Кажи ми каде се жените...
8 март 2016Кристоф Гилмотон од францускиот Институт за истражување на населението и развој не сака да зборува за целен геноцид на жените, односно „фемицид“. „Родителите само сакале да ја сменат предореденоста на природата и да избегнат раѓање на ќерки, само што не знаеле дека милиони други двојки имаат иста идеја“, вели истражувачот кој повеќе од 10 години го следи развојот на глобалната прекубројност на мажите.
Веќе дваесетина години постои можност со помош на ехо-преглед и на преглед на крвта да се утврди полот на детето уште во текот на раната бременост. Тоа го отвори патот за селекција. Како последица на тоа, само во Азија недостигаат околу 117 милиони жени за да има урамнотежен однос на половите, проценува Фондот на ОН за население - УНФПА.
Односот на половите во една генерација, доколку не се интервенира, би изнесувал околу 105 момчиња на 100 девојчиња. Во Кина во моментов има 116 момчиња на 100 девојчиња. Во Индија односот е 111 на 100. Двете најбројни по население земји во светот имаат, чисто бројчено погледнато, најголем проблем со нерамнотежа на половите. Но, уделот на момчињата е преголем и во земји како Азарбејџан и Ерменија, или Албанија и Македонија.
Ќерките се лоша инвестиција?
Причините за преферирање на момчиња се преразнолики за да може да се објаснат само со помош на предрасуди, оценува истражувачот на демографија. Системот на фамилии е изграден врз тоа во куќата да остане барем еден син кој подоцна ќе се грижи за родителите, поради тоа што најчесто не постои друга форма на згрижување на стари лица. Ќерките, наспроти тоа, се мажат во друга фамилија и со тоа се практично загубени за родителите. „Синовите го носат фамилијарнто име, а понекогаш се дури и неопходни за да извршат одредени погребни ритуали кога родителите ќе починат.“
Во меѓувреме, владите во Кина и Индија се загрижени поради ефектите кои произлегуваат од преголемиот број мажи. Министерката за семејство во Индија, Манека Ганди, предложи задолжителен преглед за бремени жени со кој треба да се спречи целно абортирање на женски фетуси. Забраната за раѓање на дете од посакуван пол, која важи веќе 20 години, досега даде мали резулати. Трошоците кои родителите ги сносат за да му дадат мираз на женското дете „тежат“ повеќе од забраната за абортус.
Мажите кои не можат да се оженат
Ригидната политика на раѓање на само едно дете во Кина веќе 30 години носи ниска стапка на наталитет. Во меѓувреме, забраната е олабавена и кинеските семејства може да имаат и по две деца, но додека оваа промена да се одрази врз бројките, ќе мине време. Во Кина секоја година околу 1,2 милиони мажи кои се подготвени за женидба не можат да најдат жена. Тоа произлегува од официјалните статистички податоци од пописот спроведен во 2010 година.
Какви последици за општеството ќе има неможноста на милиони мажи да се оженат, иако бракот и семејството и во Кина се еден од основните столбови на општеството?
Лиза Еклунд, социолог на универзитетот во Лунд, Шведска, која има докторирано на тема полова преференција во Кина, вели:
„Бракот нема врска само со љубовта или сексуалноста, туку е неопходен и за да се стане социјално возрасен, да се достигне статус на признание.“ Врз основа на своите истражувања во кинеската провинција Еклунд заклучува: „Во општества во кои институцијата брак е екстремно важна и практично е универзална, ќе биде голем предизвик да се излезе на крај со ваквата прекубројност на мажите.“
Ќе се зголеми социјалната нееднаквост
Лиза Еклунд смета дека како последица на прекубројноста на мажите уште два фактора би можеле да предизвикуваат проблеми. Од една страна, бракот се склучува на рана возраст и за цел живот, па пазарот на неомажени и неоженети не е доволно флексибилен. Од друга страна, би можеле да се заострат социјалните нееднаквости во општеството.
„Во земји со голема разлика во примањата и со голема нерамнотежа во бројот на мажи и жени, оние мажи кои се на ниско социјално ниво ќе имаат уште помалку шанси да се оженат. Со тоа, тие ќе станат уште поранливи, а нерамнотежата ќе стане уште поголема отколку што веќе е“, нагласува социологот од Шведска.
Според Еклунд, може да се претпостави дека недостигот од жени на крајот ќе доведе до тоа момчињата да се обидуваат да се искажат на повисоко социјално ниво преку образование и работа, со што би станале поатрактивен партнер и би дошле побрзо до жена. Она што е меѓутоа сигурно, според Еклунд, е дека со суфицитот на мажи нема да се подобри општествената позиција на жените. „Општествата со прекубројност на мажи повеќе стремат кон тоа да ги имаат жените под строга контрола“, вели таа.