1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како светата икона го загрози Милорад Додик

Самир Хусеиновиќ
23 декември 2020

Случајот „икона“ означува почеток на крајот на политичката кариера на Додик, велат аналитичари. Според дипломатите, во овој случај сѐ е погрешно, од изборот на подарок, преку молкот на Додик до реакциите.

https://p.dw.com/p/3n9FU
Bosnien und Herzegowina Treffen russischer Außenminister Sergej Lawrow mit Milorad Dodik
Фотографија: Elvis Barukcic/AFP

Случајот со иконата покажува накаде е водена Босна и Херцеговина како држава со непрофесионално однесување сведено на незнаење и импровизација, вели за Дојче веле бившиот амбасадор на БиХ во Франција и во Египет и добар познавач на меѓународните прилики, Слободан Шоја.

„Не е проблем што Милорад Додик му подари икона на Сергеј Лавров, туу што не му подари некоја православна од БиХ. Па ако немал некој паметен да му укаже на тоа, не требаше да се фали по медиумите што подарува. Но, изгледа токму фалбите на Додик му беа најважни. Имено, при вакви посети подароците речиси секогаш се разменуваат меѓу два протокола, далеку од камерите. Да се постапело така, немаше ништо да се случи", вели Шоја.

Соопштение од бирото на Додик

Од кабинетот на претседавачост со Претседателството на БиХ Милорад Додик конечно се огласија во врска со случајот. Истакнуваат дека иконата на Свети Никола која Додик му ја подари на Сергеј Лавров не е украдена и спаѓа во редот на семејни осветени икони.

„Измислиците и невистините уследија по погрешната медиумска презентација дека станува збор за икона која е дел од културно наследство и национално богатство, што никаде не е востановено", се наведува меѓу другото во соопштението. 

Повеќе на темата:

Лавров на Балканот: Автогол со два стрелци

По чии инструкции Додик создава хаос во БиХ?

Милорад Додик - претседател кој не ја признава сопствената земја

Но, Министерството за култура на Украина ја анализирало иконата и заклучило дека е предмет во сопственост на таа земја. На иконата е препознаен печат на Регионалната комисија за заштита на спомениците од Одеса, по што следеше остра дипломатска нота со барање за испитување на случајот и оценка дека изостанување адеквантна реакција на властите во БиХ може да се протолкува како „поддршка на агресивата политика и воените акции на Руската Федерација против Украина."

Аферата икона" не може да се игнорира

Слободан Шоја за ДВ истакнува дека во приказната за иконата сѐ е погрешно, од изборот на подарокот, преку молкот на Додик и рекцијата на украинската амбасада, до „претераните" коментирања на медиумите и политичарите.

„Јас укажувам само на она што е очигледно и што го знам. Затоа ми е жал што соопштението од кабинетот на Додик, на кое се чекаше предолго, е прилично нецелосно и невешто. Наместо да ги отстрани, тоа буди нови сомнежи. Не го дознавме најважното: чија е иконата, како, каде и кога е набавена? Дали има сертификат? И државниот протокол мораше да се огласи и да појасни дали подарокот го набавувал протоколот или некој друг. Секоја информација е драгоцена и сѐ мора да се разјасни, зашто аферата доби меѓународно значење и не може да се игнорира", вели Слободан Шоја.

Нотата од Украина е оправдана

Тој верува дека Украина со право и со силни причини испратила нота и побарала објаснување, но нотата, наместо вообичаени умерени и информативни тонови содржи „прејудицирани тврдења и несмасна агресивност."

„Накратко, поради сериозноста на случајот, не треба прерано да се впуштаме во заклочоци и подобро да се воздржиме од коментари додека не стигнат јасни одговори на прашањата на кои Додик уште не одговори, а мора. Треба да се инстистира на негово целосно образложение. Тоа е и во негов интерес " вели Шоја.

Inthronisation des Leiters der Ukrainischen ortodoxen Kirche Epiphanius
Црквата света Епифанија во Одеса, на чиј регионален Завод за заштита на спомениците и културно благо припаѓа и подарената иконаФотографија: Reuters/V. Ogirenko

„Скриени" дипломатски пораки

Во враќањето на иконата на Додик, Шоја гледа „скриена дипломатска порака" на Лавров. „За мене е многу индикативна постапката на Лавров. Го врати подарокот и тоа е единствено исправно во целата афера. Лавров не го направи тоа веднаш, но и не чекаше долго. Веројатно лично барал да се испита случајот и чекал резултати. Тој сигурно од Додик добил одговор кој ние не го добивме. Враќањето на подарокот има скриена дипломатска порака на Лавров. Таа може да се чита на различни нивоа, а сѐ се сведува на големо разочарување, не само поради подарокот туку и поради тоа што го доживеа. Веројатно нема веќе да го видиме во БиХ, а тоа би била поголема штета за нас отколку за Русија", истакнува Шоја.

Дека враќањето на иконата на Милорад Додик има „скриена порака" смета и бањалучкиот новинар и блогер Слободан Васковиќ. Тој смета дека Русија со тој чин „почнала да го отстранува Додик од политичката сцена" и дека лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи не е дораснат на сложениот и опасен „руски рулет".

Дали Додик ќе го преживее рускиот рулет"?

„На Русија Додик веќе не ѝ треба и решија да го тргнат на многу елегантен начин, искористувајќи го рамно до дното. Нема дилема дека Лавров знаел оти од Додик ќе добие на подарок украдена икона од Луганск, како што нема дилема и дека во БиХ дојде свесно за да ја радикализира ситуацијата. Нема дилеми и дека на Додик некој од ‘руските врски' му шепнал дискретно што би било добро како подарок за Лавров, што овој и го прифатил, не ни помислувајќи дека давањето подарок воедно ќе му биде и политички ‘куршум в глава', пишува Весковиќ на својот блог „Од другата страна". Тој додава дека процесот на „отстранување на Додик" е далеку напреднат и Русија со овој чин „ја засилила својата трговска понуда кон Западот", повикувајќи го да ја заборави анексијата на Крим. 

Членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик не се огласи лично во врска со случајот „икона". Во меѓувреме е соопштено дека е позитивен на коронавирус, но неговата здравствена состојба е стабилна, без оглед на запалението на белите дробови.

Додик неодамна на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров му подари „позлатена" икона, наводно стара 300 години. Украина тврди дека иконата е нејзина сопственост и по потекло од Луганск, град во источна Украина кој е под контрола на проруските сили. Обвинителството на БиХ отвори предмет заради утврдување на фактите во случајот.