1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капетан Драган наскоро на слобода?

Синиша Богданиќ
27 септември 2017

Државјанинот на Австралија и Србија Драган Васиљковиќ, познат и како Даниел Снеден, првостепено е осуден на 15 години затвори поради воени злосторства сторени на територијата на Хрватска во војната од 1990-те.

https://p.dw.com/p/2kmQc
Dragan Vasiljkovic
Фотографија: picture-alliance/dpa

Виновен е за злоставување на затвореници во Книнската тврдина и напад врз полициската станица во Глина, пресуди Жупанискиот суд во Сплит. Хрватските ветерани сметаат дека пресудата е извонредно ниска, иако и самите потврдуваат дека највисоката казна е 20 години. „Еден живот кој го одзеде Васиљковиќ не вреди ни една година затвор“, рече пред судот Иван Турудиќ, кој и самиот бил жртва на мачење од Васиљковиќ во затворот во Глина.
Адвокатот на Васиљковиќ, Томислав Филаковиќ ќе вложи жалба бидејќи, како што вели, фактите не одговараат на казната која ја добил  неговиот клиент, а за слични злосторства во некои други случаи се изрекувани помали казни.
Осудениот во овој момент има неколку опции. Доколку одлучи да не вложува жалба и да ја прифати пресудата, во казната ќе му бидат пресметани и годините минати во сплитскиот истражен затвор и во екстрадицискиот притвор, а тоа се вкупно 11 години. Тоа значи дека тој веднаш може да побара предвремено пуштање од затвор и набрзо би можел да се најде на слобода. Но, се уште не е јасно дали излегување од затвор може да побара по издржување на две-третини или три-четвртини од казната, предупредува Филаковиќ, бидејќи сѐ зависи од тоа дали ќе се спроведува стариот или новиот закон. Но, доколку се жали, казната на крај може да биде помала или поголема.

Kroatien Prozess Dragan Vasiljković
Драган Васиљковиќ, алијас Капетан Драган, во судницата во СплитФотографија: Getty Images/AFP

Злосторник или само Југословен?

„Ја бранев својата татковина Југославија која многу ја сакав. Агресијата врз Југославија ја извршија домашни предавници и странски платеници. Тука е сторено злосторство кон мене бидејќи 11 години сум затворен без пресуда. Ова е монтирана приказна, а оние кои ја монтираа се потполно свесни за тоа. Обвинението е комично, безобразно и безочно“, рече обвинетиот во завршниот збор.
Дали навистина се работи за југословенски патриот или „куче на војната“ со меѓународна кариера, за што сведочи и неговата биографија, но и медиумските текстови од 90-те кои ја пренесуваа „легендата“ за храбриот лидер на „Книнџите“?
„Доколку ја сакал и бранел Југославија, тоа го правел на многу криминален начин, бидејќи сторил злосторства“, вели за ДВ, поранешната хрватска министерка за правда, Весна Шкаре-Ожболт, во чиј мандат беше покрената постапката за негова екстрадиција.
Адвокатката на Васиљковиќ, Слаѓана Чанковиќ тврдеше во текот на постапката дека нејзиниот клиент бил еден од најистакнатите претставници на Србите, но тоа не е доволно за да биде осуден. Шкаре-Ожболт ги отфрла тврдењата дека тој бил осуден затоа што е Србин. „Жупаниските судови имаат специјализирани судии кои судат воени злосторства и не се сомневам во нивната објективност. Приказната за монтиран процес е целосно неоснована“.
Постапката против Васиљковиќ траеше една година и во неа беа испрашани 60 сведоци, но не предизвика големо внимание во хрватската јавност. Самиот Васиљковиќ не се жалеше на условите во сплитскиот затвор. Напротив, ги пофали санитарните услови и храната, а затворските чувари ги нарече „фини луѓе“.