Каде е претседателот на Интерпол, Менг?
6 октомври 2018Кинеските власти сѐ уште не се огласија за исчезнувањето на Менг Хонгвеј, претседател на Меѓународната криминалистичка полиција (Интерпол) кој беше помошник на министерот за јавна безбедност.
Медиумите во Хонгконг пренесоа дека Менг е предмет на истрага во Кина, додека неговата сопруга го пријавила неговото исчезнување на францските власти наведувајќи оти нема вести за споругот откако на крајот на септември отпатувал од Франција во Кина.
Се шпекулира дека Менг веднаш по слетувањето е одведен во непозната насока.
Интерпол, чие седиште е во Лион, кусо наведе оти тој случај го истражуваат надлежни органи во Франција и во Кина.
Од таму додадоа дека генералниот секретар Јирген Шток, а не Менг, е задолжен за организирање на секојдневни активности во Интерпол.
Засега, исто така, не се знае дали Менг, кој беше избран за претседател на Интерпол во 2016 година, е предмет на истрага на кинеските власти за корупција. Оваа кампања против корупцијата ја започна кинескиот претседател Ши Џинпинг во 2012 година и оттогаш околу 1,5 милиони функционери се под истрага.