Кина со големи планови за Грција
11 ноември 2019Реткост е толкава близина со Кина: минатата недела конзервативниот премиер на Грција Кирјакос Мицотакис ја посети земјата во придружба на голема делегација од бизнисот. Грција се прослави како домаќин на саемот за извоз што се одржа во Шангај. Сега во Атина е послан црвениот килим за претседателот на Кина, Ши Џинпинг. Џинпинг и Мицотакис денеска потпишаа 16 договори за соработка. „Кина и Грција се наоѓаат во фаза на реформи и нашите народи сакаат поголема сорбаотка“, изјави Ши. Кинезите, кои го имаат земено под наем пристаништето Пиреја, сакаат да го претворат истото во најголемо пристаниште за контејнери во Европа. Освен тоа, двете држави ја зајакнуваат соработката во сферата на туризмот, банкарството и енергетиката, како и во областа на образованието.
„Отворени сме за бизнис“ е омиленото мото на новиот грчки премиер Мицотакис. Лидерот на конзервативците се претставува нагласено пријателски настроен кон бизнисите, сака даноците за компаниите во Грција да ги намали за 30 проценти и долго одолговлекуваните приватизации да ги спроведе со забрзано темпо. Во медиумите наклонети на власта, врие од позитивни вести: наводно САД се заинтересирани за стратешки важното пристаниште во Александропулос во близина на турската граница, додека Израел се фокусирал на грчкото призводство на оружје, а германската енергетска компанија РВЕ сакала да купи удели во грчкиот снабдувач со електрична енергија ДЕХ.
Но, прв на ред е Пекинг. „Во изминатите шест месеци разните проекти многу напредуваа во реализацијата", оценува Фотис Проватас, првиот човек на Комората за грчко-кинеска соработка со седиште во Атина. Важен чекор напред, според него, е и тоа што во блиска иднина во Атина ќе бидат присутни две кинески банки, бидејќи, како што вели Проватас за ДВ, „инвеститорите од Кина одат онаму каде што веќе има претставништва на домашните банки".
Пиреја – инвестиција со симболично значење
Има простор за раст со оглед на тоа дека актуелно кинескиот удел во Грција не е ниту еден процент од вкупните кинески инвестиции во Европа. Како проект кој многу ветува се издвојува пристаништето во Пиреја, кое од 2016 е во мнозинска сопственост на кинеската државна компанија КОСКО.
За денеска е планирана посета на Мицотакис и Ши Џинпинг на постројките на КОСКО во Пиреја. Кина сака да ги надгради своите инвестиции, но не наидува баш секогаш на разбирање во Атина. Грчката страна, според информации на весникот „Катимерини”, го одбила кинескиот предлог да се гради работилница за изградба и поправка на мега јахти, очигледно од обѕири кон локалната конкуренција. Планираната надградба на капацитетите за поморскиот транспорт на контејнери се одвива забавено. Сепак, Константинос Филис, директор за истражувања при Атинскиот институт за меѓународни односи, за ДВ вели дека „инвестицијата на КОСКО во Пиреја е успешна приказна". Важно е и тоа што Кина ги почитува европските прописи, како на пример за заштита на работната сила, истакнува политикологот.
Фотис Проватас појаснува дека во интерес на Грција е да инсистира на почитување на европската норматива, бидејќи токму помалите земји немаат друга заштита од своеволието на посилните држави. „Во минатото Унгарија се обиде да ги заобиколи европските правила кога се работи за Кина и со тоа создаде големи проблеми. Тоа не може да е примерот по кој би се воделе ние." Политикологот Филис исто така повикува на почитување на европската регулатива и истовремено покажува големо разбирање за потребата на земјата да ѝ се приближи на Кина. На Грција итно ѝ се потребни нови инвестиции и свеж капитал, вели аналитичарот. Од Европа, освен вербални признанија, не можело да се очекува многу повеќе во тој правец.
Повеќе:
Новиот пат на свилата и опасна инфилтрација на Кина во Европа
„На Европа ѝ треба одговор на кинескиот Пат на свилата“
ЕУ плаќа, Кина гради - и заработува!
Златна виза за Кина
Атрактивен за кинеските инвеститори е и грчкиот пазар на недвижности. За тоа придонесува и бизнисот со т.н. златна виза. Имено, секој кој не е граѓанин на ЕУ, а инвестира 250 илјади евра или повеќе во грчки недвижности, добива право на престој во земјата за наредни 5 години. Во ниту една друга земја човек не може да добие право на слободно движење низ Европа за помали пари. Повеќе од 5 илјади Кинези веќе ја искористиле оваа можност, а тенденцијата е растечка. Дали имаме нов бизнис модел на повидок? И покрај симпатиите за Кина, Фотис Проватас е скептичен: „За економски пораст во Грција треба да придонесат пред сѐ продуктивни инвестицие, а не купувањето недвижности.“