1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помеѓу здравјето на граѓаните и здравјето на бизнисот

Костадин Делимитов
19 март 2021

Одењето од кафеана во полициски час само ја проширува пандемијата. Несовесноста ја урива стратегијата за балансирање со мерките. За засилени рестрикции апелираат дури и угостители! 

https://p.dw.com/p/3qpZA
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Мерки има, ама посакуваните ефекти ги нема. Ширењето на пандемијата не запира ниту во услови на воведен полициски час во текот на ноќта. Ковид-статистиката станува сѐ поцрна, бројот на заразени се зголемува, а болниците се полнат. Надлежните најавуваат заострување на рестрикциите, но дали тоа е вистинскиот рецепт?

Дилемите се отворени, но промените се нужни, посебно во услови кога досегашните мерки на балансирање не ги дадоа посакуваните резултати. Тоа што се` уште нема вакцини за засилена имунизација е сериозен проблем, но проблем е што и на терен има широка злоупотреба и непочитување на протоколите. Казните и контролите се очигледно недоволни, што само ја зголемува нервозата:

„Државата помага, но ако самите не си помогнеме и освестиме како граѓани и сите овие даватели на услуги, никој нема да може да ни помогне. Не е суштината да ги наоѓаме дупките во правилата, прописите и протоколите, туку безусловно и доследно да ги почитуваме и да ги спроведуваме. А сведоци сме дека не се почитуваат. И еве, во очекување сме на една целосна рестрикција, иако тоа требаше постепено да се направи, на дневна или неделна основа, согласно движењето на кривата на бројот на заразени“, реагира во изјава за ДВ Климент Наумов од Здружението на угостители и туристички водичи.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Пандемијата не запира ниту во услови на воведен полициски часФотографија: DW/P. Stojanovski

Непочитување на мерките 

Наумов доаѓа од фелата која е соочена со најголеми проблеми, но и која е најгласна во апелите и барањата за помош од државата.

„Да, јас сум од полето на туризмот и угостителството, една од тие засегнати страни коишто изгубија многу, но не би рекол дека сум изгубил нешто, туку дека сум пропуштил можност да остварам некоја добивка изминатиов период. Но кога гледам како ги губам моите блиски роднини, пријатели, познаници од оваа болест ниту едни пари, ниту едни мерки, ниту едно гледање низ прсти тоа не го оправдува. Човечкиот живот е бесценет и државата мора да преземе сѐ за да го заштити своето население“, реагира Наумов.

Државата досега презеде низа мерки, кои главно беа балансирачки и во корист на економијата. Дали е проблем само непочитувањето на мерките, или е тоа кокетирањето во стратегијата?

„Самата Влада, која и да е на власт, во ваква ситуација мора да одржи еден еквилибриум, еден баланс помеѓу здравјето на граѓаните и 'здравјето' на бизнис секторот. Но ако се навратиме малку поназад, на она што го добивме како одговор од ЕУ, можеби Владата требаше повеќе да потроши во помош и поддршка за бизнис секторот и на физичките лица. Оти, сетете се, добивме порака дека не сме трошеле доволно за некогаш да добиеме дел од таа ветена помош од 50 милиони евра. Од друга страна, јас сум поборник за поголеми рестрикции на сите полиња, затоа што ниту една мерка не може да врати човечки живот, а сведоци сме дека нема почитување на протоколи. Сепак, треба и инспекциите кои се задолжени за санкции да стапат на сила“, реагира Наумов.

Republika Srpska Alkoholkonsum
Дел од здравствените работници сугерираат дека е неопходно да се стави клуч на врата на угостителските објектиФотографија: DW/A. Slavnic

Она што дополнително иритира во целата ситуација се реакциите во јавноста. Критиките се постојано гласни. Како тогаш им успева на останатите земји да функционираат затворени или полузатворени?

„Кога започна пандемијата јас бев во Франција. Таму уште во старт, на 17 март, беше воведен локдаун. По два месеца се отворија само суштинските бизниси, колонијали, здравство, прехрана. Рестораните добија можност, но мораа да најдат начин за бесконтактно да работат и да даваат услуги и тоа успешно го направија. Но факт е дека треба да има и поголема помош, барем за бизнис заедницата, а треба и да има консензус околу мерките, оти гледаме што се случува во парламентот, каде не може да се изгласа петтиот пакет мерки. Без разлика на партија, некои суштински работи кои се за доброто и здравјето на населението треба да се носат со консензус, не со мнозинство, туку со 100% мнозинство", предупредува Наумов.

Барања за затворање на угостителските објекти

Во очекување на конечната одлука на надлежните сѐ погласни се реакциите и на здравствените работници, кои заговараат засилени рестрикции, но не и подолготрајни карантини. Дел од нив сугерираат дека е неопходно да се стави клуч на врата на угостителските објекти, но и да се воспостави ред во јавниот превоз: 

„Сите мерки, додека работат кафеани, кафулиња, фитнес клубови, коцкарници и обложувалници се депласирани, без разлика дали има полициски час од 22 до 05 часот. Казнување на луѓе по улица дека не носеле маски, нема никаква врска со ширење на епидемија. Се знае каде се шири епидемија. Рестораните, барем според мене, не треба да работат. Тие работат од економски причини, па плаќаме со болест и животи, а друго е што таму внатре не се почитуваат мерките“, реагира микробиологот Никола Пановски.

Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Ковид-статистиката станува сѐ поцрна, бројот на заразени се зголемува, а болниците се полнатФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Надлежните велат дека засилување на мерките ќе има најверојатно од наредната недела. Анализите покажале дека главната причина за забрзаното ширење на вирусот периодов се младите кои се групирале по 22 часот, па затоа и била воведена мерката полициски час:

„Тоа што го детектиравме за време на претходниот бран беше дека по воведувањето одредени мерки во период од две недели беа видливи резултатите, тоа го очекуваме и сега. Ние сега сме во петтата недела и ако претходниот бран траеше шест до осум недели, тоа значи дека сме ја поминале половината и во таа смисла ги очекуваме резултатите на крајот на оваа и почетокот на следната недела", изјави Филипче.

Нови рестрикции, нова помош?

Од Владата велат дека доколку со новите рестриктивни мерки има дополнителен удар врз одредени дејности, во смисла на скратување на работното време или целосно затворање, тогаш ќе има и дополнителна поддршка за нив.

„Така се постапуваше во изминатиот период откако е почната пандемијата и така ќе се постапува и понатаму додека трае кризата. Туристичко-угостителскиот сектор, којшто е најпогоден од пандемијата, доби и најголема поддршка преку владините мерки, а наскоро ќе биде објавен огласот за ваучери за поддршка на домашниот туризам. Јавните повици за оваа мерка се подготвени и ќе се објават некаде кон почетокот на месец април, но тоа нема да биде единствената помош за секторот“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ТВ Алсат.

„И овде може да се работи“

Од стартот на пандемијата, надлежните носеа повеќе мерки и воведуваа серија ограничувања во работењето на повеќе дејности. Една година подоцна, бројките се поразителни, не само во делот на црната ковид-статистика, туку и во економијата, која е соочена со драматичен пад. И покрај државната интервенција и помош, многу дејности замреа, а околу педесетина илјади лица останаа без работа како директна последица на пандемијата.