Кај Ромите во Асеновград
Во Асеновград, во јужна Бугарија, живеат шест илјади Роми. Како и во многу други бугарски градови, Ромите и овде живеат во свој свет. Марија Илчева беше во посета на Ромите во Асеновград.
Живот во квартот на Ромите
Асеновград во јужна Бугарија е град со 60 илјади жители. Како и во другите бугарски градови, Ромите и во Асеновград живеат во посебен кварт. Дрвени колиби или лимени бараки меѓутоа овде речиси нема, освен на периферијата на населбата, каде живеат најсиромашните.
Дали се Роми или не?
Според последниот попис, во Асеновград живеат само 663 Роми. Но, ако влезете во ромската населба Лозница, веднаш ви е јасно дека статистиката не е точна. Неофицијалните податоци велат дека тука има повеќе од шест илјади Роми. Зад противречените бројки се крие познатиот факт: најголем дел Роми се изјаснува како Турци или Бугари.
Градење без дозвола
Речиси половината од куќите во Лозница се без градежна дозвола. Во источниот крај на квартот, кој граничи со гробишта, стојат повеќе дрвени бараки, изградени на туѓо земјиште. Планот за интеграција на градот предвидува овде во следните десет години изградба на социјални станови за Ромите, наместо дрвените бараки. Идејата е спорна.
Дом со седум деца
Овој човек гордо го покажува портретот на својата жена: „Ја сакам, имаме седум деца“. Семејство со само едно дете овде е речиси незамисливо. Мајките често се малолетни кога ќе го добијат првото дете. А со 25 години проширувањето на семејството е речиси завршено. Многу баби и дедовци во населбата немаат ни 40 години.
Ромско училиште
Во Асеновград сите ромски деца одат во училиште. Во 99 проценти тоа е училиштето „Никола Вапцаров“, т.н. ромско училиштево Асеновград, кое се наоѓа непосредно во близина на ромската населба. Во годините пред демократските промени, 1989-1990, училиштето го посетуваа и бугарски и турски деца. Денес сите 720 ученици во „Никола Вапцаров“ се Роми.
Прекин на школувањето
Т.н. ромско училиште во Асеновград пружа општо осумгодишно образование. 70 проценти од учениците го завршуваат осмото одделение. Останатите 30 проценти го напуштаат училиштето без диплома, најчесто поради слаб успех на предавањата на бугарски или зашто рано стапуваат во брак и добиваат деца. Секоја година во последнава група има по четири или пет девојчиња.
Во потрага по среќата во странство
Во последната година училишната управа констатира нов тренд кај ромските ученици: се‘ повеќе деца го напуштаат училиштето на неколку месеци за да си ја пробаат среќата со родителите во странство, претежно во Германија и во Франција. Најчесто децата се враќаат со семејството по два или три месеци и мораат да го повторуваат одделението.
Горди матуранти
Бројот на матуранти во ромската населба е мал, затоа тие уживаат посебно внимание. Ромите-матуранти најчесто потекнуваат од побогатите семејства, кои на големата завршна матурска прослава го канат целото соседство. Малкуте матуранти од Лозница посетувале насочено образование и се квалификувани козметичарки, фризерки, механичари или електротехничари.
Половината се невработени
Според податоците од Агенцијата за вработување, половината од жителите Роми во Асеновград се невработени. Околу 85 проценти од примателите на социјална помош во градот се Роми. Најчесто вработените Роми работат како помошници во градежништвото или чистат улици. Некои од нив имаат сопствени фирми, пред се‘ трговци на пазарот.
Сопствена фирма
Некои Роми во ромската населба имаат свои продавници. Но, тоа во Лозница често не значи повеќе од поставена тезга на улица на која се нуди стоката: пијалоци, мастики за џвакање, цигари, кекси. На трговците со облека дури не им треба ни тезга, ја нудат обесена на закачалки.
Децата и парите
Децата сакаат сами да заработуваат пари. За тоа се потребни идеи и талент за импровизација, како кај овие момчиња, кои продаваат сладолед. Но, многу деца се принудени да питачат или тоа го прават доброволно. На секоја свадба, на секој погреб пред општината или на гробиштата стојат група Ромчиња-питачи - сомнителен „бизнис“ со емоциите на луѓето.