Како политичар се живее добро
23 септември 2017Системот според кој се плаќаат професионалните политичари во Германија не е многу прегледен. Пратениците за своите активности официјално не добиваат плата, туку надоместок за напорот, т.н. „диети“. А, тие и не се баш посни: пратениците во Бундестагот добиваат 9.542 евра месечно. На тоа се додава и месечен паушал за трошоци од 4.318 евра кои не подлежат на оданочување. Тие служат за покривање на трошоци кои настануваат во рамки на политичкиот мандат, како на пример сместување во близина на Бундестагот, храна или патни трошоци. Но, и тоа не е сѐ: за максимум 12 илјади евра годишно тие може да ги обновуваат своите канцеларии за да бидат во чекор со техниката, вклучително и нови телефони или пак кафе-машини. Парите за тоа ги добиваат отпосле, по приложени сметка. „Диетите“ им ги зголемија последен пат во јули годинава. Секоја година добиваат автоматско покачување на платите, кое е во согласност со општиот развој на платите во Германија.
Пратениците во покраинските парламенти заработуваат нешто помалку
Како стојат работите со покраинските пратеници? И тие имаат надоместоци и паушал за трошоци кои во висината може да имаат и драстични разлики. Пратениците во Хамбург добиваат 2.641 евра и паушал од 350 евра, додека членови на покраинскиот парламент во Северна Рајна Вестфалија имаат 9.500 евра месечно и не добиваат паушал.
Но, што е со големите риби во германската политика? Колку добиваат Ангела Меркел, Зигмар Габриел, Франк-Валтер Штајнмајер и другите? Ангела Меркел месечно заработува 17.732 евра плус нешто повеќе од 1.000 евра додатоци. Најдобро заработува - иако неговото место во Германија е репрезентативно - претседателот Франк-Валтер Штајнмајер. Зошто? Тоа може да се види на веб-страницата на претседателот: секогаш добива десет деветтини од надоместокот на канцеларот. При моменталниот надоместок од 18.697 евра за Меркел, значи дека Претседателот добива 19.719 евра.
Министрите имаат по 15 илјади евра месечно, во што се вклучени основната плата и разни надоместоци. Висината на основните примања се дефинира согласно член 11 од Законот за сојузните министри според примањата на административците.
Иако по плата зад претседателот, Меркел фактички ја има најважната функција во државата. Се поставува прашањето како таа стои во споредба со други премиери. Според рангирањето на порталот за статистики Статиста, таа секако е меѓу луѓето на врвот.
Многу подобро од неа заработуваат малкумина, меѓу кои американскиот претседател со годишна плата од околу 333 илјади евра. За сите недостижен и сам на врвот е премиерот на Сингапур Ли Хсиен Лонг со 1,5 милиони евра годишно!
Критики за надоместоците и дополнителните примања
Германците платите на политичарите не ги гледаат во споредба со платите на политичарите во други земји, туку ги споредуваат со своите примања. Примањата на членовите на владиниот кабинет секако, но дури и на обичните пратеници се многу над германскиот просек. За тоа политичарите често се мета на критика од јавноста. Притоа мора да се напомене: на примањата од лекари, адвокати или менаџери не може да се доближат ни примањата на политичарите. Па така, член на управен одбор на банка, на пример, според порталот coorectiv.org може да заработи и над 850 илјади евра годишно. Тоа е три пати повеќе отколку тоа што канцеларот може да го заработи, кој има работа која и временски и по одговорност е неспоредлива со други.
Покрај висината на примањата, спорен е и фактот што пратениците самите ги гласаат своите примања. Последново е така бидејќи така одлучил Уставниот суд во 1975-та во врска со претставка за примањата. Нерасположение предизвикува и фактот што секој четврт пратеник - според студија на фондацијата Ото Бренер во соработка со иницијативата за транспарентност abgeordnetenwatch.de - во добро платена споредна работа заработува годишно уште 10 илјади евра покрај пратеничките примања.