1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караџиќ виновен за геноцидот во Сребреница

ЖА/ртре/дпа/афп24 март 2016

Поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ, според Хашкиот трибунал, е одговорен за геноцид во Сребреница, опсадата на Сараево и воени злосторства.

https://p.dw.com/p/1IJVF
Фотографија: Reuters

Хашкиот трибунал на ОН за воени злосторства изршени во бивша Југославија денеска во Ден Хаг ја изрече првостепената пресуда против Радован Караџиќ, според која тој сноси кривична одговорност по повеќе точки од обвинението, најважната - геноцид извршен во Сребреница. На Караџиќ му е изречена вкупна казна затвор од 40 години. Меѓу другото, тој како поединец сноси кривична одговорност за киднапирање на припадници на Сините шлемови на ОН и убиства и протерувања во повеќе градови, изјави судијата О-Гон Квон. Караџиќ е одговорен за опсадата на Сараево, воени злосторства и за злосторства против човештвото извршени во делови од Босна и Херцеговина, оценија судиите на ОН.

Niederlande Radovan Karadzic vor Gericht in den Haag Überlebende und Angehörige vor dem Gericht
Жртвите бараа правдаФотографија: Reuters/M. Kooren

На товар на денес 70-годишниот Караџиќ е и повеќегодишната опсада на Сараево и кампања за протерување на босанските муслимани и Хрвати од градови во земјата. Под командата на Радован Караџиќ српските трупи во 1995 година продреа во зоната под заштита на ОН околу босанскиот град Сребреница и убија осум илјади муслимански момчиња и мажи. Масакрот во Сребреница се смета за најтешкото воено злосторство во Европа по завршувањето на Втората светска војна. Во босанската војна од 1992 до 1995 година беа убиени вкупно околу 100.000, а во бегство беа натерани околу 2,2 милиони луѓе.

Радован Караџиќ беше уаспен во 2008 година во Белград, по претходни 12 години во бегство. Во 2009 година започна процесот против поранешниот лидер на босанските Срби, во текот на кој тој постојано пледираше дека е невин.

Пред Хашкиот трибунал во Ден Хаг денеска беа собрани и претставници на жртвите од босанската војна, барајќи правда.