Како буквата „Z“ стана симбол на руската агресија
19 март 2022Откако Русија ги испрати трупите во Украина, буквата „Z“ - исцртана на тенковите и оклопните возила на Москва - стана главен симбол на земјата на социјалните мрежи, а осамна и на облеката и на униформата на спортистите.
Нема консензус за тоа што всушност означува буквата, но неколку недели по почетокот на воениот напад на Русија во Украина, тоа стана синоним за руската армија. И сè повеќе, се користи како крик или за поддршка на операцијата во Украина - или против неа.
„Z“, буква која ја има во латиничното писмо, но не и во кирилицата, за првпат се појави пред неколку недели на воените возила кои се движат кон Украина, веројатно за да се разликуваат од украинските сили и да се избегне пријателски оган.
Но, знакот оттогаш стана сеприсутен на автомобилите на улиците на Москва, на облеката и низ социјалните мрежи во Русија - тренд којшто властите сакаат да го поттикнат.
На официјалните страници на руското Министерство за одбрана на Инстаграм и Телеграм се објавуваат пораки кои започнуваат со оваа буква, како што се „Za Pobedu" (За победа), „Za Mir" (За мир), „Za Pravdu" (За вистината) и „Za Rossiyu" (За Русија).
Провладиниот економски дневен весник „Комерсант“, објави фотографии на околу 60 деца и нивните семејства кои позираа формирајќи ја буквата „Z“ во снежниот двор на згрижувачкиот центар во Казан, централна Русија.
Неколку дена подоцна, 20-годишниот гимнастичар Иван Кулијак застана на третото место на подиумот на Светскиот куп во Доха, Катар, носејќи „Z“ залепено на градите, додека украински спортист стоеше десно од него.
Меѓународната гимнастичка федерација одговори со барање за истрага против Кулијак поради неговото „шокантно однесување“. Тој сепак за руските медиуми изјави дека, ако може, „би го направил тоа повторно“.
„Видов дека нашата војска го носи и погледнав што претставува симболот. Како спортист, секогаш ќе се борам за победа и ќе играм за мир“, рече тој.
Различни теории
Меѓу теориите што се вртат, едната е дека „Z“ ја означува првата буква од рускиот збор „Запад“, што значи Запад, што е референца за силите на западната воена област.
Некои набљудувачи забележаа дека тоа е првата буква во презимето на украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Но, без оглед на тоа, низа политичари, познати личности и влијателни лица сакаат да го покажат својот патриотизам со испишување на буквата што е симбол на верноста кон Кремљ.
Роскомнадзор, рускиот медиумски регулатор, кој неодамна работеше на тоа да ги блокира медиумите кои ја критикуваат воената операција, соодветно го прилагоди својот профил на месинџерот на Телеграм, потенцирајќи ја буквата „Z“ во името на агенцијата.
Надвор од Москва и Санкт Петербург, во далечните региони се појавија флеш-мобови и демонстрации на поддршка под слоганот „Не го напуштаме своето“.
Жени пееја со членови на хорот, носејќи ја буквата „Z“ на градите, таксисти истакнуваат буква „Z“ на прозорците на возилата, а и автомобили се паркираа во форма на „Z“. Во регионот на Барнаул во јужен Сибир, на снегот стоеше огромно „Z“ во портокалова и кафеава боја, како лентата Свети Ѓорѓи, историски симбол на руските и советските воени успеси. Маици со логото „Z“ сега се продаваат и на интернет.