1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви шанси има конференција за Сирија?

Наџима ел Мусауи / Александар Методијев25 октомври 2013

Замислете си мировна конференција на која противниците на војната не учествуваат. Меѓународната заедница сака во ноември да ги седне на иста маса Асад и сириската опозиција. Но, тие не сакаат да разговараат.

https://p.dw.com/p/1A5iN
Фотографија: Reuters

Конфликтот во Сирија е во ќорсокак. Со месеци меѓународната заедница прави напори да организира мировна конференција. Во тоа предничат пред се’ САД и Русија. Нивниот план е претставници на сириското раководство и на сириската опозиција заеднички во Женева да изработат политичко решение, со цел ставање крај на две и пол годишната граѓанска војна во Сирија.

Но, најзначајниот опозициски сојуз, наречен Сириска национална коалиција (СНС), ниту еднаш немаше заедничка позиција за планираната мировна конференција. Во следните недели коалицијата ќе одлучи во Истанбул дали ќе испрати претставник на планираната конференција во Женева на крајот од ноември. Сирискиот национален совет, најголемата група во оваа коалиција, одбива да земе учество на мировната конференција под сегашните услови и се заканува дека ќе излезе од коалицијата.

„Загубено време“ преку мировната конференција?

Причините за тоа во интервју за Дојче веле ги објаснува претседателот на Сирискиот национален совет, Џорџ Сабра, кој живее во егзил во Турција. Тој смета дека ќе се загуби време со мировните разговори и дека со тоа на Башар ал-Асад „само ќе му се даде повеќе време за да убие уште повеќе луѓе“. Сабра смета дека сирискиот претседател верува оти може да ја задржи власта со употреба на насилство врз народот. „Се’ додека Асад е на власт, ние не веруваме дека е можна нова политичка ера во Сирија“, додава Сабра. Тој смета дека Сирискиот национален совет треба да седне на заедничка маса со режимот на Асад само под посебни услови.

George Sabra
Џорџ Сабра, претседател на Сирискиот национален советФотографија: Getty Images/Afp

„Како прво, сирискиот режим треба да престане да го убива сопствениот народ. Нашиот втор услов е од Сирија да се повлече милицијата на либанскиот Хезболах“, нагласува претседателот на Сирискиот национален совет. Според него, третиот услов е Сирискиот национален совет да добие гаранција од Советот за безбедност на ОН „дека Башар ал-Асад нема да добие никакви позиции во преодната влада и дека потоа воопшто нема да се врати на власт“.

Непомирливи позиции

Исто така ниту Асад во моментов не е подготвен за дипломатски разговори со неговите противници. Во интервју за либанска телевизија тој изјави дека не гледа оти се исполнети условите за една успешна конференција. Според него, мора да се преиспита кои опозициски сили ќе учествуваат на мировната конференција и каква е нивната поврзаност со сирискиот народ.

Политиколотот Тина Цинтл од Универзитетот Тибинген нагласува дека ниту една од завојуваните страни нема стратегија за решение на конфликтот. Наместо тоа, доминира недоверба од двете страни. Според неа, позициите и на режимот на Асад и на Сириската национална коалиција во моментов се непомирливи.

„Мировниот процес го отежнува пред се’ фактот што Асад од почеток ги дискредитираше опозиционерите како терористи. Со тоа, тој ним од почеток им го негира правото на политички преговори“, смета политикологот Цинтл.

Baschar al-Assad TV-Interview 21.10.2013
Башар ал-Асад во телевизиско интервју објасни дека не гледа причинa зошто повторно не би излегол на претседателски избори во земјатаФотографија: picture-alliance/dpa

А, целта на средбата во Женева е претставниците на режимот на Асад и на опозицијата заедно да се договорат за преодна влада. Тоа во вторникот (22.10.2013), за време на состанокот во Лондон на таканаречената група „Пријатели на Сирија“, го изјави американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Министри за надворешни работи и високи дипломати од 11 арапски и западни земји, меѓу кои е и Германија, ги повикаа сириските опозициски групи да земат учество на планираната мировна конференција за Сирија и на неа да настапат со единство.

Политикологот Цинтл не гледа со голем оптимизам на планираната мировна конференција. Таа смета дека „колку повеќе претставници учествуваат, толку помалку би можела конференцијата да даде резултати“.

Асад додава масло на огнот

Мировниот процес е дополнително отежнат со изјавите на сирискиот претседател, во кои тој нагласи дека не гледа причина зошто „да не учествува на следните избори“. Политикологот Цинтл смета дека поголемо додавање масло во огнот од ова не може да има. Американскиот министер за надворешни работи Кери во Лондон нагласи: „Ако Асад смета дека ќе ги реши проблемите ако уште еднаш се кандидира на избори, тогаш нему можам само да му кажам - оваа војна нема да заврши“.

Опозиционерот Сабра е и појасен во својата изјава. „Никој не може да си замисли дека овој убиец и натаму може да биде претседател“, нагласи тој во интервјуто за Дојче веле.

Терминот за мировната конференција и натаму не е официјално претставен. Според извори од Арапската лига, таа е планирана за 23 и 24 ноември.