Катастрофата во Чернобил и последиците
26 април 2006Чернобил беше катализатор. Атомската катастрофа од април 1986 година не ја промени само Европа, туку предизвика последици со историски размери. Кон тоа придонесоа, иако не сакајќи, оние советски функционери кои, по радиоактивното загадување на цели региони и градови во источна Европа, настапија со методи познати од комунизмот: најнапред го лажеа населението, а потоа ги задскриваа последиците. И тогашниот генерален секретар на партијата Михаил Горбачов за вистинските размери на катастрофата дозна доцна. Тогаш се промени неговиот однос кон апаратот. Тој веќе немаше доверба во системот што го доведе на власт. Горбачов се обиде да го реформира и водеше политика на транспарентност – гласност – и на промени, наречени перестројка. Па, дури и ако не му успеа, сепак неколку години подоцна заврши студената војна и падна железната завеса. И тоа беше една од последиците на Чернобил.
Големата несреќа ја промени енергетската политика на многу земји. Луѓето осознаа какави смртни опасности можат да произлезат од користењето на атомската енергија. Партиите кои бараа напуштање на оваа, како што велеа, непресметлива техника, влегоа во европските парламенти. Зелените политичари презедоа одговорност во владите. Оттогаш, барем во западна Европа, силно се бара развивање на алтернативни енергетски техники. Посебно Германија го направи тоа и, со право е горда. Горди можат да бидат и дузина граѓански иницијативи кои им помагаа на чернобилските жртви во Белорусија и во Украина со пари и лекови.
Веќе 20 години граѓанските иницијативи, партиите и владите се обидуваат да го совладаат она што едноставно не е можно да се совлада. Радиоактивниот облак од чернобилската катастрофа ја загади околината 400 пати повеќе од атомската бомба во Хирошима. Големи подрачја околу Чернобил ќе останат контаминирани за долго време. Таму всушност веќе не смеат да живеат луѓе. Меѓутоа, на десетици илјади луѓе, поради недостиг на финансии, не им останува ништо друго освен да останат во пограничните подрачја меѓу Украина и Белорусија. Владите во Минск и Киев немаат средства ефикасно да настапат против последиците од катастрофата. Лошата бирократија постапува вообичаено. Одамна, итно изградениот саркофаг врз унесреќениот реактор, пропушта радијација. Секојдневно излегува радиоактивно зрачење, а само прашање на време е кога овој саркофаг ќе се распадне. Додуша, Запад стави на располагање пари за изградба на нова и поголема заштитна обвивка, но градењето на бетонскиот мантил се одвива бавно. И 20 години по катастрофата се уште не е можно да се проценат долготрајните последици. Бројот на деформираните новороденчиња во околината на смртното поле јасно се зголеми. Стотици илјади луѓе, таканаречените ликвидатори, значи луѓе кои, непосредно по несреќата, ставајќи го на коцка сопствениот живот, се обидоа да го спречат уште полошото, понекогаш и со голи раце, стареат невообичаено бргу. Многумина заболеа од рак, а малку кој се грижи за нив. И тука недостигаат пари. Чернобил е подмолното наследство и не смее луѓето во Белорусија и Украина да бидат оставени сами на себе. Оттаму, ако воопшто е можно, тешкиот товар треба да го носат луѓето и од Исток и од Запад.
Миодраг Шориќ