1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да преживеат Ромите во Унгарија?

Харијет Ференчи5 март 2009

Нападите врз припадници на ромското малцинство во Унгарија бележат натамошен пораст. Унгарските неонацисти ја подгреваат уште повеќе кампањата на омраза против Ромите. Некои сметаат дека е веќе загрозен социјалниот мир.

https://p.dw.com/p/H5xI
Синти и Роми во УнгаријаФотографија: picture-alliance/ dpa

Во седиштето на унгарската полиција во Будимпешта седат генерали на прес-конференција и ги соопштуваат резултатите од истрагата. Станува збор за најновото убиство на припадници на ромското малцинство во земјата. Клучното прашање е: кој стои зад кампањата на омраза против нив? „Не, одговорите на полицијата во никој случај не се задоволувачки. Полицијата прво водеше истражна постапка под сомневање за обичен пожар. Несоодветна беше и работата на пожарникарите и на лекарите...“, се жали Елза Лакатош од Прес-службата на Ромите.

Зачестени напади врз Ромите

Најновото убиство на еден 27-годишен Ром и неговиот петгодишен син спаѓа во цела низа други изблици на насилство против ова малцинство. Според полициските податоци, само во последните 18 месеци се извршени 54 напади врз Ромите, од кои 17 со молотови коктели. Вкупниот број на жртви изнесува седум лица. Овие убиства се само врв на ледениот брег, објаснува Орбан Коломпар, претседател на организацијата на Ромите во Унгарија. „Состојбата станува се’ полоша, омразата кон Ромите е во постојан пораст!“

EU Erweiterung Ungarn Parlament in Budapest
Експертите ги предупредуваат властите во Будимпешта да преземе меркиФотографија: AP

Ромите, со околу 700. 000 припадници, се најголемото етничко малцинство во Унгарија - и исто така најсиромашното. Тие живеат во гета, изолирани, без работа, без шанси за излегување од ѓаволскиот круг на сиромаштија и необразованост. Ромите се сметаат за криминалци и неработници, кои имаат премногу деца и ги трошат само парите од социјалните каси. Тоа го покажуваат најновите анкети на јавното мислење. Колку е тоа радикализирано покажува и фактот дека повеќе од половината унгарски деца не сакаат покрај нив во училишната клупа да седи Ромче.

Се’ помалку работни места за Ромите

Социологот Елемер Ханкис, потсетува на повеќевековната традиција на добри односи меѓу унгарското мнозинско население и ромското малцинство. Но, тој исто така вели дека во времето на социјализмот и посебно во ерата на диктатурата на Јанош Кадар, на Ромите им биле одземени традиционалните занаети и тие станале работници без квалификации. За такви во Унгарија има се’ помалку работни места.

Ваквата состојба не може да оди така понатаму, смета Аладар Хорват, претседател на Фондацијата за граѓански права на Ромите со седиште во Будимпешта. „Ако владата не ја сфати опасноста што се заканува и не преземе се’ што е во нејзина моќ за да се надминат и да се намалат предрасудите кон Ромите, како и да создаде конкретни можности за нивно вработување, тогаш никој повеќе нема да може да го гарантира социјалниот мир и поредок!“

Светската економска и финансиска криза уште повеќе ја радикализираат состојбата, појаснува социолотогот Елза Лакатош: „Во Унгрија се води хајка во потрага по жртвени јарци. И тие се пронајдени - жртвените јарци сме ние, Ромите. Во актуелната економска криза се жигосуваат најслабите, тоа го покажа и историјата!“

ROMA IN ITALIEN
Ромите најчесто живеат во лоши условиФотографија: AP

Националистите во кампања против Ромите

Од хајката профитираат десно екстремните партии, како онаа на младите што се нарекува „Јобик“. Ако може да им се верува на анкетите на јавното мислење, таа има големи шанси на следните парламентарни избори да влезе во собранието во Будимпешта. А нејзиното, во меѓувреме, забрането милитантно крило „Унгарска гарда“ и натаму сее страв меѓу Ромите и повикува на борба против „циганскиот криминал“.

Социологот Елза Лакатош гледа само еден излез од заканувачката аопасност: „Да ја напуштам Унгарија, да емигрирам!“