1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кирјас: Загрижувачки е односот на ЕУ кон Западен Балкан

ДТЗ
29 септември 2021

Балканските народи не се глупави да останат неми на замајувањата на Брисел преку неисполнувањето на договореното кон Македонија за почетокот на пристапните преговори, вели политичкиот аналитичар.

https://p.dw.com/p/411zn
Albanien Ursula von der Leyen zu Besuch bei Edi Rama
Фотографија: Franc Zhurda/AP Photo/picture alliance

„Загрижувачки и разочарувачки е односот на Европската Унија кон Западен Балкан. Место да покаже иницијативност и проактивен однос во глобални рамки, Унијата постојано самата се става во дефанзивна улога. ЕУ место да реагира со брзо интегрирање на Западиот Балкан во рамките на Унијата, се чини дека на претстојниот самит во Словенија ЕУ ќе понуди разочарувачка реторика кон регионот“, вели за Дојче веле политичиот аналитичар и поранешен државен секретар во МНР,  Емил Кирјас, коментирајќи ја веста која што ја објави агенцијата Ројтерс дека ЕУ повеќе не може да се усогласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји. Агенцијата се повика на четворица дипломати и внатрешен документ на ЕУ, а веста беше објавена во истовреме кога започна посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Балканот. 

Кирјас вели дека Унијата постојано самата се става во дефанзивна улога. Само во последниот месец тоа беше случајот и со Авганистан, каде Европејците се најдоа во небрано со неотповикливата одлука на САД да се повлечат од оваа централноазиска земја и нејзиниот пад во рацете на екстремните Талибанци, како и со изненадувачката објава на Австралија, Британија и САД за стратешко сојузништво АУКУС во Индо-Пацификот, преку наоружување на Австралија со нуклеарни американски подморници, место со конвенционални европски подводни пловила. 

Емил Кирјас Северна Македонија
Емил Кирјас: претстојниот самит во Словенија ЕУ ќе понуди разочарувачка реторика кон регионотФотографија: privat

Шлаканици од ЕУ 

„Место на овие, благо речено шлаканици, ЕУ да реагира со агресивно позитивен и проактивен пристап кон Југоисточна Европа, консолидирајќи ја својата територија со мерки за брзо интегрирање на Западниот Балкан во рамките на Унијата, се чини дека на претстојниот самит во Словенија ЕУ ќе понуди разочарувачка реторика кон регионот“, вели Кирјас. 

Анализирајќи ги состојбите во Унијата, тој вели дека заспаноста, па дури и импотентноста на Брисел кон Западниот Балкан ќе ја чини ЕУ многу повеќе од стотиците милиони евра штета со брзата евакуација од Авганистан или десетиците милијарди штета со зделките објавени во рамките на АУКУС.

„Како ЕУ ја заборава својата најважна и најуспешна историска лекција дека инвестирањето во превенцијата и во интеграцијата е најдоброто можно режение за континентот. Како да не е јасно колку пострашна ќе беше геополитичката положба на ЕУ денес доколку проширувањата од првата декада на овој век не се случија“, анализира нашиот соговорник. 

Но, Кирјас е дециден дека балканските народи не се глупави да останат неми на замајувањата на Брисел преку неисполнувањето на договореното, било кон Косово за визната либерализација или кон Македонија за почетокот на пристапните преговори. „Ниту другите геополички актери заинтересирани за Балканот се неспособни да ја пропуштат можноста да го искористат разочарувањето кон ЕУ кое сѐ повеќе расте во регинот. ЕУ самата си става трн во ногата, измислувајќи проблеми со своето јавно мислење за кое интеграцијата на Западниот Балкан е од минорно значење, глобално претставувајќи се како неспособен актер дури и во своето најблиско соседство кое територијално го опкружува“, вели тој. 

Документот на Ројтерс 

Плашејќи се од политички реакции во земји членки, Европската Унија веќе не може да се усогласи за да гарантира идно членство на шесте балкански земји, објави вчера агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на четворица дипломати. Според текстот на Ројтерс, во декларацијата за Самитот ЕУ-Балкан, закажан на 6 октомври во Словенија, ЕУ планирала да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. Но на тоа се спротивставиле четири држави. 

EU I Ursula von der Leyen trifft Zoran Zaev
Дали на претстојниот самит во Словенија ЕУ ќе понуди разочарувачка реторика кон регионот?Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Членките не ги откриваат своите позиции по ова прашање, но според диломатите, богатите земји, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на брза интеграција како таа на Бугарија и Романија во ЕУ во 2007 година. Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спорот околу јазикот, пишува „Ројтерс“. Интересно е што земјата поради која трите западноевропски земји сега се противат на продолжување на проширувањето - Бугарија, според Ројтерс, сега ги поддржува нивните ставови. 

Очите вперени кон Франција 

Кирјас смета дека не е толку до Холандија и Данска, а уште помалку до Бугарија. Очите, според него, се свртени кон францускиот претседател Емануел Макрон кој ќе го преземе претседателствувањето со Унијата во очи на француското предизборие. Тој или ќе покаже одлучност и лидерство за Унијата, особено за забрзана интеграција на Западниот Балкан, за што можеби Французите ќе го наградат со нов мандат, или ќе продолжи да ниже геополитички порази, да држи протестни говори и да повлекува амбасадори. 

„Ако чашата се гледа полуполна, а не полупразна, како што е во моментот, всушност, Западниот Балкан е златна шанса и за Макрон и за Франција и за ЕУ. Сега е моментот да се покаже капацитетот на ЕУ да се решат не така тешките проблеми во регионот, преку одредување на јасна порака за временски брзо одредено членство во ЕУ“, вели Кирјас. 

Тоа ќе ги релаксира затегнатите односи во регионот, ќе даде мотивација за брзо решавање на билатералните проблеми, па и на македонско-бугарскиот, и ќе создаде нов елан за домашните реформските процеси. Би било жално - или подобро речено мошне опасно - за Европејците, без разлика дали се во ЕУ или не, ако таа шанса се пропушти уште на самитот ЕУ/Западен Балкан во Словенија. 

Пораката од Брисел не е добра 

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи утрово на аеродром ја испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која замина на средби во Приштина и Белград. Пораката од средбите беше дека таа посакува формалното отворање на преговорите да биде што поскоро и повика да не се губи верба, затоа што Северна Македонија „треба да направи само уште еден чекор“ кон ЕУ, по напредокот што е постигнат досега.  Но, поголем одек во јавноста доби текстот на Ројтерс објавен речиси истовремено.

„Сѐ додека доаѓа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и вели дека поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е недвосмислена, ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме и докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи при гостувањето во „Утрински брифинг“.

Bujar Osmani
Треба да продолжиме да работиме, да се покажеме и докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата, вели Бујар ОсманиФотографија: Anila Shuka/DW

Тој, коментирајќи ја објавената наводна нацрт-декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан, вели дека во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појавила дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. 

„Некои тоа го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново. Други го интерпретираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан“, вели Османи. 

Шефот на дипломатијата посочува дека без разлика за која варијанта и да станува збор, пораката не е добра во однос на едногласноста на ЕУ во односот кон Западниот Балкан. „Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може да дојдат да се зачленат уште шест нови земји членки, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари“, потенцираше Османи. Според него, без разлика на некои делови од нацрт-резолуцијата, сепак во неа се посочува оти ЕУ е посветена на членство на регионот и дека таа опција е без алтернатива.