Кеноша гори, вонредна состојба во Висконсин
26 август 2020Гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, прогласи вонредна состојба во овааамериканска сојузна држава откако трет ден по ред траат протестите во градот Кеноша по објавувањето на видео снимката на која се гледа како полицајци неколку пати пукаат во Афроамериканецот Џејкоб Блејк.
Во извршната наредба, Еверс ја повика Националната гарда да ја поддржи локалната примена на законот и да ги заштити инфраструктурата и културните институции.
Блејк беше повеќепати застрелан во инцидентот кој се случи пред неколку дена. Тој е во тешка состојба, а неговиот татко соопшти дека е парализиран, но лекарите не можат да потврдат дали парализата е трајна или привремена.
Џејкоб Блејк сениор за весникот Чикаго Сан Тајмс изјави дека неговиот син е застрелан 8 пати за време на конфликтот со полицијата кој се случи во неделата, што доведе до немири во градот кои траат три вечери по ред.
Повеќе на темата:
-САД и расизмот: Помалку пари за полицијата?
-Зошто полицијата во САД е толку моќна?
-Бесконечната борба за еднаквост во САД
Така Кеноша стана најново жариште на протести во САД кои се одржуваат откако видео снимката, на која е прикажано како полицијата пука на Афроамериканецот Џејкоб Блејк, беше споделена на социјалните мрежи. Пукањето се случило во пет часот попладне.
На видео снимката, направена со мобилен телефон, се гледа како е пукано во грбот на Блејк кога паднал на седиштето во својот автомобил во кој се наоѓале неговите три деца. Мажот кој тврди дека ја направил видео снимка вели дека видел како тројца полициски службеници му зборуваат на Блејк да го фрли ножот пред да почнат да пукаат во него и оти тој лично не видел нож во рацете на Блејк.
Гувренерот Тони Еверс изјави дека нема никакви информации за тоа дали Блејк имал нож или некакво друго оружје, и оти истрагата по повод овој случај е во тек.
Пред само три месеци, смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во брутална полициска акција во Минеаполис доведе до национални протести. Сега случајот Блејк повторно предизвикува бес - не само во САД.