1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ја нападне ли Трамп Венецуела?

Михаел Книге
28 февруари 2019

По крвопролевањето изминатиот викенд, веројатноста за американска воена интервенција во Венецуела расте, иако шансите не се преголеми. Тоа е добро, велат аналитичарите, затоа што таков потег ќе биде без преседан.

https://p.dw.com/p/3E8EO
Kolumbien Treffen Lima Gruppe in Bogota
Американскиот потпретседател Мајк Пенс (десно) со колумбискиот претседател Иван Дуке (средина) и Хуан ГуаидоФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Mejia

Бруталното одбивање на венецуелските воени сили лојални на претседателот Николас Мадуро да дозволат странска помош во земјата за време на викендот ги зголеми шансите дека Вашингтон би можел воено да се вмеша во внатрешниот конфликт во земјата.

Веднаш по судирите, Гуаидо, кој од САД и од повеќе европски држави е признат како в.д. претседател, ја повика меѓународната заедница да размислува за „сите мерки“ за ослободување на земјата.
Во понеделникот, американскиот потпретседател Мајк Пенс во Колумбија се сретна со претседателот Иван Дуке, како и со Гуаидо, најавувајќи притоа нови санкции против Венецуела и вети дека Вашингтон ќе го поддржува Гуаидо додека „слободата не се врати“.

ЕУ против интервенција

Во Брисел, пак, ЕУ отфрли воена интервенција во латиноамериканската држава. „Мораме да избегнеме воена интервенција“, изјави портпаролката Маја Коцијанчич. Одбивањето на ЕУ на воената опција се случува во вистински момент, велат американски аналитичари, кои сметаат дека веројатно за интервенција на САД се зголемила по викендот.

„Воената опција е поверојатна сега од било кога од почетокот на кризата во Венецуела“, вели Мајкл Шифтер, директор на вашингтонскиот тинк-тенк Интер-Американски дијалог.
„Поверојатна е сега одошто беше на 23 февруари, затоа што пропадна обидот да се транспортира помошта во Венецуела“, вели Грегори Викс од Универзитетот во Северна Каролина.

Florida Trump Rede zu Venezuela Krise
Трамп постојано повторува дека сите опции се на маса во ВенецуелаФотографија: Reuters/K. Lamarque

Иако веројатно е зголемена, двајцата експерти тие шанси ги проценуваат на меѓу 30 и 40 проценти, што значи дека шансите сѐ уште се мали. Тоа е така, велат тие, затоа што нема поддршка за таков потег ни во Европа, ниту во Латинска Америка.

Но, политичката клима може брзо да се промени. „Во моментов немаме некоја конкретна искра. Но сме го виделе тоа во минатото. Такво нешто брзо ќе ги зголеми шансите и ќе ги измени калкулациите“, вели Викс.
Таква „искра“ би можело да биде некое крваво насилство против опозицијата, апсење на Гуаидо или напад врз американскиот дипломатски персонал во Венецуела.

Напад без преседан

И покрај долгото досие на Вашингтон на мешање во внатрешните работи во земјите на Латинска Америка, воена интервенција за уривање на режимот на Николас Мадуро би била без преседан.
„САД историски никогаш не испратиле воени трупи за да уриваат режим во Јужна Америка“, вели Шифтер.

Иако многумина ја споменуваат воената интервенција во Панама од пред 30 години како споредба на актуелната ситуација, Шифтер вели дека таа споредба не држи.
„Ова не е Панама“, вели тој, објаснувајќи дека се работи за целосно различни држави и сосема различни односи со САД.
Обајцата аналитичари се против можната воена интервенција затоа што сметаат дека истата би имала непрегледни негативни последици.

Според Викс, иако санкциите повеќе ги погодуваат просечните Венецуелци, сепак, воената интервенција би била уште полоша опција затоа што би довела до поголемо насилство без гаранција за успех.

САД веројатно би успеале воено да го поразат режимот на Мадуро, но прашањето е што ќе се случува потоа. Шифтер објаснува дека во земјата веќе оперираат повеќе милиции, дека е активна колумбиската бунтовничка група ЕЛН, и дека многу приврзеници на режимот на Мадуро нема така лесно да се откажат од отпорот.

„Некои луѓе велат, сѐ е чисто. САД ќе влезат, ќе го сменат Мадуро и сите ќе ги пречекаат со овации и отворени раце. Потоа Гуаидо ќе формира преодна влада која ќе одржи избори и сѐ ќе биде добро. Не сум сигурен дека ќе биде баш така“, вели Шифтер.