Кина им се заканува на САД и на Јапонија
4 декември 2013Кинеското раководство со јасни зборови ги предупреди САД и Јапонија во врска со спорот околу нејзината нова воздушна зона на противвоздушна одбрана. Кинеската армија е во состојба „ефикасно да ја контролира зоната“, изјави портпарол на кинеското министерство за одбрана пред пристигнувањето на американскиот потпретседател Џо Бајден во Пекинг. Државната новинска агенција Ксинхуа дополнува: ако некој авион биде оквалификуван како опасност, мора да смета дека ќе биде пресретнат од кинеските борбени авиони.
Јапонија ја игнорира одредбата
Кина бара од сите странски авиони да се пријават, идентификуваат и да ги следат упатствата на нејзината воена авијација при влез во новата зона на противвоздушна одбрана која таа ја прогласи на 23. ноември околу морската област за која спори со Јапонија. И покрај отпорот против воведената зона, Вашингтон побара од американските авионски компании, од безбедносни причини, да се придржуваат на одредбата. Јапонското воздухопловство, под притисок на владата во Токио, се противи на предавањето на плановите на летање. Висок по функција функционер во делегацијата на Џо Бајден потврди - САД нема да ја признаат новововедената воена воздушна зона:
„Нашите авиони и натаму ќе летаат нормално, без да ја имаат во предвид новата идентификациона зона за воздушна одбрана“.
Провокативно однесување
Пред заминувањето од Јапонија, каде беше претходно, Бајден даде оценка - се работи за провокација:
„Ова ние го сметаме за еднострана акција за промена на статус - квото во Источното Кинеско Море“, изјави тој по средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе. Бајден најави во Пекинг да ја пренесе својата голема загриженост околу кинеската постапка. Претходно тој предупреди од можни „инциденти, несреќи“ во зоната на ненаселената група острови, коишто Јапонија ги нарекува Сенкаку, а Кина - Дјаојујидао.
Вашингтон децидно не зазема став за суверенитетот на островите, меѓутоа ја признава јапонската административна контрола и вели дека американско-јапонскиот договор за безбедноста се однесува и на нив, што е став кој би можел да ги вовлече САД во воен инцидент, кој очигледно Вашингтон попрво би го избегнал.