидува транспорт на гас од рускиот гигант Газпром директно до Германија. ЕУ сака да ги прошири своите интерни закони од областа на енергетиката и на вакви офшор гасоводи, што ќе значи построга регулација која би можела да го загрози и комплетирањето на проектот. Германија сакаше да ја блокира новата директива, Франција пак соопшти дека ќе гласа за построги закони и фактички ќе се спротивстави на гасоводот.
Но, во петокот двете земји објавија компромис кој им беше претставен и на другите земји од ЕУ. Според германско-францускиот предлог за промени во европската регулатива за гас, се предвидува дека преговори со трета страна како Русија ќе води онаа земја во која доаѓа до прво припојување на рускиот кон европскиот гасовод. Во случајот со Северен тек 2 таа земја би била Германија. Францускиот претседател Емануел Макрон откажа заедничко појавување со канцеларката Меркел на безбедносната конференција, но Ишингер вели дека организаторите биле информирани за тоа уште пред една недела и дека тоа не е поврзано со дебатата околу Северен тек 2.
ЕУ мора да демонстрира сила
Според Ишингер, ЕУ е силна исто како и секогаш. Впечатокот „дека поради Брегзит, европскиот интеграциски проект ќе се распарчи, е погрешен“, вели тој.
Сепак, во многу делови на ЕУ националистичките и популистичките партии стануваат сѐ посилни. Партиите како германската десничарска АФД и француската национална партија на Марин Ле Пен застапуваат анти-ЕУ став кој погоди во нерв одреден дел гласачи. Клучно е, според Ишингер, ЕУ да им се спротивстави на овие национални тенденции.
„Ние сме најсилниот трговски и економски блок во светот и имаме силна економска и дипломатска моќ“, вели претседавачот на МБК. „И треба да ја примениме во реизградба на мултилатерализам во светот кој се измачува на маргините."
Важноста на соработката и мултилатерализмот ќе бидат клучни теми на средбата на МБК, каде ќе се сретнат претставници на трите најголеми воени сили - САД, Русија и Кина. Ишингер вели дека земјите треба да се фокусираат на она што им е заедничко, а не како да се биде пред сите.
„Би било огромна катастрофа за иднината во светот ако навистина дозволиме ситуацијата меѓу големите сили да се развие во нешто што ќе личи на класично ривалство меѓу големи сили", вели тој. Ишингер додава дека еден од целите на конференцијата во Минхен ќе биде „одредување на приоритетите на одговорно лидерство за 2019 година“.