Како Али го востоличи Зијадин
10 јануари 2019Доколку Зијадин Села еден ден се реши да напише мемоари за својот политички живот, најдобриот извор на следење на неговите подеми и падови ќе бидат партиските написите на медиумите и универзитетските интелектуалци од ергелите на ДУИ, СДСМ, ВМРО, ДПА. Во земја на заробени медиуми и тезгаџиски академци, единствениот начин на следење на настаните е примената на ретровизорно читање на вестите. Според принципот – што повеќе клевети и лаги, толку некому сте подраги. Села не е исклучок во тоа правило кое ги има следено сите лидери испилени во политиката надвор од политичките кујни и полицијските медиум-интелектуални кафани. Посебно во албанскиот политички кампус. Тоа правило од минатото е причина плус Зијадин со оптимизам да гледа на хејтерската кампања вперена против него од страна на СДСМ, ДУИ, дел од Беса и ВМРО-ДПМНЕ.
Гневот и гнојот истурен врз него по последната рунда преговори со Зоран не е ништо ново за Албанците, навикнати да секој негов став биде пречекан со отров и пизма од оние кои во него правилно препознале загроза за сопствените клановски интереси. Сеуште се паметат медиумските салви на напади и клеветења упатени на негова адреса преку порталите блиски на Мендух Тачи. Набргу надополнети со вулгарните и заканувачки гноења на негова сметка од страна на нео-отоманското крило на Беса, посебно огранокот во Скопје. По што следеше смислената кампања на негово сатанизирање од страна на про-СДСМ медиумите, поради изјавите за македонскиот идентитет. Првично експресно оценети како провокација, за неполна година дена подоцна токму оние кои го оптужуваа за негирање на македонскиот идентите станат бранители на новиот Договор со Бугарија и новите толкувања на македонската историја. Изјавите на Села беа смислено и цинично употребени за негова сатанизација како најголема албанска баба-рога, во име на амнестирањето и македоно-патриотизација на Али Ахмети, новиот „граѓански шмекер” на медиум-интелектуалната полиција на Бихаќка. Во тоа име, стружанецот Села мораше да биде прогласен за „нов Косовар, полош од Косоварите сами” кој ги загрозува „кротките мирни, питоми, цивилизирани и конструктивно послушни шиптарчиња од ДУИ”. Во тоа име и поделба на улоги, Зијадин мораше да ја превземе улогата на албански Патрис Лумумба, принуден да бара спас во про-западните прегратките на македоно-албанскиот Чомбе од Зајас. Спас, од кој едвај извлече жива глава и остане жив. Но сеуште на мета на отстрел на борците против албанскиот национализам од ДУИ, СДСМ, Беса и пола европски амбсади.
Други колумни на Арсим Зеколи:
По секоја основа пресметано, ретко кој политичар во Македонија бил изложен на таква нескриена – трансетничка и транспартиска - омраза, медиумска сатанизација и отворена, нескриена и јавно несанкционирана сласт и страст да биде убиен, расчеречен, раскрвавен, згазен, уништен, сотрен, масакриран, обесен и на столб на срамот заврзан, како што е тоа примерот со Зијадин Села. Омразен од македонците поради неговото достоинство со кое ја ништи шемата на „до гроб” верност на Мендух и Али кон СДСМ и ВМРО. Омразен од ДУИ поради неговата урбана и современа визура која дава така јасен контраст со просташтвото на Али и неговите следбеници. Омразен од исламистите кои во неговиот национализам гледаат пречка за сопствените антикатолички и антиевропски стратегии. Омразен и кај добар дел од корумпираните западни дипломати во Скопје, незадоволни што неговиот раскрварен лик под македонски цокули на шовинизмот ги збриша циничните поделби на улоги на толерантни македонци и досадни ем насилни Албанци со нивните „дрн дрн човекови права”. Затоа, според нивниот пристап и начин на третирање на настаните од 27 април, ќе кажам дека тој ден само Зијадин Села беше претепан. Колку злобно и морбидно звучи, нели.
Човекот Зијадин Села не заслужи таков третман. Кој сепак стоички го поднесе и сеуште му одолева. Но политичарот Зијадин Села сепак мора да најде сила за да интроспективно си признае дека неговиот политички залет во лидерство беше, благо кажано, невообичаено дилетантски и не сосема принципиелен. Доколку неговото корнење од ДПА и Тачи беше последица на взаемни несогласувања и ендемскиот порив за лидерштина поради губењето на општинските фондови во Тетово и неговата победа во Струга, истото не може да се каже за – нема друг збор – глупавото и нечесно шурување со ДУИ со посредство на старите териториални кадри на Али и државните служби. Дамка која долго време ќе го разводнува патриотскиот вокабулар и имиџ на Села и ќе предизвика сомнеж дали она што оправдано му пречело кај Мендух одеднадеж не предизвикува жолчна киселина при дружбите со Али. Таа епизода во која Зиадин си дозволи да како прваче биде доведен за рака од Теута и Острени на ракољубие кај Али на крај ќе финишира со губење на моралниот аргумент на бунтовник против одлуката на Заев да за коалицијски партнер го прифати побратимот на Груевски. Наместо него – човекот чии капки крв сеуште можат да се најдат под теписите на македонската "парламентарна демократија”.
