1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинсман: Желбата и надежта на љубителите на фудбалот да бидеме светски прваци 2006-та е цел што и јас си ја поставувам

29 јули 2004

35 денови по оставката на Руди Фелер, Германскиот фудбалски сојуз денеска официјално го претстави 108-кратниот поранешен репрезентативец Јирген Клинсман како нов шеф на стручниот штаб на репрезентацијата. Според очекувањата, претставен беше и Оливер Бирхоф како менаџер на државниот тим.

https://p.dw.com/p/Aemm
Клинсман и Бирхоф на денешната прес-конференција во Франкфурт
Клинсман и Бирхоф на денешната прес-конференција во ФранкфуртФотографија: AP

Некогашните капитени на германската репрезентација склучија двегодишни договори и ќе го водат државниот тим до светското првенство што ќе се одржи во Германија во 2006-та година. Шампионска титула од тоа првенство е целта што ја формулира Клинсман на денешната прес-конференција во седиштето на Фудбалскиот сојуз во Франкфурт, која беше пренесувана од првата програма на германската телевизија – податок што зборува за значењето што му се придава на прашањето за раководењето со репрезентацијата: “Љубителите на фудбалот, така сега верувам, имаат голема желба и голема надеж дека ќе бидеме светски прваци во 2006-та година.Тогаш тоа е и цел што јас си ја поставувам. Мислам и дека имаме потенцијал – се разбира, со сите постоечки проблеми – да можеме да го оствариме тоа, што на пример ни го покажаа Грците на Европското првенство”.

За задачите што непосредно му претстојат, Клинсман рече: “Ако фрлам поглед напред, моја прва задача се разбира е да составам способен тренерски штаб и во тоа опкружување да интегрирам и други луѓе за кои сум уверен дека ќе можат да изградат однос спрема тие големи очекувања од Светското првенство и кои се способни да се изложат на голем стрес”.

Клинсман ќе мора најитно да изнајде тренер за репрезентацијата, откако со посакуваниот Холгер Озик не се усогласија околу иста стратегија. Сега како кандидати фигурираат Ралф Рангник, донеодамна тренер на Хановер, потоа Јоахим Лев и Азгаир Сигурвинсон. Разговорите по ова прашање ќе бидат интензивирани наредните денови.

Инаку, преостанатите германски претставници во Интертото купот синоќа остварија половичен успех: Шалке на гости ја победи данската екипа Есбјерг со 3 спрема 1 и се‘ поголеми се неговите изгледи сепак преку успех во овој да се избори за учество во Купот на УЕФА. Хамбургер ќе мора да се потруди во реваншот пред своите навивачи да го надомести поразот од 1 спрема 0 од шпанската екипа Вилјареал.

Баерн Минхен е финалист на Лига-купот по синоќешната победа над Баер Леверкузен со 3 спрема 0. Вечер во вториот полуфинален дуел се среќаваат првакот Вердер и Штутгарт.