1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц вети натамошна помош:„Украина може да се потпре на нас“

ЖА /РТР
23 март 2022

Рускиот претседател Путин ја уништува иднината на својата земја, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот, ветувајќи натамошна помош за Украина.

https://p.dw.com/p/48vKK
Deutschland | Olaf Scholz bei der Generaldebatte im Bundestag
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Путин мора да ја чуе вистината за војната во Украина. А таа вистина гласи: војната ја уништува Украина. Но, со војната Путин ја уништува и иднината на Русија“, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц при генералната дебата во Бундестагот околу идниот буџет на земјата.

Шолц притоа истакна дека НАТО и ЕУ денес се пообединети од било кога, барајќи поддршка од опозицијата за инвестиции во Бундесверот во висина од 100 милијарди евра.

Руската инвазија ги принудува сите на ревизија на надворешната и безбедносната политика, но вонредните инвестиции се потребни и заради спроведување на нужните реформи во други политички области, истакна Шолц.

Канцеларот ја увери  Украина во натамошна германска поддршка, најавувајќи нови санкции од ЕУ против Русија „Претседателот  Зеленски,  Украина, можат да се потпрат на нашата помош“, рече Шолц, но со дополнување – заедно со САД се дели ставот дека НАТО не смее да стане страна во војната. Од таа причина Западот не прифаќа воведување зона на забранети летови, ниту пак мировни сили на НАТО во Украина.

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

Шолц му се заблагодари на  германското население  за исклучително високата спремност за прифаќање на украинските воени бегалци – тие се добредојдени кај нас, истакна тој.

Еден ден пред самитот на ЕУ, германскиот канцелар повторно јасно исклучи итен прекин на  увозот на енергенси од Русија,  зашто тоа би довело до рецесија: „Илјадници работни места би биле загрозени. Цели индустриски гранки би се нашле пред крах“, рече  Шолц,  образложувајќи дека санкциите не смеат да ги погодат членките на ЕУ посилно отколку самата Русија. Но, енергетската зависност од увозот од Русија „ќе биде што е можно поскоро некако завршена". На самитот на ЕУ, на кој ќе учествува и американскиот претседател Џо Бајден, кој доаѓа во Европа, ќе се дискутира и околу ЕУ-санкциите во енергетскиот сектор.