Карневалистите им се потсмеваат на Меркел, Шулц и Трамп
12 февруари 2018Карневалот во Рајнската област денеска, на Розенмонтаг, го доживува својот врв. Стотици илјади карневалисти во Келн, Диселдорф и Мајнц со извиците „Алаф“ и „Хелау“ ги поздравуваат карневалските поворки, кои секогаш на мета ги имаат политичарите.
И овојпат омилена цел за критика и потсмев е американскиот претседател Доналд Трамп: во Келн дел од поворката е карневалската кола со Трамп како валјак кој ја тапка Америка, во Диселдорф врз него е качена руската афера претставена во облик на дебела мечка, а во Мајнц тој со палка за голф со сета сила удира во Договорот за климата.
Германската канцеларка Ангела Меркел на карневалот во Диселдорф е претставена како пајак „црна вдовица“ под кој има коски и черепи на одамна избледените политички величини во земјата, како некогашниот СПД-кандидат за канцелар Пер Штајнбрик и нејзиниот интерен противник од ЦСУ, Едмунд Штојбер. Во Мајнц, пак, канцеларката е претставена како желка која со главата клима во сите насоки. Кон тоа е додаден текстот: „Ако се заканува непријатност и неволја, таа едноставно си ја вовлекува главата навнатре.“
Дел од карневалските поворки се и колите со фигури на севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, кој во поза од филмот „Dirty Dancing“ танцува со нуклеарна ракета, потоа британската премиерка Тереза Меј, како и францускиот претседател Емануел Макрон, кој облечен како Наполеон повикува да се тргне напред, а притоа се вози со стар спачек. Пораката гласи: попусто сите големи пози, ако возилото (француската економија) не оди како што треба.
Сепак, најтажната фигура на карневалот годинава е лидерот на германската СПД, Мартин Шулц. Во Диселдорф самиот се „меле“ во машина за месо, а во Мајнц е прикажан како муниција која експлодира предвреме и претставува опасност за оние кои се во непосредна близина.
Инаку, во карневалската поворка во Диселдорф учествуваат околу 6 илјади луѓе, а низ улиците се движат околу 100 карневалски коли. Во Келн, пак, според податоците на раководството на карневалот, во поворката има дури 11 илјади луѓе, а поворката овојпат е долга 7,5 километри.
Освен политичките пораки и укажувањето на аномалиите во општеството и годинава на карневалот во Рајнската област на насобраните луѓе кои ги следат поворките ќе им бидат поделени стотици тони слатки. Само колите во поворката во Келн се натоварени со над 300 тони слатки, од кои 700.000 чоколада, 220.000 бонбониери и 300.000 букети со цвеќе.