1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога не се пред очи, се заборава на бегалците

Оливер Залет/ превод: Зоран Јордановски20 јуни 2016

Бегалската криза предизвика судбината на бегалците конечно да стане светска тема. За жал, тоа не значи дека нивната положба многу се промени, смета Оливер Залет.

https://p.dw.com/p/1J9sF
Фотографија: Dona Bozzi/Pacific Press/picture alliance

Во Грција повторно е воспоставен ред. Исчезнаа шаторите од дивиот логор на границата кон Македонија. Му дојде крајот на животот во ѓубриште, помеѓу чад, смет и фекалии. Грчката влада го расчисти теренот. Европа може да здивне, сега ние веќе не мораме да трпиме слики од деца во кал.

Но, Грците сепак не можат да го ублажат прекорот дека Европа потфрли во бегалската криза, оти страдањето на бегалците продолжува – само веќе не пред очите на јавноста. Во земјата и натаму ги има повеќе од 50 000, најголемиот дел згрижени од државата, во официјални логори на грчката влада. Состојбата таму сепак не е многу подобра отколку пред тоа. Комесаријатот за бегалци на ОН ја оценува како достојна за живеење. Но, хуманитарните организации и печатот немаат пристап – а кога нема кој да се жали, нема ни кој да суди.

Ширум светот 60 милиони луѓе се во бегство

Судбината на оние кои пристигнаа до грчкиот брег е само маргина на историјата на светските бегалски кризи. ОН известуваат дека во светот има 60 милиони бегалци, половината од нив деца. Нивната судбина е во голема мера непозната во Европа, оти најголемот дел воопшто не доаѓаат во наша близина. По десетици илјади бегалци од сириската граѓанска војна кампуваат во логори во Јордан или во Турција. Се проценува дека во Либија околу еден милион бегалци чекаат да бидат префрлени кон Европа.
Причините за бегство се многукратни, арените на кризи се расподелени низ цел свет. Во Мали повеќе од 200 000 луѓе бегаат од војна и разорување. Во Мјанмар владата го прогонува народот Рохинѓа. Од страв за својот живот многумина бегаат и од наводно безбедни држави како Пакистан Авганистан.

Oliver Sallet Kommentarbild App
Оливер ЗалетФотографија: DW

Огради од бодликав тел на шенгенски граници

Овде кај нас ние очајнички се обидуваме да ја ставиме ситуацијата под контрола, оти бројката на бегалци треба да се намалува. Турција за шест милијарди евра им ги симнува бегалците од вратот на Европејците и ги сместува во градови од шатори, а Австрија и балканските земји ги држат границите затворени. Во овие денови се чини дека ограда од бодликав тел речиси е нормална работа.

Ѓаволската трка од илегални преминувања на границата и враќања назад одамна започна. А ние повторно сме таму, каде што бевме и минатото лето. Бескрупулозни махери ветуваат префрлување кон Европа во преполнети пловечки ковчези. Само годинава досега во Медитеранот се удавија речиси 3000 бегалци, околу илјада повеќе отколку лани.

А политичарите мерките во Европа сепак ги “продаваат” како успешни. Точно е дека бројката на новодојдени бегалци драстично се намали. Но со тоа само ги замајуваат “загрижените граѓани” дека владите имаат контрола врз бегалската криза. Пораката е: помалку бегалци во земјата – и проблемот е решен. Тоа е политика на вртење на погледот, на метење со туркање на ѓубрето под тепих, со надеж дека тоа ќе доведе до смирување кај нас – што е ненадминливо лицемерие. Оти, бегалската криза трае, посебно надвор од европските граници. Некакво глобално решение нема. Притисок врз владите во Европа настанува само кога граѓаните се директно засегнати – а тие се се`помалку засегнати со оглед на опаѓањето на бројката на бегалци.

Средоземното море – јаз за заштита околу тврдината Европа

За вистинско решение е неопходно и решение за причините за бегство. Но, се` додека во Сирија и натаму се војува, луѓето и натаму ќе се обидуваат да дојдат во Европа. Ниедна ограда од бодликав тел нема да ги запре – само Средоземното море станува смртоносен јаз со вода околу тврдината Европа. Спогодбата ЕУ - Турција, како и затворањето на балканската патека навистина ја намалуваат бројката на бегалци во Европа, но ја зголемуваат бројката на мртви во Медитеранот.

Во Германија бегалците и натаму се добредојдени, но на патот до овде ним им се заканува смрт. Би било добро да му се стави крај на тој цинизам и да се создадат легални можнсти за доаѓање на оние, кои имаат потреба од заштита – и тоа за цела Европа, а не само за коалицијата на оние кои сакаат да помогнат. Тоа барем би претставувало некаква перспектива – исто така и за многуте милиони бегалци чија судбина во Европа речиси не се ни регистрира.