Кинезите во „лов“ на германски претпријатија
11 јуни 2016Германската канцеларка Ангела Меркел со поголем број нејзини министри утре патува во Кина. Во фокусот на посетата е економијата. Притоа неодминлив е фактот дека обемот на кинески преземања на фирми во Германија е на рекордно ниво.
„Работиме деноноќно за Кинезите“, вели Ји Сан, водечки советник за Кина во фирмата Ернст и Јанг (ЕЈ). Таа е во потрага по соодветни "Targets" за кинески и германски инвеститори, како во светот на економистите се нарекуваат целите за преземање. Оваа 40-годишна советничка учествувала во неколку поголеми преземања. „Кинезите брзо ги научија своите лекции и станаа попрофесионални“, вели Ји Сан која веќе 10 години работи во консултантската фирма ЕЈ и самата потекнува од Кина.
Пазарите во странство би требале на кинеските фирми да им донесат нови импулси за раст. Економијата на Кина, додуша, се’ уште бележи- според европски сфаќања- извонредна стапка на раст од повеќе од 6 насто годишно.
Според пресметките на весникот „Ханделсблат“, кинеските фирми само во април годинава понудиле 3,2 милијарди долари за 12 германски компании. Тоа во еден годишен квартал е повеќе пари отколку во предходните 5 години. Тоа го потврдува и Каи Лакс, претседател на Германскиот сојуз “Mergers&Acquisitions“. Неговиот сојуз пресметал дека финансискиот обем на кинески преземања во Германија до крајот на годината ќе изнесува 10 пати повеќе од минатата година.
Германските фирми како кинеска отскочна штица
Касите на кинеските компании веќе со години се добро наполнети. Кинескиот капитал во првите 10 години од 21. век е повеќе вложуван во земјите во развој со богати ресурси, а сега Кинезите засилено вложуваат и во фирми во индустриските земји. Така Меркатор фондацијата за студии за Кина веќе во средината на минатата година зборуваше за „нова ера на кинескиот капитал“.
Насочени се кон фирми во Европа, посебно кон оние во Германија. „Тоа е главна целна земја за специфични индустриски сегменти“, вели Каи Лакс. Тој додава дека Кинезите следат секторска стратегија и бараат за себе поединечни актери кои во некоја област играат голема улога.
Така кинеските фирми, на пример, веќе во 2012. година ги презедоа производителите на бетонски пумпи „Пуцмајстер“ и „Швинг“. Меѓународниот пазар за бетонски пумпи оттогаш мнозински е во кинески раци. „Кинезите секогаш имале проблем со слаби брендови кои не можат да ги глобализираат“, вели Лакс додава дека германските средни компании притоа требаат да служат како отскочна даска.
"Made in China 2025"
Така неодамна и германската фирма за рециклирање отпад ЕЕВ е продадена за речиси 1,5 милијарди евра на една полудржавна кинеска компанија- досега тоа е најголема цена која една кинеска фирма ја платила за една германска. Од крајот на мај се разговара и за зголемен удел во производителот на роботи „Кука“ од 10 на 30 отсто, се зборува за износ и до 4,5 милијарди евра кои кинескиот концерн Мидеа сака да го понуди.
Во овој експанзионистички поход и кинеската влада има вмешано прсти. Така премиерот Ли Кечианг им порача на пратениците во парламентот: „Мораме да создадеме меѓународно конкурентни компании“. Неговите зборови се запишани црно на бело во петгодишниот план и програма "Made in China 2025". Во тој план се дефинирани бранши во кои кинеската економија треба да расте. Притоа, централни точки се автоматизациска и техника на зашитита на околината, автомобили, воздухопловство и информациски технологии.