1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Да се изолираат жариштата на Ковид-19?

Сабине Кинкарц
21 декември 2020

Бројот на заразени вртоглаво расте, болниците се преполнети, покраинските власти размислуваат за воведување полициски час: и покрај локдаунот ситуацијата со короната ескалира во Саксонија. Се заканува ли втор Бергамо?

https://p.dw.com/p/3mwgi
Deutschland Sachsen Corona-Pandemie Shutdown
Фотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Вознемирувачки вести од Саксонија. Покраинските власти бележат преку 400 новозаразени на 100 илјади жители за само една недела. Во три округа бројката изнесува дури над 600 случаи. За споредба: на ниво на цела Германија моментално се 179 новозаразени на 100 илјади жители. 

Два дена порано од остатокот од земјата Саксонија го воведе локдаунот со затворени продавници, училишта и градинки. Сите треба по можност да седат дома. Но, граѓаните не го прават тоа, напротив - во Саксонија мобилноста е највисока на сојузно ниво. Покраинските власти затоа размислуваат за заострени мерки. Очигледно дури и за можноста предели со посебно голем број на заразени целосно да бидат изолирани.

Дали локдаунот ќе има ефект?

Вест која предизвика големо вознемирување. Сеуште ништо не e одлучено, вели покраинскиот премиер Михаел Кречмер и предупредува од хистерија. Кризен штаб ја анализирал општината со најголем број заразени, се чекале заклучоците. Освен тоа мора да се види како ќе делуваат мерките од локдаунот. Тоа ќе се покажело дури за 10 до 14 дена. „Претходно нема да има други дополнителни ограничувања”, нагласува премиерот. 

Речиси сите германски жаришта се во Саксонија. Особено е погоден југоистокот на покраината, односно регионот каде Германија, Чешка и Полска граничат една на друга. Десетици илјади лица работат прекугранично и секој ден возат во соседната држава и назад. „Имаме огромна квота на лица што доаѓаат од надвор”, вели градоначалникот на Бауцен, Александер Аренс. „Само во градското јадро на Бауцен секој ден доаѓаат околу 20 илјади лица за на работа, што на вкупно 40 илјади жители на градот е огромен број”. 

Вирусот се шири и преку граница  

Чешка со десет милиони жители спаѓа во една од најсилно погодените европски земји од пандемијата. До сега таму имаше речиси 10 илјади смртни случаи, бројот на заразени е толку висок што вонредната состојба заради корона треба повторно да биде продолжена пред Божиќ. Доктор на клиника кој работи на германска страна од граничното тромеѓе вели дека неговата болница била толку преполнета што „тријажата” веќе била применувана. Поимот потекнува од францускиот јазик и преведено значи избор. Во случајов се мисли на тоа кој Ковид-19 пациент ќе има пристап до ограничениот број апарати за кислород, а кој не. Избор кој може да претставува и одлука меѓу живот и смрт.

Deutschland Sachsen Corona-Pandemie Shutdown
Саксонија воведе локдаун два дена пред мерката за биде применета за цела ГерманијаФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Саксонски Бергамо

Многу од клиниките во Саксонија работат на раб на капацитетите бидејќи недостасуваат болнички кревети, а и персонал. 

Пратеникот од Саксонија, Маркус Вандервиц, уште на почетокот на месецов предупреди за таквата ситуација.

Ни се заканува „саксонско Бергамо“, рече тој алудирајќи на ситуацијата во италијанскиот град од пролетоска. Во источна Саксонија, во планинскиот регион, во моментов недостасува 60% од медицинскиот персонал бидејќи или се заболени, или се во карантин.

И градоначалникот на Бауцен потврдува дека болниците се преполни. Јасно му e дека бројот на инфекции ќе се зголемува. Уште кон крајот на октомври, кога бројот на заразени и починати од коронавирус во Чешка екстремно се зголеми, во градскиот совет веќе се разговарало на темата, вели Александер Аренс. „Ја поддржувам идејата да не се затвори границата со Чешка,“ нагласува тој. Мора да се најдат други средства и начини пандемијата да се стави под контрола.

„Анти-маски“ и негирачи на корона

Луѓето од југоисточна Саксонија не сакаат кога нешто им се наметнува. „Заострените мерки се должат на фактот што луѓето се чуствуваа патронизирано и од претходните мерки,“ објаснува градоначалникот. На што мисли веднаш се забележува кога ќе се фрли поглед во центарот на Бауцен: сѐуште можете да се забележат луѓе без маски и покрај одлуката за нивно задолжително носење, или пак ги носат спуштени под носот.

Ако им се обратите во врска со тоа, најголем дел одмавнуваат со раката и брзо продолжуваат понатаму. Други пак во разговор отворено кажуваат дека се сомневаат во високиот број на заразени и воопшто во медумските извештаи. 

Во продавницата за играчки „Холцвурм“ особено се добредојдени луѓе без маски, бидејќи сопственикот е од оние кои отворено повикуваат да им се спротивставите на наметнатите ограничувања поради пандемијата. Кога носи маска во татковината, се чуствувал дека го гледаат како да доаѓа од друга планета, раскажуваше на почетокот од месецов пратеникот Вандервиц.

Само конфронтација со факти има ефект

 На свест се наидува само кај оние кои самите се заболени од Ковид 19, или имаат некој заболен во кругот на семејството и пријателите. „Никому не му посакувате да ја фати оваа болест,“ раскажува брачен пар кој го сретнавме во пешачката зона во градот, а кој неодамна го прележал коронавирусот. 

Еден постар човек признава дека од почетокот не сакал да верува оти коронавирусот е толку опасен сѐ додека ќерка му која работела во болница не му ја претставила пластично ситуацијата.

„Неодамна на мојот Фејсбук профил споделив двеминутно видео од болницата во Герлиц кое без коментар покажува што се случува внатре,“ вели градоначалникот Аренс. 

Саксонците лесно поминаа во првиот бран, поради што многумина не сакаат да поверуваат во она што се случува сега. „Пролетоска речиси и да немавме случаи на заболени. Повеќето луѓе дури и не познаваа некој што познава некого кој знае некој што е заболен.“

Последици од диктатурата во Источна Германија

Поврзано со искуството од летото кога бројот на случаи насекаде беше низок и стабилен, дел од луѓето есенва се изненадија оти „сепак може да имаме проблем“, вели Аренс. „Проблем“ кој во следните недели во најлош случај може да доведе до тоа полицијата да ги блокира пристапните патишта кон жариштата во Саксонија, при што никој нема да може ниту да влезе ниту да излезе од таму.

Александер Аренс страхува дека можно заострување на ограничувањата за движење нема да биде туку-така прифатено. „Спроведување на мерки како што е тоа можно во Кина, овде никој не би поддржал.“ Како причина за тоа го наведува искуството од времето на Источна Германија каде социјалистичката држава до најситен детал регулирала што е дозволено, а што не. „Луѓето се многу посамосвесни отколку пред 30 години и сакаат повеќе да им се почитува ставот. Повеќе треба да работиме на разумни препораки.“

Но, и Аренс е свесен дека доаѓа момент кога ни препораките веќе не се доволни. „Се наоѓаме во ситуација кога мора да посегнеме по ултима рацио за да не дозволиме бројките и натаму експлозивно да растат.“  

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