Штедењето не им се исплаќа на Германците
26 ноември 2019Германската банка „Фолксбанк Фирстенфелдбрук“ од минатиот месец им наплаќа негативни камати на сите нови приватни клиенти. Тоа значи дека штедачите плаќаат за секое евро кое го чуваат на сметка. Досега оваа мерка ги погодуваше само бизнис субјектите, но дури од износ над 100.000 евра. Но, и тука работите почнаа да се менуваат, па банката „Комерцбанк“ од неодамна и на фирмите и на јавните установи им наплаќа негативна камата од првото евра на сметката.Оваа мерка на „Комерцбанк“ во моментов погодува околу 70.000 фирми, што и не е некоја голема бројка за Германија, но стручњаците предвидуваат дека овој тренд би можеле да го следат и други банки.
Префрлање на трошоците врз штедачите
Имено, банките мораат да платат 0,5 насто камата ако ги чуваат парите во Европската централна банка (ЕЦБ). Многу монетарни институции почнаа да го префрлаат овој трошок на своите клиенти - и тоа не само на бизнис субјектите, туку и на приватните лица кои имаат големи депозити. ЕЦБ веќе со години води политика на ниски камати (од април 2016 година - 0,0 отсто) за да поттикне конјуктура, односно вложувања. Затоа банките добиваат евтини пари кои можат да им ги позајмат на клиентите со многу ниска камата. Ако тоа не го прават и ги „паркираат“ парите кај ЕЦБ, од 2014 година за тоа мора да платат негативна камата.
Повеќе:
-Супер Марио ја заврши мисијата
-Господинот Драги и поплавата од пари: Мириса на промена на каматната политика?
-Крај на политиката на ултраевтини пари
Со време чувањето на парите за банките стана прескапо и сега овој трошок се обидуваат да го надокнадат од своите клиенти. Или на тој начин да ги присилат да не ги чуваат парите во банка, туку да ги вложуваат, на пример во фондови. Истражувањата покажуваат дека во Германија, од 1.300 банки и штедилници, во моментов над 150 наплаќаат негативни камати. Некои затскриено ги декларираат како надокнада за водење на сметката, а некои наплаќаат по одредена висина на депозитот, на пример 100.000 или дури милион евра.
Притисок врз банките
Минатата недела потпретседателката на Германската централна банка (Будесбанка), Клаудија Бух, предупреди на опасност од притисок врз банките поради политиката на ЕЦБ. Бидејќи, за да ги избегнат казнените камати, банките сѐ почесто им даваат пари и на фирмите за кои е извесно дека би можеле да се најдат во тешкотии доколку дојде до неочекуван пад на конјуктурата, вели Бух. Таа за проблематично го смета и масовното одобрување на долгорочни кредити за купување недвижности. Имено, банките би можеле да се најдат во проблеми кога ќе пораснат каматите на пазарот на пари или ако со време се покаже дека купените недвижнини не се толку вредни како што е првобитно проценето. Но, Бундесбанк засега не смета оти постои опасност од т.н. „меур од сапуница“ на германскиот пазар на недвижности, па дури и ако цените на становите и на куќите, според нивна проценка, се преценети за 15 до 30 насто. „Во моментов ништо не укажува дека на пазарите има шпекулантска динамика поттикната од кредити“, оценува Клаудија Бух.
И политичарите се загрижени поради трендот на префрлање на трошоците за чување на парите на клиентите. Претседателот на баварската ЦСУ, Маркус Зедер, дури предлага да се забрани наплата на негативни камати на депозити под 100.000 евра или штедачите својот губиток да можат да го одбијат од данокот, значи индиректно да го наплатат од државата. Овој предлог, засега, нема широка поддршка од владеачките партии.