Ковид-ваучерите се спас за туризмот!
18 мај 2020Веста за третиот пакет мерки за помош од кризата наметната од пандемијата на Ковид-19 предизвикува олеснување. Посебно кај најтешко погодените хотелиери и угостители. Пакетот мерки тежи 355 милиони евра, а вкупно се таргетирани дури 730.000 корисници. Помошта за домашниот туризам значи по 100 евра за околу 100.000 граѓани, кои ќе ги добијат средствата во вид на ваучери, плус дополнителна платежна картичка во вредност од 50 евра. Ваквиот потег на владата е вистински потег во вистинско време, коментира во разговор за Дојче веле, Крсте Блажески, претседател на организацијата на хотелиери ХОТАМ. Според пресметките, таа ќе донесе најмалку половина милион гости, но и дополнителен прилив со оглед дека ваучерите се наменети само за оние граѓани кои имаат плата до 15.000 денари и немаат други приходи. Блажески е задоволен, иако дополнително очекува и поконкретни мерки за долгорочен спас на туризмот во државата.
ДВ: Господине Блажески, што значи за Вас мерката на владата која е дел од третиот пакет за справување со кризата?
Крсте Блажески: Очекувавме дека ќе има нешто вакво. Сега тоа се донесе и на некој начин се спасува туризмот. Штетите во овој сектор се огромни, бидејќи два месеца обртот ни е нула. А тоа знаете што значи. Ова е еден добар почеток, и да има задолжување, сепак се пуштаат тие пари во оптек, ќе закрепне индустријата, ќе закрепнат рестораните, добавувачите. Оти видете, ние сме научени да зборуваме дека ништо не добиваме, владата не дава, или даде таму или ваму, а не гледаме дека нема прилив. Ниту ние, а со тоа ниту државата има прилив, нема даноци, нема ништо, ништо не функционира. Треба да има приливи за да се добие. Ако се задолжуваме само нон-стоп и тоа не оди некогаш. Затоа сметам дека ова е еден вистински потег, позитивен сигнал за домашниот туризам.
Колкави се штетите коишто досега ги трпите?
Штетите се огромни. Колку и да била досега слаба сезоната, сме имале гости, но кога имате нула, тогаш тоа е нула. Ударот го трпиме во стартот на најдобрата сезона. Јануари, февруари и март се традиционално послаби. Секогаш сме се подготвувале за април и мај. И токму овој месец ни се најголемите проблеми. Ако во април имаме 30% пополнети капацитети, во мај одиме на 80% од капацитетите и тој процент или тренд се задржува заклучно со септември.
Какви се сега проценките, кога би можеле да отворите и може ли воопшто да зборувате за конкретни бројки?
Сега е прашање колку тоа ќе биде доволно со број на ноќевања што се правеле претходно. Секако дека нешто ќе се покрие, но пред сѐ ќе биде позитивен знак за домашниот туризам. Покрај сетот мерки, очекуваме датум за почеток со конкретни мерки како ќе се почнува, со кои капацитети, да бидеме на почисто и да знаеме точно како да се подготвиме. Според најавите и нашите проценки, веќе од 15 јуни очекуваме солиден прилив на гости, а на 1 јули да имаме и половина исполнетост на капацитетите. Оваа година ќе биде различна од претходните, кога сезоната започнуваше по 10 јули.
Конкретно, што значат 100.000 ваучери за овој бизнис. Доволно ли е да се надоместат штетите од кризата?
Видете, 100.000 е голема бројка со оглед на тоа дека Охрид и Струга минатите години имале еден милион гости. Но внимавајте, зборуваме за цела сезона, односно во текот на целата година. Ако зборуваме за летниот период, 100.000 посетители, тоа нема да бидат една вечер, едно ноќевање. Туку сигурно дека ќе бидат пет ноќевања, што би значело 500.000 ноќевања, што е доста значајна бројка. А сигурно дека ќе имаме и посетители коишто ќе доаѓаат без ваучери, бидејќи знаеме дека овие 100.000 се наменети за оние со најниски примања. Да не заборавиме дека тие ќе добиваат и дополнителни ваучери од по 50 евра за трошење во рестораните, дали кај нас или надвор каде ќе бидат сместени сеедно. Ќе имаме неколку опции за договарање, дали гостите ќе сакаат полн пансион, или можеби полупансион или ноќевање со појадок. Од тие опции ќе зависи конечната бројка.
Добро, вие и досега бевте во игра за помош. Добивте можност да конкурирате за минимална плата од 14.500 денари...
Не е сѐ до платата, таа е 25% од вкупниот обрт во овој бизнис. Ако имате нула обрт, а имате и други трошоци, за одржување, чуварски служби, имало-немало гости мора да се покријат, вработени кои работат на одржување на објектот, така што, општо земено, оваа гранка е сериозно оштетена во моментов. Но ние правиме и некои предлог мерки за подолг рок. Очекуваме да се донесат подолгорочни мерки да се применат општо во туризмот и се надеваме тука да има разбирање.
Што сметате дека е потребно, а досега не е дел од мерките?
Многу е важно како ќе се одвива даночната политика. Можеби сега е моментот да е разговара за намалување на ДДВ од 18% на 5% и за ресторанските услуги. За ноќевањата тоа е 5%, но, еве, да се воведе и за ресторанските услуги. Тоа би имало големо значење во следните две, три години, со што би се повратиле од оваа загуба што сега ја трпиме.
Зборувате за рестораните во рамки на хотелите?
Општо за сите ресторани, не само за хотелите, бидејќи и рестораните како такви не работат и тие имаат огромни загуби. Така што, сметам дека ова би било добар начин да се помогне дополнително, данокот на додадена вредност да се намали во период од година или две, па потоа да почне да се корегира нагоре и да стигне на задоволително ниво.
Како ќе започнете со работа, сепак состојбите налагаат поголема претпазливост и мерки за заштита. Имате ли веќе план?
Се зборуваше за намалување на капацитетите во хотелската индустрија, но ние мислиме дека тоа нема да има значење, бидејќи станува збор за посебни соби. Сѐ додека се одвиваат ресторанските услуги на начинот на кој што се замислени, капацитетот на собите нема да прави разлика, бидејќи ќе имаме сместување соба до соба. Нема да има разлика и мислам дека ќе биде коректно.
Да, но полни капацитети ќе значат и многу гости на едно место?
Да, со самото намалување, би се намалил и вкупниот број гости. Не знам дали можеби тоа е намерата за да се намали вкупниот број на гости во туристичките места, да не се создадат гужви. Тука треба и приватните капацитети да се ограничат. Хотелските капацитети долж Охридското крајбрежје се една четвртина од вкупните во овој регион, така што можеби треба тука да се размислува во тој однос. Има толку станови колку што има, тоа сѐ ќе биде полно, ќе треба да се спроведуваат мерките околу ресторанските услуги и тоа е тоа. Но допрва очекуваме да се утврдат и тие работи.