Кина ја потврди посетата на Ким Јонг Ун
28 март 2018Ким Јонг Ун во Кина престојувал од неделата до денеска, јави агенцијата Шинхуа. Во Пекинг тој остварил средба со претседателот Ши Џинпинг. Ова е првпат Ким Јонг Ун да ја напушта Северна Кореја по стапувањето на власт во 2011 година. Јужнокорејската агенција Јонхап извести дека Ши ја прифатил поканата на Ким за возвратна посета. Посетата на Ким на Пекинг беше мистериозна, а медиумите претпоставија дека високиот гостин во Кина мора да е лидерот на Северна Кореја поради пристигнувањето на специјалниот зелен воз и големите безбедносни мерки во Пекинг.
Повеќе: Мистериозна посета на Ким Јонг Ун на Кина
Кинеската државна агенција извести дека Ким и Ши прво воделе разговори во Големата Хала на Народот во Пекинг. Подоцна Ши со сопругата Пенг Лијуан организирал прием за севернокорејскиот лидер и неговата сопруга Ри Сол Ју. Разговори со Ким воделе и кинескиот премиер Ли Кечијанг и членови на Централниот комитет. Ши го подвлекол значењето на пријателството на двете соседни држави и истакнал дека посетата на Ким доаѓа во особен период. Освен тоа, тој ги поздрваил „позитивните промени“ на Корејскиот Полуостров годинава и рекол дека Кина и натаму ќе се држи до целта - денуклеаризација и решение на проблемите преку дијалог.
Ким укажал на можните начини за решение на атомскиот конфликт. „Прашањето на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров може да се реши ако Јужна Кореја и САД реагираат благонаклонето на нашите напори за создавање на атмосфера на мир и стабилност, додека истовремено се преземаат прогресивни и синхронизирани чекори во насока на мир“, го цитира Шинхуа севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Кина соопшти дека ја информирала американската влада за посетата на Ким на Пекинг. Портпаролката на американскиот претседател Трамп, Сара Сандерс, изјави дека кинеската влада вчера ја контактирала Белата куќа и на Трамп му пренесла лична порака од претседателот Ши Џинпинг.
Повеќе: Доналд Трамп го условува Ким Јонг Ун
Најновиот развој на настаните е уште еден доказ дека Трамповата кампања на максимален притисок создава „соодветна атмосфера“ за дијалог со Северна Кореја, рече Сандерс.