Кампино и бендот: 30 години панк-историја
2 мај 2012Бендот „Die Toten Hosen“ се дел од Диселдорф исто колку и реката Рајна. Квинтетот на чело со хaризматичниот пејач Кампино е една од најважните марки на градот. На нивниот прв концерт на 10 април 1982 година, не можеа ниту да сонуваат дека 30 години подоцна на своето конто ќе имаат голем број албуми, небројни музички награди и дека ќе се сметаат за пример по нивниот социјален и спортски ангажман.
На турнејата по повод 30 годишниот јубилеј тие повторно нудат невообчаени места за оддржување концерт. Со задоволство настапуваат во дневните соби на нивните фанови или изненадуваат со гостински настап во затворите. Кампино и неговите колеги од бендот и покрај тоа што се ѕвезди, не си го скратуваат она што им причинува задоволство. Во нивниот роден град Диселдоф може да се сретнат на фудбалски натпревар, концерти или во кафулињата.
Музичкиот критичар Филип Холштајн феноменот „Die Toten Hosen“ вака го опишува: „Момците всушност си останаа верни. Нивниот правец се’ уште е панк-рок“, вели тој. „Колку подолго сум во Диселдорф, толку ми е појасно, колку се важни за овој град, но и за цела Германија“.
Бендот, не само по музиката е познат и по јасните пораки што ги испраќа: се мобилизираат против атомската енергија и неонацистите или позираат без облека за кампања против крзна.
Илјадитиот концерт пред 15 години значеше речиси предвременото расформирање на панк-рокерите. Смртта на 16 годишно момче во турканиците пред бината кај нив предизвика големи дискусии. Половина година подоцна, Кампино ќе рече: „Колку глупаво и да звучи, ние повеќе не сме бендот кој бевме претходно. Се загуби огромен дел од наивноста. Токму со фрлањето врз публиката или слично, тоа повеќе не оди“.
Бендот ја надмина кризата и продолжи да работи. Од музички аспект творештвото на „Die Toten Hosen“ во изминатите 30 години е импозантно. Пробивот им успеа во 1988 година со албумот „Ein kleines bisschen Horrorschau“ и синглот „Hier kommt Alex“.
Бендот од Диселдорф е бенд на сите генерации. Не ретко се случува родителите да одат заедно на концерт со своите деца. Единствен е и феноменот Аргентина, каде „Die Toten Hosen“ веќе 20 години се речиси исто толку популарни колку во Германија.
Денес 49 годишниот Кампино признава дека речиси 90 проценти од сите доживувања во неговиот живот, кои би ги означил како супер, се поврани со бендот.
На 4 мај по речиси четири години ќе излезе и новото ЦД на „Die Toten Hosen“. Тоа ќе биде нивниот 13 студиски албум.