1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кичево: Научи германски и заминувај!

Арбер Бајрами
29 март 2019

Во Кичево речиси на секој чекор никнува по едно ново училиште за германски јазик. Трендот не е случаен. Се повеќе граѓани се заинтересирани да научат германски и да си заминат. Бројките го потврдуваат тоа

https://p.dw.com/p/3FoOv
Deutschunterricht für Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

По неколку илјади жители на Кичево годишно го напуштаат градот. Трендот е особено засилен во последните години. Целта е речиси секогаш- Германија. Но, за да се стигне до посакуваната дестинација и таму да се најде работа, прв услов е познавање на германскиот јазик. Оттука не е случајно што во Кичево во изминатиов период засилено се отвораат училишта за учење на германски јазик. Интересот кај граѓаните е голем.

„Учам германски затоа што сакам да заминам во Германија, за да работам како стоматолог. Сакам да ја развијам својата кариера, а таму и професионалноста е поголема“, вели стоматологот Лиридона Зекири.
Големиот интерес на жителите за учење на германскиот јазик ги става менаџерите на училиштата пред проблем: тие имено немаат доволно кадар за да ја покријат наставата. 

Погледнете повеќе во видеото: 

Кичевчани масовно учат германски јазик

„Имаме недостаток на наставници по германски јазик, затоа што побарувачката постојано расте", вели Валентина Ристовска-Бошковска, директорка на училиштето Адамс. Таа забележува дека во минатото, интересот за учење германски бил поголем кај етничките Албанци, но во меѓувреме, и Македонците масовно го изучуваат јазикот.
Аделина Џамбази, која е професор по германски јазик речиси 15 години, вели дека интересот за изучување на германскиот јазик е двојно зголемен во минатата година. Таквиот интерес таа го поврзува со податокот дека „во 2018 година 2.000 луѓе го напуштиле градот. И во 2019 година истиот број се очекува да се зголеми на 4.000," вели Џамбази.
Ваквите трендови, се чини, ги потврдуваат и податоците на Агенцијата за вработување. Имено, во 2018 година, во Кичево се евидентирани 700 помалку невработени лица во однос претходната година. Дел од нив нашле вработување во регионот, но се претпоставува дека голем дел ја напуштиле земјата.