1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу македонското малцинство во Грција

12 април 2019

Во Грција одново се разгоре стариот спор околу македонското малцинство. Експертите сметаат дека прашањето е комплексно. Прашањето кое досега беше потиснато, сега повторно ги разгорува чувствата.

https://p.dw.com/p/3GbzW
Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Во судската сала во градот Сер, во северна Грција, е невообичаено полно. Луѓето се тискаат на клупите, насекаде има вооружени полицајци. Обвинението не е за силување или убиство, туку за зборот - „допиа“. Допиа е грчки збор кој значи - локално. Истовремено, тој во северна Грција е синоним за славо-македонскиот јазик, кој овде го зборува дел од населението кое се идентификува како славо-македонско.

За многумина во Грција тоа е табу. Тоа уште еднаш стана јасно кога Би-Би-Си емитуваше прилог со наслов Невидливото малцинство во Грција - словенските Македонци. Политичарите беа огорчени. На социјалните мрежи корисниците оставаа коментари полни со бес. Димитрис Карамицос-Ѕирас, грчки амбасадор во Лондон, напиша писмо до Би-Би-Си и ја обвини оваа медиумска куќа дека погрешно ги претставува историските факти.

Повеќе:

 Грција и егејската приказна

Сфетас: За Северна Македонија ќе почнеме да учиме од Мисирков

Систематски потиснувани?

Судот во Сер се занимава со случајот на локално културно здружение кое изведува славо-македонски танци и пее на македонски јазик. Тоа во Грција го допира непријатното и необработено поглавје од поновата историја, оценува Никос Сакелариос. Од 50-те години на минатиот век од страна на државата се вршел притисок врз Славо-Македонците во Грција, раскажува тој. Така било и во неговото село. „Еден летен ден во 1959 година дојдоа вооружени војници. Тие ги истераа луѓето на плоштадот и сите мораа да се заколнат дека веќе нема да го зборуваат својот јазик.“

Во меѓувреме, ретко кој се осмелува да ги истакнува своите славо-македонски корени. Не е јасно за колку луѓе станува збор. „Во најдобар случај има 6.000 избирачи, но има повеќе луѓе кои ја негуваат културата во северна Грција“, објаснува Евагелија Апсис од партијата „Виножито“, која се залага за правата на славо-македонското малцинство. Проблемот, вели таа, е што многу луѓе се плашат јавно да зборуваат за своите корени. Притоа, нагласува Сакелариос, се работи само за тоа да се цени културната разноликост во регионот: „Ние сме грчки државјани. Плаќаме даноци и ја почитуваме државата. Ние едноставно сакаме да ја живееме својата култура и да ги пееме нашите песни.“

Ein slawo-mazedonischer Kulturverein muss ich vor dem Gericht im nordgriechischen Serres verantworten
Во судот во Сер - напрегната атмосфераФотографија: DW/F. Schmitz

Судот - префорсиран

Колку е тоа тешко, покажува и судењето во Сер. Доаѓа до кавга помеѓу една лингвистка, која дава изјава како сведок на одбраната, и адвокатите на тужителите. Таа објаснува дека „допиа“ е синоним и за славо-македонскиот јазик, по што ѝ се префрла дека нема доволно познавања за локалните прашања. Судијката која претседава го прекинува судењето. „Засрамете се!“, ѝ довикнува еден од адвокатите на лингвистката која сведочи. „Идиотка!“, додава некој друг. Полицијата ги опколува членовите на славо-македонското малцинство кои го следат процесот. Доаѓа до препирка.

„Кога во селата во северна Грција се слуша зборот 'допиа', тогаш секој знае дека станува збор за славо-македонскиот јазик“, објаснува Костас Демелис, адвокат од одбраната. Но, не е лесно тоа да се докаже пред судот. Судот дозволил пет сведоци за страната која тужи, а само два за одбраната.

„Кој е локалниот јазик во Сер?“, прашува судијката постојано. Сведоците потврдуваат - грчки. Свесно се врти околу жешката каша. Имено, едното не го исклучува другото. Прашањето кое лебди во судницата е: дали славо-македонската култура е дел од Грција?

„Дедо ми, прадедо ми и пра-прадедо ми не се дојдени од којзнае каде, туку отсекогаш живееле овде“, потенцира Никос Сакелариос. Но, за тоа во Грција владее молк, како во образованието, така и во медиумите. „Не постои критичко соочување со поновата историја“, нагласува Сакелариос.

Ein slawo-mazedonischer Kulturverein muss ich vor dem Gericht im nordgriechischen Serres verantworten
На пресудата во Сер ќе се почека неколку месеци, уверена е одбранатаФотографија: DW/F. Schmitz

Правната ситуација на малцинствата

Грчката држава и самата има собрано податоци кои укажуваат на постоење славо-македонско малцинство, вели Константинос Цицеликис, професор за човекови права во Солун: „Во 1951 година имало попис, на кој било поставено прашањето: 'Кој е Вашиот мајчин јазик?'. Врз основа на податоците и на поновите научни сознанија, кои документираат постоење на 'славјански јазик' во северна Грција, може да се види дека постои јазичен континуитет“, оценува Цицеликис.

И, иако државата не мора да признае малцински обележја, како јазик и етнички идентитет, тоа не влијае автоматски врз постоењето на малцинството: „Постои пресуда од еден спор помеѓу Грција и Бугарија. Станува збор за прашањето: Кој е малцинство? Меѓународниот суд во Ден Хаг во 1930 година пресудил - малцинството не е правно прашање, туку прашање на факти“, додава Цицеликис за Дојче веле.

Табу теми во изборната година

Во меѓувреме, во Сер се чека пресудата на судот. „На тоа ќе се почека неколку месеци“, уверен е бранителот Костас Демелис. Тој нема големи очекувања. „Начинот на којшто беше воден процесот укажува дека пресудата е веќе донесена.“ Кога станува збор за табу теми, во тековнава изборна година не се штеди на критики.

Дебатата за славо-македонското малцинство е еден од многуте аспекти со кои Грција мора да се соочи по потпишувањето на Преспанскиот договор. Фактичката состојба е комплексна. Процесот во Сер е само прв чекор за вадење на една табу тема на површината на јавната дебата.

И антропологот Фабио Матиоли од Универзитетот Мелбурн посакува отворен дијалог. Тој има истражувано во регионот и вели: „Имало и има луѓе во Грција кои се идентификуваат македонски.“

Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Дебатата за малцинството е еден од аспектите со кои мора да се соочи Грција по Преспанскиот договор (фото: макеоднскиот и грчкиот премиер Заев и Ципрас во Скопје, април 2019)Фотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Многумина од неговите колеги во Грција не сакаат да се изјаснуваат околу оваа тема. Тие стравуваат од репресалии. Матиоли има разбирање за нивниот молк, особено ако се има предвид крутиот став на грчката политика и општество. Притоа, поголемо прифаќање на етничкиот диверзитет во регионот би донесло пред сѐ едно - слобода. „Ако се создадат рамковни услови, за луѓето слободно да се изјаснуваат и да бидат она што сакаат да бидат, на крајот од тоа ќе профитира секој.“