Каква е иднината на германскиот ангажман во Авганистан?
21 октомври 2008Војниците на германскиот Бундесвер можат да бидат уште колку сакаат повнимателни, ама сите мерки на предострожност во крајна линија не помагаат кога се во прашање атентатори самоубијци. Секој Авганистанец кој и’ се приближува на некоја патрола потенцијално може да носи појас со експлозив. Најновиот случај покажува дека напаѓачите не ги спречува дури ни фактот што во близина на патролата си играат авганистански деца.
Одговорноста за атентатот ја презедоа Талибанците. Гувернерот на покраината Кундус тврди дека станува збор за атентатори самоубијци кои доаѓаат од Пакистан, значи бунтовниците имаат развиено добро промислена тактика за целни напади на НАТО силите во Авганистан. Таков непријател тешко може да се победи со воени средства, тоа е како октопод на кој постојано му растат нови краци. Базата за регутирање атентатори самоубијци се чини дека е неограничена.
Дали повеќе војници носат поголема безбедност?!?
Одговорот на НАТО е испраќањето уште повеќе војници. Така германскиот парламент минатата недела го продолжи мандатот за воениот ангажман на војниците на Будевсерот за уште 14 месеци и дури на тоа гласаше и за предложеното зголемување на бројот за околу 1.000 нови војници. Како образложение беше наведено дека тие се нопходни поради растечката опасност по безбедноста на германските војници.
Алијансата порачува дека не ни помислува на повлекување од Авганистан, но ваквите и слични самоубиствени напади сепак ја поколебуваат јавноста во земјите што ги испраќаат војниците во странство. Кога во август одеднаш загинаа дури 10 француски војници, тамошната јавност со недели беше потполно шокирана. На Холанѓаните очигледно им е доста од постојаните загуби и планираат наскоро да го напуштат бојното поле во Авганистан.
Дека и во германската јавност се јавува растечки отпор сведочи фактот што при гласањето дури 96 пратеници на Бундестагот се изјаснија против владиниот предлог за продолжување на мисијата. Значи не така мал број од нив не гледа повеќе никаков смисол во оваа воена мисија.
Но, додека политичарите во Берлин можат во најлош случај да згазнат во некоја реторичка клопка, германските војници налетуваат постојано на вистински мини. Тоа ги прави војниците се’ понервозни, така што летоска еден од нив на контролен пункт по грешка застрела една жена со две деца, мислејќи дека во возилото се кријат напаѓачи.
Довербата на локалното население е клучот
Ваквата растечка закана по безбедноста на германските војници во Авганистан води кон нивна се’ поголема изолација од локалното население. Дека ваквата спирала на отуѓување меѓу војниците на Бундесверот и граѓаните во регионот, за чија безбедност се задолжени, не е добра ни за помагањето во обновата на тамошната инфраструктура, тоа не треба никому да му се објаснува.
Офицерите тврдат дека авганистанското население на северот од земјата се’ уште има позитивен впечаток за германските војници и нивната помош во обновата. Но, доколку таа доверба продолжи да се намалува, тогаш тоа може да има далекусежни последици по целокупната мисија на НАТО во Авганистан. Можно е токму поради тој факт Алијансата да ја загуби битката за мирен и стабилен Авганистан, што ја води веќе со години.