Караџовски: Судијата Тодоровски не бил на дневен ред
13 јули 2017Не е точно дека на дневен ред експресно било ставено разрешување на судијата Дарко Тодоровски од Основниот суд Скопје 1, изјави за ДВ претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, демантирајќи ги таквите медиумски тврдења. Името на овој судија го привлече вниманието на јавноста, откако по барање на одбраната на осомничените во предметот „Титаник“ тој беше изземен од тричлениот кривичен совет, што требаше да одлучува за предлогот на СЈО за мерки притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски. Како што изјавија тогаш за ДВ судски извори, откако расположението во кривичниот совет било 2 спрема 1 „за“ прифаќање на мерката притвор, (Тодоровски бил „за“ со уште една судијка), експресно стигнало барање од одбраната на осомничените тој да биде изземен од одлучувањето, со образложение дека „за него пред Судскиот совет е поведена постапка за разрешување од судската функција, на барање на Советот за утврдување на факти“. По изземањето на Тодоровски и негово заменување со нов член во кривичниот совет, гласањето завршило со отфрлање на барањето за мерки притвор за осомничените.
Тајната што не е тајна
Караџовски ги демантира медиумските наводидека веднаш по таа епизода како точка на дневниот ред 259. седница на Советот на Судскиот совет било вметнато и утврдувањето на одговорноста на Тодоровски.
„Ниту Тодоровски бил ставен на дневен ред, ниту му било спомнато името. Тие што ја знаат процедурата, знаат дека нема ад-хок расправа и одлука. Тоа се фази. Доколку Советот за утврдување на факти оцени дека има основа за утврдување на одговорност за одреден судија, по претходно спроведена постапка (сослушување на судијата, негово право на адвокат, на одговор, доставување докази...) тогаш барањето го доставува до Судскиот совет. И тоа барање не се става веднаш на дневен ред“, објаснува претседателот на Судскиот совет.
Според процедурата, прво се одредува судија известител, кој подготвува извештај дали барањето е навремено, дозволено и целосно. Ако тие услови се исполнети, потоа судијата се повикува на распит.
„Може тоа да биде тоа на јавна седница, но не мора, а судијата има право на адвокат и на доставување на докази. Потоа на седница се одлучува дали ќе се прифати или запре постапката за утврдување одговорност за судијата. Доколку има основа за негово разрешување, се подготвува писмено решение, а судијата има право на жалба до жалбен совет на Врховниот суд“, потенцира Караџовски.
Тој вели дека е спротивно на законот да зборува за конкретни имиња на судии за кои Советот за утврдување на факти утврдил дека има основа за барање одговорност, односно за нивно разрешување. Единствено потврдува дека „во Судскиот совет има 5-6 барања за разрешувања на судии заради нестручно и несовесно работење“. Но и покрај тајноста на постапките според законот, до денес останаа неодговорени прашањата: Како одбраната на осомничените во „Титаник“ дознала дека за Тодоровски е поведена постапка пред Судскиот совет, и како одбраната дознала кои судии ќе решаваат за предметот „Титаник“, штом побарала Тодоровски да биде изземен?
„Титаник“ беше капиталниот предмет на СЈО што ги истражуваше изборните измами, во кои е осомничен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници, заради составување на избирачки список по волја на интересите на партијата, за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по ниедна основа не смеат да бидат таму.
Опструкции на реформите
Поради сомнежи и докази за двојните аршини во судско-обвинителскиот систем, деновиве парламентот расправа за барањето на разрешување на Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Тој пред пратениците во Собранието образложи дека добро ја вршел работата, дека неговото разрешување нема да биде никаква реформа и дека тој немал никаква врска со политика.
„Во предлогот се наведува дека незаконито и нестручно сум ја извршувал функцијата и дека со неповедувањето на кривични постапки сум до довел во прашање угледот на функцијата. Ништо од ова не е точно. Дека тоа е така, потврдува и предлогот каде што нема ниту една точка каде што се објаснува како и кога нестручно сум ја извршувал функцијата (...) И Советот на јавни обвинители не кажа ни зошто ни како ни врз основа на што дал позитивно мислење на барањето на Владата за мое разрешување“, рече Зврлевски.
Петре Шилегов од СДСМ реплицираше дека неспособноста на јавниот обвинител не е само политичка констатација и квалификација од страна на нивната партија, туку дека е констатација која државата ја добивала во скоро сите извештаи на Европската комисија, ОБСЕ и Стејт департментот.
„За жал, Јавното обвинителство заедно со дел од судството претставуваа, и сѐ уште во сегменти претставуваат дел од криминалната спрега која раководеше со институциите на нашата држава. Дали тоа некој го направил свесно или несвесно, не можеме и не смееме да даваме оправдување“, рече Шилегов, додавајќи дека Зврлевски е човек кој не успеа да ја одбрани Македонија од криминалците, кој служел на криминалците и ја изместил позицијата на ЈО од орган кој раководи со истрагата - до послушник на МВРО-ВМРО.
Според аналитичари со кои разговараше ДВ, обидот за реформи во правосудството ќе биде најтешкиот предизвик, бидејќи на површина веќе излегуваат сите подземни и надземни обиди за опструкција на тој процес, но и индивидуални обиди за брзо „престројување“, само со цел да се избегне одговорноста за претходните спреги со извршната и законодавната власт, што исто така може да негативно да се одрази на планираните реформи.