1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу Хитлеровата книга - „Мојата борба“

Тилман Бендиковски/ Жана Ацеска15 декември 2013

Хитлеровото подбуцнувачко дело, коментирано од историчари, требаше да биде повторно објавено, но покраинската влада на Баварија се откажа од проектот. Институтот за современа историја објави-сам ќе го реализира.

https://p.dw.com/p/1AZPA
Фотографија: picture alliance/Mary Evans Picture Library

Реномираниот Институт за современа историја не попушта, ќе биде објавено критички - историско издание на „Мојата борба“ од Адолф Хитлер. Како независна истражувачка институција, Институтот за современа историја и натаму, на своја одговорност, ќе ја следи својата цел и ќе ја објави едицијата по истекот на рокот за авторските права, крајот на 2015. година. Ова го соопшти директорот, Андреас Виршинг.

Тоа е реакција на изненадувачката информација од баварската влада, дека ја запира финансиската поддршка на истражувачкиот проект. Од Минхен беше соопштено - книгата претставува поттикнување етничко непријателство, а критичко издание во име на Баварија е неспоиво со истовремениот предлог за забрана на деснорадикалната НПД, Национал демократска партија на Германија. Поддршка притоа е добиена од поранешната претседателка на Централниот совет на Евреите во Германија, Шарлоте Кноблох:

„Хитлеровото дело е проткаено со омраза и човечко омаловажување и според експертите, ги исполнува критериумите за квалификацијата подбуцнување на народите“.

Deutschland Nürnberger Reichsparteitag Adolf Hitler
Фотографија: picture-alliance / dpa

Одлуката на покраинската влада од Баварија е рамно на нагло повлекување рачна кочница, зашто тим од научници од Институтот во Минхен со години се обидуваат да расветлат истражувачки едно од најголемите петна во современата историја. Неопходноста од нивниот труд беше и сѐ уште е неспорна меѓу научниците: имено, поедноставено, во Германија многу се зборува за делото „Мојата борба“, но малку се познава книгата, иако е тоа единственото автобиографски обоен документ на диктаторот, недостигаат анализи за настанувањето, структурата и пред сѐ влијанието на книгата.

Митот „Мојата борба“

Беспримерно се одржува притоа до денес легендата за „Мојата борба“ како еден, би можело да се каже, „непрочитан бестселер“. Милиони луѓе навистина ја купиле или ја добиле книгата на подарок, но не ја прочитале.

„Митот за непрочитаната книга со тоа бил производ, првенствено, на поранешните приврзаници на Хитлер, мит кој по 1945. година стана составен дел на стратегиите за одбрана на раните повоени години и таму оствари долгорочно влијание“. Ова е оценката на историчарот Отмар Плекингер во неговата пред неколку години објавена студија за историјата на книгата (патем, издание на Институтот за современа историја). Задачата на едно историско-критичко издание би била да ги разјасни и овие прашања околу книгата.

Adolf Hitler, mein Kampf
Фотографија: dpa

Минхенските историчари со својата работа на научно-критичко издание се наоѓаат истовремено во трка со времето, на крајот на 2015. година, 70 години по смртта на Хитлер, истекуваат авторските права на делото „Мојата борба“, кои ги поседува покраината Баварија. По тој рок практично секој издавач би можел да го печати делото. За тоа да се спречи, баварската влада меѓутоа најави дека во таков случај ќе подигне кривична пријава поради подбуцнување на народите. А делото сепак е достапно на интернет, на повеќе интернет платформи во Германија, како ebay, каде се продаваат антикварски примероци на „Мојата борба“. Со разликата, што тие не содржат критички коментари.

И денес книгата претставува опасност?

Откажувањето на поддршката на Баварија кон историчарите, кои според сопствените наводи, сакаат да дадат важен придонес во историско-политичкото образование и во демистифицирањето на „Мојата борба“, кај многумина предизвика изненадување.

„Ова е скандалозна постапка“, оценува историчарот и биограф на Хитлер, Фолкер Улрих за Дојче веле. Тој напорите на своите минхенски колеги ги оценува како важна постапка на разјаснување. Резултатот конечно ќе покаже од кои извори Хитлер се служел и дека веројатно не формулирал свои сопствени идеи, туку само направил збир на мноштвото размислувања во народот во своето време.

Afghanistan - Adolf Hitler Mein Kampf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дебатата околу критичкото издание на книгата ги исфрла на површина и решавачките политички прашања за односот кон „Мојата борба“. Дали Германците, речиси седум децении по војната и холокаустот, во меѓувреме се доволно граѓански „зрели“ за да не дозволат да бидат заведени од „Мојата борба“? Или оваа често како конфузна оценувана и истовремено подбуцнувачка книга, претставува опасност? За историчарот Фолкер Улрих одговорот е јасен: „Тврдењето дека и денес ова дело претставува опасност е целосен апсурд“.