1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инјекција од рекордни 700 милиони евра

Костадин Делимитов
28 мај 2020

Парите се добредојдени за стопанствениците, но дали и доволни за покривање на потребите? Седмата еврообврзница е безмалку тројно поповолна од онаа во кризната 2009. 

https://p.dw.com/p/3csBR
Länderfinanzausgleich Symbolbild Geldscheine Spritze
Фотографија: imago

Македонската економија може полесно да дише откако и официјално доби потврда дека е обезбеден купувач за издадената еврообврзница, седма во историјата на државата. Среде криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, земјата обезбедува 700 милиони евра кои и тоа како ќе му дојдат добро на буџетот кој веќе покажува знаци на хронична неликвидност. Наместо првично најавуваните или очекуваните 800, обезбедени се 700 милиони евра, по каматна стапка од 3,675% што е втора најниска камата од сите досега издадени обврзници. Од Владата се задоволни што процесот е успешно заокружен:

„Ова ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време на Ковид 19 кризата - најголема економска криза после Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата“, соопштија од министерството за финансии.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Она што изненадува е податокот дека интересот кај странските инвеститори за македонската еврообврзница бил поголем. Како што тврдат од министерстввото за финансии, дури за пет пати од износот кој бил издаден:

„Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекономската и финансиска стабилност, како и нашата посветеност и успехот постигнат последниве години во евроатланските интеграции“, коментираат од министерството за финансии.

Повеќе:

-Бизнисмените задоволни од ребалансот, бараат похрабри потези од владата

-Секоја трета фирма бара финансиска помош од Владата

-Бараат ли странските инвеститори среде криза „преку леб погача“?

Ликвидноста е клучна

Парите од еврообврзницата се очекуваа со нетрпение. Не само од страна на Владата, која сега може да биде „поопуштена" во покривањето на дупките од кризата, туку и од страна на бизнисот, кој е соочен со хронична неликвидност. Првичните реакции се главно позитивни:

„Генерално земено, лично сметам дека е подобро да се задолжиме отколку да немаме пари. Затоа што ако влеземе во ликвидносна замка тогаш од тоа самостојно нема да можеме да излеземе како држава. Затоа сметам дека е подобро повеќе да сме должни отколку да се вртиме во круг. Ликвидноста во овие моменти на криза е клучна и доколку нема пари ќе влеземе во ликвидносна катастрофа“, коментира Антони Пешев, бизнисмен од Стопанската комора на Македонија. 

Поделба на товарот

Дали овие 700 милиони евра се доволни, Пешев засега не сака да прогнозира. Ликвидноста дефинитивно дека ќе се подобри, но за стопанството ќе беше многу полесно ако и државната администрација го поделеше товарот со приватниот сектор:

„Дилемата дали се тие пари доволни сега не може да се каже, во принцип ние немаме увид во внатрешните состојби, но со оглед на тоа дека ликвидноста е клучна тогаш тоа е така и немам дилема. Единствена голема грешка во целата оваа состојба е што администрацијата не почувствува никаков удар. А можеше по 10% проценти во три месеца да се заштеди за други намени. Тоа се големи пари. Мислам дека немаше да има реакции ако времено се намалеа платите со гаранции дека ќе се вратат назад по кризата на исто ниво. Но се играше политичка игра и тоа е грешка. Сега приватните фирми ќе се борат, ќе се задолжуваат, а на јавната администрација ништо не и фали“, коментира Пешев. 

Инвестиции и поддршка на извозот

Она што е клучно периодов за стопанството е освен реализација на мерките, фокусот да се насочи кон реализација на крупните проекти, но и да се поддржат фирмите што креираат додадена вредност:

„За стопанството е ургентно да продолжи трошењето на пари за инфраструктура и за проктите кои се проектирани од страна на државата. Дополнително да им се помогне на извозниците да излегуваат надвор, за транспорт, преку гаранции, банкарски гаранции, да се задржи нивото на извозот оти тоа паѓа. Тоа е делумно заради нас, но генерално заради автомобилската индустрија. Ние имаме многу извоз алоциран околу автомобилската индустрија", објаснува Пешев.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Заокружувањето на процесот со еврообврзницата практично ја заокружува и целокупната финансиска конструкција неопходна за годинава. Батрем според сегашните пресметки. Освен овие 700 милиони евра, Владата обезбеди заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра и од Светска банка во износ од 140 милиони евра. Во тек се и преговори за 160 милиони евра од Европската унија кои според надлежните во финансии е извесно дека наскоро ќе бидат обезбедени и ставени на располагање.

„Со ова се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8% од БДП со ребалансот, обврските по основ на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и сигурносни средства за справување со евенутален повторен шок и зависно од развојот на настаните делумно финансисрање на потребите за следната годна“, соопштуваат од министерството за финансии.

Задолжување и раздолжување

Издавањето на еврообврзницата со првично проектираниот буџет за годинава беше планирано за третиот квартал во износ од 500 милиони евра. Сепак, пандемијата и кризата која следуваше ја наметна потребата од итно репрограмирање на плановите но и на сумата. Вкупниот долг годинава ќе достигне 1,65 милијарди евра, или околу 700 милиони евра повеќе од планираното. Нешто помалку од една третина од овие пари, или 500 милиони евра се планираат да се обезбедат од домашниот пазар преку деловните банки и емисија на државни хартии од вредност.

Обезбедените средства од еврообврзницата и кредитите од меѓународните финансиски институции ќе го зголемат нивото на јавниот долг до крајот на годината на 57% од бруто домашниот производ. Во моментов, долгот изнесува 5,56 милијарди евра или 50,7% од БДП. Задолжувањето сепак има за цел и раздолжување, кое само за годинава изнесува 705 милиони евра, а наредната 2021 дури 936 милиони евра. Нешто полесно треба да биде во 2022 кога доспеваат за раздолжување 353 милиони евра.  

Македонските власти досега имаат издадено седум еврообврзници, заклучно со последната. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година во износ од 150 милиони евра. Втората и досега најскапа е во 2009 за врема на светската финансиска криза кога каматата изнесуваше 9,875%. Во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ беа издадени уште три еврообврзници, во 2014, 2015 и 2016. Најевтината еврообврзница беше издадена во 2018 по каматна стапка од 2,75%.