1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски, Рама и Вучиќ, сепак, заминуваат за Брисел

ДТЗ
22 јуни 2022

Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати, објави албанскиот премиер на Твитер

https://p.dw.com/p/4D4LC
Nord-Mazedonien l Forum - 100 Tage Regierung - mit Kovacevski
Фотографија: Government of North Macedonia

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски кој веќе е на пат, како и неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, сепак, ќе патуваат во Брисел за да учествуваат на Самитот ЕУ - Западен Балкан

„Донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан“, соопшти Ковачевски на социјалните мрежи. 

Според него, доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот.

Веста ја потврди и албанскиот премиер Рама на Твитер.  „Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која што ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од страна на Бугарија што сето тоа го уништува“, вели Рама.

Open Balkan Summit
Лидерите од Отворен Балкан деновиве беа во дилема дали да присуствуваат или не на Самитот во Брисел Фотографија: Office of the Prime Minister of Albania

Тој додава дека „само што слушнал дека нешто денеска се придвижува во Бугарија“. „Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има војна на европската граница“, вели Рама.

Ваквата одлука се носи откако учесниците во Отворен Балкан деновиве разговараа околу дилемите дали да се присуствува или на Самитот,  за кој беше изразен скептицирам дека ќе донесе исчекор во однос на евроинтеграциите.

Лидерите од Западен Балкан в четврток треба да присуствуваат на средба со врвот на Европската Унија, пред јунскиот самит на Европскиот совет на кој се очекува да се разговара за проширувањето на Унијата.