1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кнајсл за ДВ: „Западен Балкан е чуден вештачки поим“

5 јуни 2018

Од јули Австрија ќе претседава со Советот на ЕУ. Во фокусот до крајот на годината би требало да биде приближување на Западен Балкан кон ЕУ. Интервју со австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл.

https://p.dw.com/p/2yxyz
Flaggen Westbalkan-Konferenz in Berlin 2014
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Дојче веле: Кои се Вашите цели како претседавач на Советот на ЕУ?

Карин Кнајсл: Од аспект на надворешната политика, тука првенствено е приближувањето на земјите од Југоисточна Европа кон Европската унија. Тој регион ни е важен, а беше многу запоставен во последните 20 години. Лично го избегнувам поимот  „Западен Балкан“,  зашто тоа е чуден вештачки поим и за мене градовите како Сараево и Белград во секој случај се европски градови.

Велите „приближување“. По самитот во Софија се јави релативно големо разочарување во шесте држави кои се наоѓаат на различни степени на поврзаност со ЕУ, од кандидати до некандидати. Што ќе се обидете да постигнете?

Можеме да ја искористиме постоечката динамика.  Самите држави мора да спроведат во дело цела низа реформи.  Во Босна и Херцеговина станува збор првенствено за реформа на избирачкото право, во пресрет на изборите на 7. октомври, и тука не можеме нешто да понудиме, туку само да ги потсетиме државите дека мора да продолжат со реформите. Во разговор со колегите во престолнините кои се географски и историски можеби малку пооддалечени, ќе нагласуваме колку ни е важен тој регион.

Значи, Вие сте за продолжување на процесот на интеграции и прием на тие шест држави?

Ние сме за тоа оние кои донесуваат одлуки да ги спроведат реформите во дело, за да дојде до приклучување кон ЕУ.  Станува збор за крајно различни земји со многу различни демографски и административни претпоставки. Не можете сите тие држави да ги ставите во ист кош, туку секоја од нив ќе продолжи со реформските процеси во рамките на еден позитивен натпревар.

Österreich Karin Kneissl wird Außenministerin
Карин Кнајсл: шесте аспиранти за ЕУ не можат да се стават во ист кошФотографија: picture-alliance/dap/S. Jenis

Последните денови во Австрија се водат жолчни дебати на тема миграција и можно повторно воведување гранични контроли. Што се случува?

Основната слобода во ЕУ на кое сѐ се заснова, од интеграција до влез во ЕУ, мораме да ја држиме во паметна рамнотежа. Но, во таа дебата не смее да има забрана на мислења.

Апропо забрана на мислења - луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн изјави: Не сакаме Вишеград плус Австрија. Што би одговориле на тоа?

Не можам сосема да се сложам со тоа предупредување (а во рамките на ЕУ такви формати има доста, од Остерлиц, преку Вишеград, па до други). Една работа не смееме да загубиме од вид. Ние историски и географски сме блиски, но разликата е во тоа што случајот со споменатите четири држави станува збор за членки на НАТО, а ние не сме негова членка, и тоа е нешто што нас, кога станува збор за многу надворешнополитички одлуки, фундаментално нѐ разликува.

И покрај тоа, постои надеж дека Австрија ќе оствари одредено влијание врз тие земји. Господин Аселборн изјави: Таму не постои функционален правен систем. А за Унгарија - дека нема слобода на печат. Што може Австрија да издејствува таму, можеби токму во рамките на претседавањето со Советот на ЕУ? 

Против Полска покренавме постапка според членот 7 (проверка дали некоја земја-членка ги повредила вредностите на ЕУ) и ќе внимаваме да не се мешаме во тековните постапки. Како министер морате да извршите и по некој задкулисен разговор, но не се мешаме во тековните постапки.

Каква Европа ви лебди пред очите? Имате ли некое сценарио за излез од кризата?

Токму тие сценарија ги направи претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер пред една и пол година и тие беа претставени пред Европскиот парламент. Австриската влада во декември поднесе своја програма во која јасно е изнесено четврто сценарио. Тоа значи дека е решавачки, според супсидијарен принцип, да се погрижиме за тоа и ЕУ да се фокусира на суштински и крупни теми, за кои ни се потребни заеднички решенија, на пример заштита на надворешните граници на ЕУ, заедничка надворешна и безбедносна политика или климатските промени. Таму каде државите или регионите ќе најдат подобри решенија, зашто се поблиску до граѓаните, таму ни е потребно помалку ЕУ.

Карин Кнајсл е австриска непартиска политичарка. Од 18.12.2017. година е австриска министерка за Европа, интеграција и надворешни работи.