1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Како Русија регрутира нови војници

Сергеј Сатановски
2 јули 2022

Москва сака да ги „пополни сите дупки“ во руската армија за војната во Украина. Општа мобилизација сè уште не е прогласена, но има показатели дека веќе се регрутираат војници - на различни начини.

https://p.dw.com/p/4DUOO
Ukraine-Krieg - K
Руски војник во украински ХерсонФотографија: AP/dpa/picture alliance

И покрај различните прогнози, Москва, и по пет месеци војна против Украина, сѐ уште нема објавено повик за општа мобилизација. Во борбите учествуваат професионални војници и лица кои доброволно стануваат дел од армијата на определено време, како и борци од приватни воени и компании за обезбедување. На борбените линии се распоредени и мажи регрутирани од сампрогласените Народни републики Доњецк и Луганск во регионот Донбас. Наместо општа мобилизација, властите очигледно засилено регрутираат војници со ангажман на определено време, а во фокусот ги имаат и лицата кои имаат обврска да отслужат воен рок, се тврди од различни кругови.

Регрутација на ветерани

Александар, кој сакаше да го промениме неговото име од безбедносни причини, е ветеран и веќе со години не живее во Русија. Во неговиот пасош сѐ уште стои руската адреса на која му живеат родителите. Тие неодамна во поштенското сандаче нашле писмо со покана од локалната армиска канцеларија за регрутирање.  

„Повеќе од 20 години сум на списокот, уште од времето кога бев војник. Јас сум ветеран и не знам каква врска има писмото со тоа. Веројатно се работи за прикриена мобилизација“, вели Александар. Тој го осудува рускиот напад врз Украина. Да бил и натаму во Русија, вели, по приемот на ваквата покана сигурно ќе барал најбрз начин да ја напушти земјата.

Очигледно сè повеќе Руси кои биле во војска и имаат некакво борбено искуство, добиваат такви покани. На руската социјална мрежа ВК дури има и групи со совети како најдобро да се реагира на таквата покана. „Син ми отиде во локалната армиска канцеларија на 14 јуни. Му ја провериле личната карта и го прашале дали сака да потпише договор за воен ангажман на одредено време. Потоа го пуштиле да си оди“, пишува Ана на мрежата ВК. Таа е членка на група жени во Архангелск.

Во потрага по војници на „определено време“

Активистот за човекови права Александер Горбачов, кој ги советува младите лица кои треба да служат воен рок, забележува дека од почетокот на војната, а особено во последниов месец, е засилена потрагата по војници за ангажман со договор на определено време.

„Порано им се нудеше договор само на регрути и мажи кои доброволно се пријавуваа за служба. Немаше масовни повици за такво нешто како сега,“ вели тој.

Сега за договори на определено време се бараат сѐ повеќе лица кои имаат обврска за служат воен рок, вели Оксана Парамонова, раководителка на организацијата за човекови права „Мајки на војниците од Санкт Петербург“. Притоа, како што вели Парамонова, се применуваат методи кои порано биле главно невообичаени.

Ukraine-Krieg - Nowa Kachowka
Руски војници во Нова Каховка, УкраинаФотографија: AP/dpa/picture alliance

Според законот, во Русија се регрутираат мажи на возраст од 18 до 27 години. Исклучоци има за оние кои поради здравствени причини не се во состојба да служат воен рок. Исто така и студентите добиваат одлагање додека студираат. Правата на воените обврзници досега беа често прекршувани, но годинава има невидени случаи, нагласува Оксана Парамонова. Како пример таа го наведува регрутирањето на апсолвентите, без да се почитува правилото за одлагање. Се регрутираат и лица со здравствени проблеми, на кои вообичаено не им е дозволено да служат војска, вели активистката за човекови права, укажувајќи на големиот број поплаки од ваков вид на телефонската линија што ја водат „Мајките на војниците од Санкт Петербург“.

Освен тоа, додава Парамонова, властите сега директно им се обраќаат и на фирмите, со списоци на вработени на кои им се доставуваат покани. Според законот, покана добиена на работното место не смее да се игнорира. Но, самите армиски канцеларии не принудуваат никого да потпише договор за привремен воен ангажман. Исклучок од ова е руската република Чеченија. Онлајн весникот на руски јазик „Инсајдер“ неодамна објави дека таму мажите ги принудуваат да одат на фронтот дури и преку киднапирања, тортура или отворање кривични постапки.

Организацијата „Мајки на војниците“ потврдува дека вакво нешто не е забележано во другите региони во Русија.

„Има случаи во кои не се врши директен психолошки притисок, туку потенцијалните регрути се привлекуваат со пари, бенефиции и соодветни услови за работа“, вели Парамонова. На телефонска линија за помош во нејзината организација многумина се жалат дека ветените договорни услови потоа не биле исполнувани, вели таа. Меѓутоа, често на крајот се покажувало дека војниците со договор за привремен ангажман всушност не ги прочитале темелно договорите пред да стават потпис.

- повеќе: Војна и мобилизација: Како Донбас ги регрутира своите војници

Се нуди огромен надомест за регрутите

Во многу случаи дури и не е неопходно луѓето да се принудуваат да одат во војна. Пред многу мобилни станици за регрутација има долги редици на чекање. Владимир Путин на крајот на мај ја укина старосната граница за воена служба. Сега можат да се пријавуваат и лица кои имаат над 40 години. И многумина го прават тоа. Важен поттик е надоместокот. Насекаде има и огласи за регрутирање војници со информации дека секој што ќе потпише договор добива плата од 200.000 рубљи месечно – што е околу 3.500 евра. Ова е петпати повеќе од просечната плата на еден Русин. Според Александер Горбачов, редовната плата во мирнодопски услови изнесувала 25.000 рубљи, односно околу 400 евра.

Infografik Karte Russische Truppenbewegungen in der Ostukraine EN

Но, на огласите не е експлицитно наведено дали тоа предвидува одење во директни борбени дејствија. Има само индиректни наводи. На пример, на крајот од описот се вели: „За време на спроведувањето на специјалната воена операција, може да се склучи договор за четири месеци или повеќе“. Имено, Русија војната против Украина ја опишува како „специјална воена операција“.

- повеќе: Русија молчи за загубите, Украина вели дека загинале 10.000 нејзини војници

Општа мобилизација е ризична

„Нема скриена мобилизација во смисла на принудна регрутација за учество во борбени операции во Украина“, вели Олег Игнатов, аналитичар во Меѓународната кризна група. Западните медиуми и војската очекуваа Владимир Путин да објави општа мобилизација на 9-ти мај. Тоа не се случи, но не може да се исклучи во иднина, вели Игнатов. Ваквата одлука досега веројатно беше избегнувана од политички причини, затоа што пасивните поддржувачи на војната брзо би можеле да се претворат во активни противници ако се донесе таква мерка, смета експертот. И руското раководство стравува од незадоволство кај населението.

- повеќе: „Мојот син не знаеше дека оди во војна“- измамени војници во армијата на Путин

„Дупките“ во руската пешадија во напредувањето кон Донбас, вели експертот, досега се неутрализирани благодарение на артилериската супериорност на Москва. Но, руските копнени сили нема да бидат доволни за да ги заземат градовите Дњепар, Одеса или Киев: „Не знаеме до каде сака да оди Русија во Украина. Но, Русија не се откажува од своите цели и политики. Ако на крајот биде притисната до ѕид, мошне веројатно е да се прогласи и општа мобилизација,“ заклучува Игнатов.