1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Карантински медитации

25 мај 2020

Секојдневно стануваме свесни дека повеќе не можеме слободно да ја планираме иднината. Тоа е едно од најмачните искуства во карантинската изолација. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3ciDj
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Стравот ја блокира човечката способност да сонува за иднината. А човекот е суштество  што си поставува  секогаш нови цели. Неговата енергија на копнежот е жедна по иднината. Во  пандемија тешко се планира иднината. Притоа, не мислам на соништа, кои порано беа реалност, а денес се чинат фантазија. Имено, кога ненадејно во умот ќе ви долеташе мирисот на  зимата во Рим, па веднаш правевете планови со која нискотарифна авионска агенција ќе можете за викденот да отпатувате во Италија. Така беше порано, пред карантинските правила. А како сега да  отпатуваме за  три дена некаде, кога штом ќе стигнеме на целта, прво ќе мора да бидеме во карантин од две недели? Тогаш сфаќаме дека во пандемиски услови патувањата долго ќе бидат невозможни. Самите сега ја ограничуваме слободата на движењето. Се прашуваме каде  да го поминеме летниот одмор во најблиската околина. Така сознаваме дека тоа и не е голема жртва. Долго време за многу луѓе тоа беше  најнормалното нешто. Долго време не одевме секоја година на одмор. Кога патувањето со авион беше скапа работа, не беше замисливо во една година да се оди на летен одмор  на Канарските острови, на зимување во Швајцарија, а  барем секои три месеци на викендите на кратко патување во европските метрополи. Одеднаш  неволјата станува, без да сакаме, сила на разумот. Најкритичните меѓу нас се прашуваат која беше цената за тој луксуз.

Ама дури и да се откажеме доброволно од  летниот одмор во далечни земји, сепак, пандемијата го нагризува и односот кон најблиските нешта. Стануваме секојдневно свесни дека повеќе не можеме слободно да ја планираме иднината. Тоа е едно од најмачните искуства во карантинската изолација. Притоа не мислам само на иднината на стопанството. Мислам повеќе на плановите за иднината  како ритуали на секојдневието. Тие нешта што не‘  исполнуваат со радост кога мислиме  на нив и, очекувајќи ги нестрпливо да дојдат,  ги броиме деновите. Како што чинат децата. Ритуалите на заедништво сме научени да ги  повторуваме  секоја година. На празниците, на  семејните слави, на свадбите и крштевките, на родендените. Празниците се деновите на кои  раскошно го празнуваме заедништвото, припадноста на една култура и стил на живот. 

Како ќе го обликуваме секојдневието, доколку пандемијата продолжи до крајот на годината? Како ќе издржиме во пандемиското секојдневие ако тоа трае подолго од година? Ако трае, не дај Боже, цели две години, а  можеби и подолго?  Ваквите прашања му го одземаат здивот и на најголемиот оптимист. Се прашувам како ќе го славиме Божиќ  во услови на  пандемија? Сега е пролет, а  не е далеку ни летото. Сега ние,  постарите генерации  во изолација, не мислиме толку на  летниот одмор во далечни земји, а најмалку на Божиќ. Мислиме повеќе на тоа дека сега би можеле да се сретнеме со децата и внуците - барем само на еден, два часа. На отворено, во градината, во паркот. Додуша, и тогаш ќе бидеме разделени едни од други. Ќе седиме на маси   поставени на  безбедно растојание. И иако не ќе смееме да се поздравиме со роднините.  А бабите и дедовците ќе ги гушкаат внуците само со погледот,  додека ќе им трепери срцето од тага. Сепак, се радуваме што ќе бидеме  кусо време заедно со најмилите. На растојание, но, под исто небо!

Други колумни од авторката:

-„Тајното писмо“ во книгите

-Македонската историска траума и македонскиот синдром

-Земја на печалбари

Ама како ќе биде кога ќе дојде зимата? Навистина, како ќе биде за  Божиќ? Нема друг празник за христијанскиот свет кој толку силно ја изразува поврзаноста со фамилијата, со пријателите, како празникот на Христовото раѓање. Просечната големина на становите, на одаите во куќите, не дозволува да се собере целата фамилија, а притоа средбата да се одвива според пандемиските мерки.  Не живееме во замоци со големи сали за балови, во кои без проблем би можеле да се постават неколку маси на безбедно растојание. Како на децата ќе им објасниме дека  нивните баби и дедовци не ќе можат да бидат со нив токму на Божиќ?  Како ќе изгледа семејниот ручек за Бадник и Божиќ во услови на пандемија? Добро, подароците ќе си ги подаваме од растојание и со маска. Но, како ќе јадеме заедно? Како ќе пееме Божиќни песни во затворена мала просторија? Пак со маски? Или само една песна, колку да се стори адетот?  И ќе ни‘ стане ли јасно, кога ќе тагуваме за времето пред пандемијата, колкава среќа беа досега ритуалите на заедништвото кои ги сметавме за најобична работа? Кога пред Божиќ, барем во Германија, уште во Адвент, во четирите недели пред празникот,  се собиравме во  радосна толпа на божиќните панаѓури, пиејќи топло, благо вино  и слушајќи божиќни песни. Божиќен панаѓур, на растојание од два метра еден со друг? Незамисливо!

