Каква е состојбата во затворите во Македонија?
16 јануари 2010Во моментов во затворите во Македонија има околу 2.300 затвореници, а капацитетите се за 30 отсто помали од реалната состојба, покажуваат податоците на Управата за извршување санкции во Министерството за правда. Оваа преполнетост на затворите со себе повлекува други проблеми околу условите во нив, но особено околу процесите на работно ангажирање на затворениците, нивното образование во затворски услови, комуникација со надворешниот свет, внатрешната безбедност итн.
Претстои реформа
Сосема друг проблем е физичкото обезбедување на затворите, за кое затворениците исто така имаат поплаки, а дел од чуварите се почесто почнаа да ја губат работата бидејќи се фатени во криминал со затворениците, пренесувајќи им дрога, мобилни телефони или други дефицитарни стоки. „Состојбата во затворите и не е толку лоша како што се зборува. Значи ние во сите затвори интервениравме во последните 2-3 години. Затворот во Штип ги исполнува сите европски стандарди, а исто така и затворот во Гевгелија. Затворот во Скопје, популарната Шутка, е во одлична кондиција затоа што таму лани беше пуштено во употреба ново притиворско одделение, со 170 кревети,“ вели директорката на Управата за извршување санкции Лидија Гавриловска. Таа најавува дека реформата во оваа досега запуштена сфера допрва почнува, набројувајќи дека во наредните пет години во Македонија ќе се изградат нов ВП дом кај селото Волковија, тетовско, затворот во Куманово, од темел ќе се гради нов затвор во Идризово, со 60.000 метри квадратни. Со тоа затворениците ќе добијат сосема поинакви, помодерни, па и почовечки услови за издржување на казните. Во меѓувреме, вели Гавриловска, е интервенирано во реконструкцијата на повеќе други затвори во Македонија.
Преполнетоста во затворите е европски проблем
Проблемот со пренатрупаноста не е само главоболка за Македонија. „Кога зборуваме за преполнетоста на затворите мора да кажеме дека е тоа проблем на цела Европа. Овој проблем неможе да се реши само со изградба на нови затвори туку со нови мерки на судовите, со изрекување на алтернативни мерки и условниот отпуст како едно од решенијата. Македонија со 98 затвореници на 100.000 жители е во релативно добра состојба во однос на Србија, Хрватска кои имаат по 150 затвореници, на Бугарија или на Грција, каде условите се многу полоши,“ констатира Гавриловска.
Народниот правобранител ги контролира затворите
Нардониот правобранител редовно ја следи состојбата во затворите во Македонија од 2003 година. Тоа значи дека повеќе пати во годината оди во контроли на затворите, но и на повик на затворениците. „Со години наназад народниот правобранител во неговите годишни извештаи констатира дека состојбите се катастрофални и дека се предмет на загриженост. Ова особено ако се тргне од аспект на сместувачките капацитети и условите, кои се под секакво ниво. Ова се алармантни состојби, на кои сме укажале, и сметаме дека е крајно време нешто да се преземе за да се обезбеди хуман третман и достоинствен престој на затворениците,“ изјави за Дојче веле портпаролката на омбудсманот Уранија Пировска. Според неа не треба да се заборави ниту третманот на осудениците и нивните контакти со надворешниот свет и затворскиот кадар, кој е недоволно едуциран и не е соодветен да одговори на обврските и задачите за потребите што ги има.
Најзагрижувачка е состојбата во затворот Идризово каде има најголем број затвореници. Таму омбудсманот има оставено кутии за поплаки. „Затворениците се жалат буквално на се’ значи од условите, третманот, храната, контакти со надворешниот свет, но морам да кажам дека бидејќи не ги знаат своите права во голем дел се жалат и на погодности, што не претставуваат права,“ вели Пироска.
Се чувствува програс, но потребен е натамошен ангажман
Хелсиншкиот Комитет во Македонија, кој од 1994 година ја мониторира состојбата во затворите, оценува дека се чувствува одреден прогрес во оваа област генерално и дека постои волја од страна на Владата за да се подобрат некои состојби во затворите.
Според адвокат Тони Менкиноски, правниот советник во Хелсиншкиот Комитет во Македонија, во моментов во затворите нема доволно работна ангажираност на затворениците како најбитниот услов за нивната ресоцијализација, нема систем на индивидуални жалби, а нема ниту образование или практикување на верските права, кои како стандарди немаат примена во затворите.
Сепак, затворениците своите поплаки ги искажуваат и до нив како организација, а најчесто се однесуваат на нивните индивидуални права. „Овие жалби се репер за индивидуалните права на лицата лишени од слобода внатре во овие затворени институции. Еден систем се подобрува на генерално ниво не само кога Комитетот за превенција од тортура да укаже дека во Македонија постои пренатрупаност на затворите. Потребно е и лицата што се лишени од своите права да се свесни за своите права и да дадат придонес кон подобрување на овие институции,“ вели Менкиноски.
Автор: Сашко Димевски
Редактор: Алкесандра Трајковска