Никој друг освен Зијадин Села не е упатен и повикан да даде заклучок дали сите премрежија низ кои помина на крај послужиле како непосакувано но "во секое зло - добро” специално воспитание и трансформација од идеалист во реал-политичар. Гледано од страна, сетики изгледа дека тој процес е во фаза на финално заокружување. Што е за позравување. Со сепак извесна доза на резерва поради неговото првошколско образование стекнато во ДПА за губење на добиен натпревар во последните минути на дербито.
Но судејќи според реакциите на медиумите на ДУИ, СДСМ и Беса (отсек Гаши) по договорот со Заев, може да се каже дека естаблишментот препознал дека на повидок е нова претумбација надвор од однапред конципираните шеми и поделби на улоги. Договорот со Заев дури и би можел да биде сметан како исклучок, инцидент без долгорочни ефекти. Би можел, доколку не беше претходната епизода на Дебарско коалицирање помеѓу Алеансата и ВМРО-ДПМНЕ. Би можело, доколку не беа и редицата интересни (по тајминг и состав) средби на Зијадин Села низ Вашингтон. Би можело, доколку по средбата на Села со Шефот на НАТО во Скопје, Артан Груби не осетеше потреба за трк-хуџум сликање со емисарот на Алијансата. Би можело, доколку за прв пат некој албански опозиционер игра во дворот на ДУИ, за разлика од досегашните игри на ДУИ низ албанските политички ривали.
Непосредно пред празниците, низ албанските медиуми проструи шпекулација дека Хазби Лика, разочаран од третманот на Али, ќе се префрли и придружи на Зијадин Села. Велам, шпекулација, бидејќи станува збор за намерно смислена атака кон Лика од страна на неговите партијски ривали од Тетово и Струга со кои се цели дефамација на неговата неоспорна популарност во партијата и кај албанците. Истите кругови кои ја лансираа не-веста за преминот на Лика во Алеансата беа оние кои се најдоа повикани (и предизвикани) да први го оптужат Села и Касами за рушење на шансите на Македонија за членство во НАТО, за шурување со Русија и генерално бивање "сомнителни раце со темна позадина”. Во тој дво-тактен однос на наведените кругови од ДУИ кон Лика и Села се крие побитната димензија на политичката интрига која ќе ја определи судбината на ДУИ и улогата на Зиадин Села на политичката сцена на Македонија.
Имено, не е голема тајна дека Хазби Лика бил преферираниот играч од доверба на САД, со подршка од одредени влијателни албански и американски структури. За разлика од Бујар Османи како милениче на Могерини и Хан и надежен фактор на „конструктивно предвидлив македонски Албанец” во пресрет на тековните преговори помеѓу Белград и Приштина. Со својата одлука за давање предност на Османи на сметка на Лика, Ахмети се определи за следење на европската линија, но и приклонување кон тројката Хашим Тачи и Илир Мета. Што е повеќе тактички избор од нужда за краткорочно стабилизирање, отколку стратегија за одржлива консолидација на партијата. Ахмети е сосема свесен дека за разлика од Лика кој ужива подршка од Куманово до Струга, подршката за Османи е редуцирана на Чаир и омразените насилници на Муса Џафери. Подметнувањата кон Лика и обвинувањата за шурување со Зијадин Села се конкретната илустрација на таа болка на Ахмети и свесноста дека неговиот избраник можеби и ќе може да биде насаден за претседател на ДУИ, но нема да биде прифатен за лидер на партијата и Албанците.
И што е побитно од се, не може да ја обезбеди конструктивноста на Албанците во понатамошниот процес на зачленување во НАТО. За разлика од Османи чија изборна база се Могерини, Хан и клановите на Бечир Хасани и Изет Меџити, Села со својот конструктивен однос кон Договорот и референдумот и популарноста кај Албанците обезбедува Албанците бидат во шаторот (сосе сите нивни поплаки), наместо да бидат надвор од шаторот и спремни за колективно уринирање врз него. И во тоа лежи причината за отсуството на критика на западните партнери кон неговите барања, вклучително и односот на Заев кон него.
Впрочем, после две години владеење, се докажа и покажа дека Заев нема способност – дури и ако имал ниет – да предизвика промена на политиките во албанскиот кампус. Потпирањето врз отпадот од екс-ДУИ ликови и корумпирани шарени револуционери не му донесе поени ниту кај Албанците ниту кај дипломатите. Кататочничниот молк на ердоганистите од Беса кон прашањето на албанскиот идентитет и јазик не само што не резултира со посакуван упикувачки пораст на симпатиите кај македонците и западњаците, туку ја деконспирира нивната наклонетост кон верата на сметка на националните идентитетски прашања. Парадоксално, ставено во контекст на севкупните движења, може да се каже дека подемот на Села се должи колку на неговата стоичност, толку и на кусогледостите на неговите опоненти и нивните превртливости. Останува на Села да докаже дали тој подем е навистина заслужен.