1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се избира сојузен претседател?

22 мај 2009

Најголемиот парламентарен орган на Германија е Сојузниот собир. Тој се составува секои пет години заради избор на шеф на државата. Во првите два круга од гласањето е потребно апсолутно, а во третиот просто мнозинство.

https://p.dw.com/p/HvKu
Досегашните германски претседателиФотографија: picture-alliance / dpa

Како се избира германски претседател? По искуствата од Вајмарската република и времето на нацизмот, „мајките“ и „татковците“ на уставот во Парламентраниот совет за изработка на уставот во 1948/49 година не сакаа претседателот да го избира народот. Избор само од страна на Бундестагот, пак, немаше да им овозможи речиси никакво влијание на покраините, што е бесмислица во федерално уредена земја.

Противречност би била и согласност на покраинските влади. Компромисот го предложи подоцнежниот прв германски претседател, либералниот член на Советот, Теодор Хојс: Сојузен собир како посебно изборно тело, кое ќе се составува повторно на секои пет години заради избор на шеф на државата и тоа од членови на Бундестагот и ист број членови, кои ќе бидат избирани од народните претставништва на покраините, според основните принципи на пропорционалност.

Најголем парламентарен орган

Сојузниот собир е најголемиот парламентарен орган на Германија - на 13 -то свикување на 23 мај оваа година тој опфаќа 1224 делегати. Нивниот број не е константен, затоа што бројот на мандатите во Бундестагот низ годините се менуваше: преку промена на изборното право, поради т.н. преодни мандати и поради германското обединување во 1990 година.

16-те покраини испраќаат свои претставници според бројот на население и според големината на покраинските пратенички групи. Притоа во Берлин не се испраќаат само политичари, туку и познати личности од културата и спортот, кои учествуваат во изборот на претседател на државата. Официјално денот на гласањето го закажува претседателот на Бундестагот. Но, од 1979 година Сојузниот собир се состанува секогаш на 23 мај, денот кога во 1949 година стапи во сила уставот, истовремено и ден на создавањето на Германија.

Bundesversammlung Infografik ohne Text

Каде се состанува Сојузниот собир

Местото на кое се одржува изборот не е цврсто одредено. Во 1949 година собирот се одржа во Бон, новата германска престолнина, од 1954 до 1969 година во западен Берлин, а од 1974 до 1989 година повторно во Бон. Дури од 1994 година Сојузниот собир се одржува секогаш во Берлин во зградата на Рајхстагот. Раководител на собирот е претседателот на Бундестагот.

Изборот на претседател на државата е таен. Секој член на Сојузниот собир има право пред секој круг гласање да поднесува изборни предлози. Во првите два круга од гласањето е потребно двотретинско, значи апсолутно мнозинство, тоа се овојпат 613 гласови. Ако ниеден кандидат не добие вакво мнозинство, се оди во трет круг гласање. Тогаш е избран кандидатот со најголем број добиени гласови, значи, доволно е просто мнозинство.


Автор: Јохен Фок/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски