1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Картел на измамници

Хенрик Беме
24 јули 2017

Дизелгејт во Фолксваген? Па, тоа е детска играчка во споредба со она што во моментов ја потресува германската автомобилска бранша. Обвинувањата за картел се катастрофа за некогаш угледната бранша, оценува Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/2h3iN
Kombi Logos BMW Daimler Audi
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel/U. Deck/S. Puchner

Може да се биде многу сигурен во тоа дека на викендот телефонските линии меѓу Волфсбург, Штутгарт, Минхен, Инголштат и Цуфенхаузен биле вжештени. Можеби заседавала дури и работна група, па дури е можно да имало средба и на шефовите лично. Средба некаде, тајно. Зашто, средбите на т.н. работни групи секогаш и биле тајни, сеедно дали станува збор за покривите за кабрио возилата или за прочистувањето на издувни гасови. Така беше 20 години. Трикови, измами, криење. Сето тоа на грбот на потрошувачите. Заеднички против конкуренцијата.

Ново сметање на времето

Во текот на викендот, по објавувањето на информациите дека германските автопроизводители се договарале за многу работи и тоа уште од 1990-тите, за германската автомобилска индустрија почна ново сметање на времето. Дизелгејт во Фолксваген споредено со ова е детска играчка. Иако уште ништо не е докажано, поради тоа што Антимонополската управа и ЕУ-институциите само што почнуваат со проверка на актите и документите, веќе е јасно како ден: обвинувањата за картелско договарање се катастрофа за германската угледна бранша. Сега производителите набрзина се обидуваат да го спасат она што веќе не може да се спаси: во вистинска трка со Брисел и Бон, Дајмлер и Фолксваген се пријавија сами, затоа што постапката за картелско договарање му дава попуст, па дури и ослободување од казна, на оној кој ќе ги открие договорите.

Тоа некому можеби финансиски ќе му помогне, но имиџот на браншата е уништен. Фолксваген, Дајмлер и БМВ беа гордост на Германците. Но, кој се гордее со измамници? Дизелгејт кај Фолксваген беше последната капка која ја прелеа чашата и предизвика губење на довербата во доброто на германскиот автопроизводител, иако во истото мочуриште тонат и други. Новите обвинувања сега се огромен удар и ги уништуваат сите напори во Волфсбург, Шутгарт и други места, да се фрли повторно подобро светло врз автоконцерните.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Општествена одговорност

Првите реакции на автопроизводителите покажуваат каков удар беше објавувањето на обвинувањата. Нема коментар за шпекулациите, се вели едногласно во БМВ, Дајмлер и Фолксваген. Само БМВ жестоко ги демантира обвинувањата дека е заплеткан со останатите во скандалот со манипулациите со издувни гасови. Но, инаку, целата бранша доживеа огромни штети. Работите навистина се страшни во браншата за која секогаш се велеше дека е за пример. Бранша која вработува 800.000 луѓе, од која зависи доброто на стотици илјади семејства. Судбината на цели градови и општини зависи од локалниот автопроизводител или некој голем доставувач за автоиндустријата.

Големите авто-босови со драго срце и во секоја прилика нагласуваат дека се свесни за општествената одговорност. Глупости! Ништо од ваквото дрдорење не е вистина!

Крај на авто-канцеларите

И германската влада игра голема улога во овој мега-скандал. Од нејзе - и пред сѐ од авто-канцеларите или авто-канцеларките - во секое време доаѓаше политичка поддршка кога Брисел „чепкаше“ по вредностите на издувните гасови или кога Кинезите одлучуваа за електро-квота. Тогаш се вадеше познатиот „работни места-боздоган“ и во централите на концерните се јавуваше: продолжете како досега, ние го средивме тоа за вас. Сега е неопходно јасно дистанцирање. Поради тоа што со измамници нерадо се соработува, концерните најверојатно го загубија својот најважен сојузник.

Што ќе се случи со ИАА?

Првата слика за расположението ќе биде испратена веќе наредната недела, од т.н. дизел-самит.На самитот ќе стане збор за заобиколување на ветувањето за бесплатни акции на техничко доопремување на возилата и за избегнување забрани за возење на дизел-загадувачите во центрите на градовите. Сега од тоа нема ништо, зашто од Берлин се очекува контраветер. А, со особено голема напрегнатост може да се очекува саемот на автомобили во Франкфурт, кој ќе се одржи за неколку недели. Како ќе се претстават германските автопроизводители? Уништени? Сигурно не! Дали канцеларката, како секогаш во изминатите години, ќе зборува на отворањето? На иста бина со измамници и прикривачи? И тоа на десет дена пред парламентарните избори? Тоа во моментов е незамисливо, дури ни со најдобра волја.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58