Со секој нов ден  со пандемиски мерки, станува се‘ појасно колку  сеприсутниот вирус ја нагризува најважната особина на човекот – вербата во поубава иднина, надежта дека се‘ ќе биде добро.  На што  тогаш да се надеваме? Само на тоа дека  нема долго да чекаме на вакцина против коронавирусот. Или дека ќе се случи чудо и вирусот ќе исчезне сам од себе.  Само што овој вирус е многу чуден. Тој ни‘ ја одзема силата дури и  да си замислиме поубава иднина. Затоа што го блокира тоа, од кое ние  досега црпевме  сила. Пред стравот и загрозата, порано се сплотувавме. Ја баравме близината на другиот човек. Во неволјата ни‘ треба топлата прегратка што утешува. Раката на пријателот која не‘ крепи кога снеможуваме. Бакнежот во образот на внучето, на пријателот и пријателката при секоја средба. Сето тоа денес е невозможно. И не знаеме колку долго ќе биде така. А тоа  буди во нас исконски, одамна заборавен страв. Затоа што овој вирус го загрози токму јадрото на заедништво. Тој ги раздели фамилиите. Застана како невидлива ограда помеѓу генерациите. Стравувајќи од инфекција, стравуваме од  близината со другиот човек.

Првата жртва на вирусот е нашата увереност дека се‘ мора да се одвива така како што сака човекот. Затоа што досега бевме уверени дека тој е круната на творението. Затоа што тој е мерата на сите нешта. Затоа што за него нема ништо и никој,  кому треба да му благодари. За секој нов ден, за секоја  нова пролет, за  првиот плач на новороденчето. Уверени бевме дека, до крајот на светот, секој ден ќе се одвива обично и до здодевност секогаш исто. Затоа што ние,  луѓето, така сакаме. Не помислувавме дека токму таа увреност еден ден ќе мора да ја принесеме како жртва. Ограничувајќи се самите себеси - ако не од разум и самокритичност, тогаш од страв по сопствениот живот. Тоа ни‘ се случува токму сега! Затоа што сме присилени, за сопствената заштита, да се затвориме  во својот најличен свет – домот. Најскапоценото нешто за сите кои немаат повеќе дом. А колкумина од нас затвореноста во домот денес ја чувствуваат како затвор? Затоа што мислат дека некој друг ги присилува на тоа.

Тие луѓе не разбираат дека на тоа се присливме ние самите. Затоа што самите предолго сметавме дека за човекот нема никаква граница во неговото самоостварување. Сега болно разбираме дека  сите зависиме еден од друг. И дека без другите не е возможно нашето самоостварување. Дека другите се нашиот живот. Дека без нив тој не е убав. Дека без нив тој не е целосен. Човекот  не е  создаден да биде сам, велиме сега се‘  почесто. Само што ретко кога ние, луѓето, сознаваме толку јасно дека токму тоа е најскапоцениот дар. Луѓето со кои во роднинска, пријателска  и каква годе друга поврзаност го обликуваме, го поминуваме човечкиот век. Тој  беше со векови основниот ритуал на животот – заедницата со неколку генерации. Сонот на модерната индивидуа – нејзината затвореност во себе како монада – во пандемијата стана нејзиниот затвор. На кој таа, дури ниту поради сопственото здравје, понекогаш не сака да биде ограничена. 

Најдрагоцен досега ни‘ беше станал нашиот самозаборав  во конзумирањето на светот. Затоа што не го гледавме  како тајна, како дар. Туку само како  евтина храна и мртва материја  во процесот на човечката технологија.  Живеевме без мерка во трошењето на природата,  затоа што верувавме  дека се‘ ни‘ припаѓа само нам. На самовљубениот субјект на модерното време, кому природата му служи само уште како мртов материјал. Го стеснивме само за половина век животниот простор на животните. Ги уништивме шумите. Градовите ги претворивме во бетонски тврдини. Го загадивме воздухот. Ги затрувме реките. Морињата ги преполнивме со пластичен отпад. Не оставивме ниту парче недопрена природа. Се однесуваме кон природата како да не сме дел од неа. Човекот се однесува кон останатата природа и кон другите животински видови многу одамна како најопасниот вирус кон  луѓето. Само што тој критички поглед кон нештата долго сите го одбивавме. Заради човечката волја за моќ и контрола, заради неговата жед и глад да ја поседува природата. Се‘ до појавата на овој чуден вирус.  И сега ни‘ се присторува  дека небаре некој невидлив голем драматург да ја „режира“   оваа драма.  За да не присили конечно да разбереме дека така, како што досега се однесувавме, со природата и со другите човечки суштества, јуришавме со сигурност кон иднината  како слепа улица. Сите знаевме дека, кога-тогаш,  ќе дојде до катастрофата. Затоа сега во нас се буди нов страв, кој, сепак, ни‘ се чини како најархаичен. Стравот дека повеќе не можеме да ја планираме самите својата иднина. А тоа, впрочем, никогаш не можевме, иако не бевме свесни за тоа. Иднината е секогаш можна само заедно со сите луѓе, со сето човештво. Кога не сакаме да ја делиме со сите светлата иднина, тогаш ќе бидеме присилени да ја делиме катастрофата. И стравот од иднината!

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.